Мицотакис со честитка за Тасулас, опозициските партии ја критикуваат Владата поради недостигот на широко мнозинство
- Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му честиташе на новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, изразувајќи увереност дека „ќе ја исполни високата улога како симбол на националното единство, но и како гарант за демократска нормалност и уставна стабилност“, додека пак опозициските партии упатија критики до Владата бидејќи шефот на државата не беше избран со широки мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 12 февруари 2025 (МИА) – Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис му честиташе на новоизбраниот претседател на Грција Константинос Тасулас, изразувајќи увереност дека „ќе ја исполни високата улога како симбол на националното единство, но и како гарант за демократска нормалност и уставна стабилност“, додека пак опозициските партии упатија критики до Владата бидејќи шефот на државата не беше избран со широки мнозинство, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис посочи дека Тасулас има „и авторитет и политичко искуство“, дека денешниот избор е „и институционална победа за политичкиот систем“, бидејќи, како што објасни, успешно беше финализирана соодветната уставна одредба, но и како што рече, „се покажува колку погрешни беа обидите на некои да го вовлечат Тасулас во ситнопартиски антагонизми“.
Критиките за Тасулас во изминатиот период се однесуваат на железничката несреќа кај Темпи пред речиси две години, односно дека за време на неговиот мандат како претседател на Парламентот, пратениците не успеа да истражат каква било политичка одговорност поврзана со несреќата.
Лидерот на СИРИЗА Сократис Фамелос рече дека изборот на Тасулас е „спротивен на барањето на општеството за правда и транспарентност за криминалот кај Темпи, но и за планот за прикривање што започнува со самиот премиер“ и додаде дека Мицотакис одбра претседателот на државата да биде избран само од владиното мнозинство, „навредувајќи ја институцијата“, со оглед на тоа што новоизбраниот шеф на државата не доби поддршка од друга партија.
Портпарол на ПАСОК Костас Цукалас истакна дека со одговорност на премиерот, „денешниот ден ќе остане во историјата како ден кога беше прекината една од ретките традиции на консензус во грчкиот политички систем“, бидејќи, како што објасни, по 30 години кога претседателот се избираше со широко мнозинство, денеска „имаше жално назадување со изборот на претседател на државата со само 160 гласа, далеку од симболичните 180 пратеници“.
Критики за денешниот избор на претседател имаше и од помалите грчки опозициски партии.
Тасулас со 160 гласа „за“, односно со поддршка од целата пратеничката група на Нова демократија (вкупно 156 пратеници), од двајцата поранешни членови на владејачката партија, а сега независни пратеници, како и од уште двајца независни пратеници, претпладнево беше избран за претседател на Грција.
Функцијата ќе ја преземе на 13 март годинава кога завршува петгодишниот мандат на актуелната претседателка Катерина Сакеларопулу. ср/рп/