Мобилна „комунална“ ноќ по обилниот дожд во Битола и утрово комуналците на терен
- Јавните комунални претпријатија чиј основач е Општина Битола синоќа ги санираа последиците од обилниот дожд, а увид на активностите изврши градоначалникот Тони Коњановски.
Битола, 8 јануари 2026 (МИА) - Јавните комунални претпријатија чиј основач е Општина Битола синоќа ги санираа последиците од обилниот дожд, а увид на активностите изврши градоначалникот Тони Коњановски.
Пред полноќ се излеа и реката Курдерес која го спречи сообраќајот на улиците „Крушевска“ и „Македонска фаланга“ кои водат кон граничниот премин Меџитлија.
-Водата е повлечена, а екипи на јавните претпријатија „Водовод“, „Комуналец“, „Нискоградба“ и на противпожарната единица на Битола пристапија кон чистење на локацијата. Во селото Кравари работат три машини на каналската мрежа, една од АД Водостопанство подружница „Битолско поле“ и две машини од јавното претпријатие “Водовод“. Градоначалникот Тони Коњановски со екипи од „Битолско поле“ и другите јавни претпријатија беа на увид по течението на реката „Драгор“ до вливот на река „Црна“, при тоа ги посетија населените места Долно Оризари, Карамани и Трн. Состојбата е стабилна, реката „Драгор“ ги прибира сите води и ги носи во главниот реципиент реката „Црна“, информираа од Општина Битола.
Утрово ЈП „Битолско поле“ со целата расположлива механизација продолжува на терен со санација, ЈКП „Нискоградба“ интервенира во селото Канино, на улицата „Скоевска“, а ќе се интервенира во Кажани, како и на влезот на Битола кај Горно Оризари. Претходно интервенираа и над локалитетот „Хераклеа“, каде имаше проблем од надојдената вода, потоа на улицата „Солунска“ во населбата „Боримечка“, на Лавчански пат и населбата „Стрчин“.
Јавното претпријатие „Стрежево“ интервенира во селото Лера, заглавено дрво во малиот мост кој спречува истекување на водата. Од претпријатието информираат за многу надојдена вода во реката „Шемница“, а патот кој води за селото Доленци е привремено затворен за движење. Екипите се на терен и секаде се следи состојбата.мт/вј/
Фото: Општина Битола