• петок, 21 февруари 2025

Совети „за долготраен и среќен брак“ што не се соодветни во секоја ситуација

Совети „за долготраен и среќен брак“ што не се соодветни во секоја ситуација

Скопје, 20 февруари 2025 (МИА) - Мигот кога ќе му кажете „Да“ на партнерот може да изгледа како почеток на среќен живот, но бракот не е секогаш лесен. Во периоди кога се соочувате со проблеми, многу луѓе ќе Ви понудат совет за тоа како нештата да се поправат. Повеќето совети веројатно се искрени и добронамерни, но некои од нив може да бидат штетни, пишува порталот „Кликс“.

Следат три совети „за долготраен и среќен брак“, коишто не се соодветни во секој поединечен случај.

„Секој заеднички миг мора да биде посебен“

Советот дека секој момент со Вашиот партнер мора да биде исполнет со нешто спектакуларно, како вечера со свеќи или викенд-забави - може да создаде непотребен притисок. Иако посебните мигови се навистина важни, секојдневните активности, исто така, имаат своја вредност. Заедничкото чистење на куќата, шетањето со домашно милениче или, просто - разговор може да биде исто толку скапоцено како и луксузните патувања. Заборавете на перфекционизмот и уживајте во едноставните работи што зближуваат.

„Во ред е ако нема секс“

Иако повремените периоди без секс не мора да значат дека има проблеми во бракот, ако недостатокот на интимност трае - тоа може да биде знак за подлабоки несогласувања.

Сексот е важен дел од брачниот живот, оти ги поврзува партнерите на емоционално и физичко ниво. Ако сексуален живот веќе и „не постои“, тоа значи дека мора отворено да разговарате меѓу себе и да ја разјасните причината за проблемот. Игнорирањето на овие проблеми може да доведе само до емоционално оддалечување и дополнителни несогласувања.

„Родителството ќе ги реши сите проблеми“

Ова е еден од најчестите совети коишто паровите ги добиваат кога минуваат низ сериозни турбуленции во односите. Многумина веруваат дека детето како нов член на семејството може да ги подобри односите и да ги реши брачните проблеми. Но, ова е заблуда. Детето може да донесе среќа, но создава и дополнителен стрес и одговорности што може и да ги влошат постојните несогласувања.

Ако не поработите на Вашата врска пред да станете родители, проблемите сè уште ќе постојат, па дури може да се соочите и со нови предизвици. Значи, советот тука гласи: Прво посветете ѝ се на врската и проблемите, па дури потоа остварете проширување на семејството.

Бракот бара континуирана работа на него и комуникација. Треба да се има на ум дека советите што ги добиваме од другите можеби не се секогаш корисни и може да нѐ одведат во погрешна насока. Најважно е да бидете искрени еден со друг и да работите на врската, наместо да се потпирате на совети што можеби нема да го решат вистинскиот проблем.  си/сд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан