Наскоро почнува изградбата на делница од гасоводна мрежа кон зоната во кумановско Доброшане
- Избрана е фирмата изведувач за изградба на нова гасоводна мрежа за Доброшане, наскоро се очекува да почнат градежните активности, соопштија денеска надлежните од ЈП „Куманово гас“. Делницата ќе биде во должина од два километри и води кон индустриската зона во ова населено место. За проектот аплицираше Општината, а го финансира Владата преку програмата за поддршка на општините.

Куманово, 6 февруари 2025 (МИА) - Избрана е фирмата изведувач за изградба на нова гасоводна мрежа за Доброшане, наскоро се очекува да почнат градежните активности, соопштија денеска надлежните од ЈП „Куманово гас“. Делницата ќе биде во должина од два километри и води кон индустриската зона во ова населено место. За проектот аплицираше Општината, а го финансира Владата преку програмата за поддршка на општините.
-Наредниов месец, кога ќе ја дозволат временските услови, ќе почне изградбата. Неколку компании веќе почнаа со изработка на проектна документација. Очекуваме со самото инсталирање на дистрибутивната мрежа на тој дел од градот да имаме и нови приклучоци, изјави директорот на ЈП „Куманово Гас“ Марко Митровски.
Откако ќе се изгради мрежата се очекува да се приклучат и домаќинства. Но, според праксата тие чекаат сè додека се приклучат големите потрошувачи и потоа ја подготвуваат проектната документација.
Од лани нови поголеми потрошувачи се средното училиште „Наце Буѓони“ и интернатот „Професор Мијалковиќ“, како и придружни објекти на училиштето.
-Наскоро очекуваме преку еколошки проект да се приклучат и полицијата, судот, Центарот за вработување, Центарот за социјални работи, училиштето „Толи Зордумис“. Веќе се избрани фирми, проектирањето е во завршна фаза бидејќи контактираме со нив, даваме совети и помош колку сме ние надлежни. Во наредениот период треба да аплицираат за дозволи за поставување на урбана опрема. Набрзо ќе се распише и оглас за да се изберат фирми изведувачи, кои ќе го изведуваат. Ние како претпријатија се спремаме, ќе имаме некоја мала делница за да дојдеме до нив со гасификација. Ќе го исполниме тоа и ќе стоиме на располагање на тие институции, ќе го направиме приклучокот и во наредната 25-26 година грејна сезона и тие да станат наши потрошувачи каде што треба да се зголеми потрошувачката на природните за некои 20 до 30 проценти, според наша пресметка, изјави Митровски.
Претпријатието веќе подготвува апликација за изградба на нова делница во должина од шест со седум километри која ќе се протега дел од улицата „Никола Тесла“, „Доне Божинов“ кон населбата Карпош, „11 Ноември“, бројни улици во населбата Гоце Делчев.
Во однос на субвенциите за приклучок на гас за домаќинствата се очекува да пристигнат кон крајот на летото и почетокот на есента. Општината субвенционира 25.000 денари за приклучок, дел од мерки за намалување на аерозагадувањето.
- Така беше и минатата 24 година кога сите нови приклучоци ги остваривме во август, септември, октомври, пред почетокот на грејната сезона. Имавме неколку разговори со Министерството за енергетика и тие да субвенционираат одредена сума на средства како што беше пример во 2023 година сè уште немаме таква потврда и информација меѓутоа очекуваме во текот на годината да субвенционира и Министерството за енергетика, изјави Митровски. ам/мд/
Фото: МИА