• сабота, 22 февруари 2025

Мицотакис: Европа треба да ги зголеми трошоците за одбраната

Мицотакис: Европа треба да ги зголеми трошоците за одбраната

Атина, 3 февруари 2025 (МИА) – За потребата Европа да ги зголеми трошоците за својата одбрана, а воените трошоци да бидат изземени од финансиските правила на ЕУ, пишува грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во неговата колумна за „Фајненшл Тајмс“ и предлага формирање нов европски инструмент во висина од најмалку 100 милијарди евра евра за финансирање на нашите потреби за колективна одбрана, јави дописничката на МИА од Атина.

Мицотакис вели дека комбинацијата на руската војна против Украина, нестабилноста на Блискиот исток и пошироките глобални промени „значи дека Европа мора да преземе поголема одговорност за својата безбедност“, посочува дека ЕК проценува дека се потребни дополнителни инвестиции од 500 милијарди евра во одбранбениот сектор во следната деценија.

- Ова не е само неопходност, туку и можност да се обезбеди европска стратешка автономија, за која долго време се залагав. Но, за да се случи ова, потребна е колективна акција на два фронта: прво, потребен ни е одржлив модел на финансирање за зголемени трошоци за одбраната. И второ, треба да ја трансформираме европската одбранбена индустрија, пишува Мицотакис.

Објаснува дека во однос на финансирањето, проблемот е што во новата европска фискална рамка, зголемувањето на трошоците за одбрана „веројатно ќе ги активира таканаречените процедури за прекумерен дефицит, кои беа дизајнирани да ги задржат буџетите на државите во одредени граници“, но и дека едноставен начин да се надмине ова е „трошоците за одбраната однапред да се исклучат од фискалните цели“.

- Вклучувањето на безбедноста и одбраната во листата на стратешки приоритети на Европската инвестициска банка ќе помогне. Сепак, само ова ќе покрие само мал дел од нашите инвестициски потреби. Поради оваа причина, базирајќи се на позитивното искуство со Механизмот за закрепнување и отпорност на ЕУ во однос на пазарите, предлагам создавање на нов европски инструмент, во висина од најмалку 100 милијарди евра за финансирање на нашите потреби за колективна одбрана, пишува грчкиот премиер.

Дополнително во колумната потсетува на иницијативата поднесена со Доналд Туск во мај минатата година за создавање на европски штит за противвоздушна одбрана, што, како што објаснува ќе има директно влијание во четири области.

- Прво, тоа ќе им овозможи на земјите-членки и на ЕУ во целина да се справат со клучните слабости во нивните одбранбени способности. Второ, ќе ја зајакне технолошката и индустриската база на Европа. Трето, видливо ќе го зголеми придонесот на Европа во НАТО и ќе ја зајакне трансатлантската соработка. На крај, а можеби и најважно, тоа би испратило несомнена порака дека Европа е обединета и одлучна, глобална сила која треба да се земе предвид, објаснува Мицотакис.

На крајот од колумната порачува дека „ако ЕУ сака да остане столб на мирот и стабилноста, треба да стекнеме силен, обединет и кредибилен капацитет за одвраќање“, но и дека „нема време за губење“. ср/ссм/

Остани поврзан