Мицкоски: Да ја смениме перцепцијата, да не зборуваме за манипулативни теми, да водиме политика во која ќе си ги вратиме луѓето
- Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека треба да се смени перцепцијата и да почне да се зборува за позитивни теми, за политика со која, како што рече, ќе си ги вратиме луѓето, а не за измислени, манипулативни теми од страна на „талогот во општеството“.
Скопје, 9 декември 2025 (МИА) - Премиерот Христијан Мицкоски денеска истакна дека треба да се смени перцепцијата и да почне да се зборува за позитивни теми, за политика со која, како што рече, ќе си ги вратиме луѓето, а не за измислени, манипулативни теми од страна на „талогот во општеството“.
- Логично е дека талогот во општеството, кој е артикулиран во неколку опозициски партии, создава таков притисок врз луѓето и наеднаш тие се чувствуваат напнати и викаат што подалеку од овде. Напротив, ние треба да водиме политика во која ќе си ги вратиме луѓето. Еве, пред некој ден воздухот во Скопје беше почист од воздухот во Белград, во Сараево, во Приштина, во Љубљана, во Загреб, па и Виена. Зошто тоа никој не го проследи? Ајде за убави работи да зборуваме. Ајде малку да ја смениме перцепцијата. Да победуваме, место да губиме. Зошто да не бидеме горди дека во неделата воздухот во Скопје беше почист од тој во Виена во 14 часот. Никој тоа не го кажува, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски пред Собранието, одговорајќи на новинарско прашање.
Премиерот рече дека сака да зборува за оваа тема, како и за 3,8 отсто раст на БДП зад Данска, Кипар и сите други земји членки во регионот.
- Порано вест беше дека нашиот северен сосед има трипати поголем раст на БДП од нашиот. Сега ние имаме двапати поголем од нив. Зошто тоа никој не го кажува? Зошто никој не кажува дека денеска за 0,5 отсто е намалена инфлацијата и одиме кон она што го зборувавме, под четири проценти за до година да ја консолидираме меѓу два и три проценти? Ве молам да зборуваме за убави работи. Празници се ближат. Луѓето сакаат да зборуваат за убави работи, а не за измислени теми. Да има во ова нешто точно или вистинито, во манипулации со мигранти и слично, јас ќе бидам прв и ќе ви кажам. Додека јас сум претседател на Владата, такво нешто нема да има, појасни премиерот.
Прашан ако се утврди одговорност, дали ќе побара разрешување на директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата (СОЗР) Ивица Томовски, премиерот Мицкоски рече „апсолутно“.
- Јас ги повикувам сите институции, и Јавното обвинителство и ДКСК, сите да констатираат факти и да видиме дали постои одговорност или не. Но, доколку не постои одговорност тогаш логично е овие кои ја водат кампањата и да се извинат затоа што не можете туку така да си растурате пердуви и да останете без да имате некаква одговорност. Тоа не е коректно пред македонските граѓани бидејќи создавате темнина. Наместо ние сега да славиме дека имаме 3,8 отсто раст на БДП во третиот квартал, трет е во Европа, тоа никој не го зборува. Место да зборуваме дека номиналниот бруто домашен производ ни порасна за 10,2 проценти историски, што досега никогаш не се случил, тоа никој не го зборува, туку сега ќе се занимаваме со измислени теми, изјави премиерот. мд/паг/
Фото: Принтскрин
Видео: МИА