
6 февруари 2025
Скопје - Недостатокот на јавни обвинители речиси во сите јавни обвинителства во нашата држава е сериозен проблем, вели претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриевска, посочувајќи дека тоа влијае не само на квалитетот на истрагите, туку и на ефикасноста на самите постапки.
За пополнување на основните јавни обвинителства единствениот законски услов, нагласи Димитриевски, е само со завршена Академија за судии и јавни обвинители.
Скопје - Живко Митревски е незаконски сменет од позицијата претседател на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), а актуелниот прв човек на ССМ Слободан Трендафилов е нелигитимно избран и сите активности со кои тој раководи се неважечки.
Ова денеска го соопшти Митревски, откако ја обелодени пресудата од Основниот граѓански суд - Скопје донесена по неговото тужбено барање. Митревски бара од Владата и надлежните институции веднаш да интервенираат согласно пресудата и да го впишат како легитимен претседател на ССМ.
Скопје - Потребна е поголема транспарентност во формирањето на цените, Владата и институциите да ги прошират контролите на цените и во регулацијата да ги вклучат и добавувачите и увозниците. Да се прошират регулаторните мерки со цел да се спречат добавувачите од манипулации со цените, а потрошувачите мора да знаат кој ги поставува цените што би се направило преку јавни кампањи за подигнување на свеста.
Како што информира денеска Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), ова се дел од донесените заклучоците од направената анализа на пазарот на супермаркети наспроти добавувачи, која што ги детектира точките каде растат цените и каде треба да се интервенира и од одржаниот состанок со претставниците на малопродажните ланци и локалните клучни партнери.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски очекува во наредниот период да се одржат средби со претставници на бугарската Влада. Според него, тоа е нешто што не треба да не изненади, бидејќи, како што вели, нормално е ние да разговараме со соседите, да градиме односи.
-Што се однесува до средби, ние и веќе имавме средби во минатото со највисокото бугарско раководство со тогашниот нивен технички премиер. Очекувам во периодот што следи на различно ниво да има средби со бугарската Влада и тоа не е нешто што треба да не изненади. Нити ние ќе исчезнеме, нити тие ќе исчезнат, ние повторно ќе си бидеме соседи, изјави Мицкоски во одговор на прашање на МИА, за евентуални средби со новото бугарско раководство, откако вчера министерот за европски прашања Орхан Муртезани од Брисел изјави дека бугарската страна е подготвена за разговори.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека е потребно формирање нов Судски совет кој ќе биде објективен и непартиски, за да се обезбеди правда и ред во системот. Во врска со најавата дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет, Мицкоски рече дека според него, тоа е чекор кон длабоки реформи и ослободување на правосудниот систем од контроверзии и корупција.
- Ние не можеме да направиме целосно распуштање, ниту пак можеме за така кратко време да ги детектираме аномалиите. Но, можеме да избереме судски совет, којшто објективно без партиски стеги, без интереси, ќе може да го разбистри ова политичко мочуриште и да биде своевиден монитор на тоа како судиите се однесуваат, какви одлуки носат и зошто носат такви одлуки, рече премиерот во изјава за медиуми пред денешниот брифинг со новинарите во Клуб на пратеници во Скопје.
Скопје - Лидерот на СДСМ Венко Филипче излезе со реакција на најавата на премиерот Христијан Мицкоски дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесат иницијатива за разрешување на членовите на Судскиот совет.
-Потребни се темелни реформи на правосудството и тоа го очекуваат граѓаните. Но, реформи кои ќе значат независно и ефикасно судство кое ќе обезбеди правда. Не смее да дозволиме правдата која ја бараат граѓаните да се претвори во нова партизација и окупација преку смена на Судскиот Совет од страна на власта, објави Филипче на неговата Фејсбук страница.
Скопје - Јавен обвинител од ОЈО Скопје донел наредба за спореведување истражна постапка против две лица, за директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата на Република Северна Македонија кој се сомничи за примање поткуп и проневера во службата и за сопственик и управител на правно за кој постои сомневање за давање поткуп.
Поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоците во постапката, пред се вработени во Службата за општи и заеднички работи кои допрва треба да бидат испитани, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за првиот осомничен.
Скопје - Советот на јавни обвинители објави оглас за избор на вкупно 47 јавно обвинителски места низ повеќе Основни јавни обвинителства на територија на целата држава. На огласите се очекува да се пријават кандидатите од осмата генерација на Академијата на судии и јавни обвинители, на кои вчера им беа доделени уверенија за успешно помината почетна обука.
Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, појасни дека се објавува оглас за избор на 14 јавни обвинители во ОЈО Скопје, четири во ОЈО Тетово, по три во ОЈО Куманово, Охрид, Прилеп и Штип, по две во ОЈО Гевгелија, Битола, Гостивар, Кичево и Струмица и по едно во ОЈО во Крива Паланка, Велес, Ресен, Струга, Радовиш, Делчево и во Кочани.
Скопје - Агенцијата за катастар на недвижности информира дека од денеска официјално е пуштена во употреба апликацијата за увид во статусот на барањата поднесени и заведени во електронскиот систем на Катастарот. Со новата апликација се зголемува ефикасноста, а граѓаните и професионалните корисници брзо и едноставно ќе можат по електронски пат да го следат статусот на своите предмети. Откако ќе поднесат барање, неговиот статус ќе биде достапен во реално време – не повеќе од 1 час по поднесувањето.
- Ги слушавме вашите повратни информации, ги анализиравме проблемите и се обврзавме да создадеме решение кое не само што ќе ги надмине овие предизвици, туку и ќе нè поттикне напред во дигиталните иновации, истакна директорот на Агенцијата за катастар на недвижности Иван Живковски. Тој додаде дека граѓаните остануваат главен приоритет, а дигитализацијата е високо на агендата на актуелното раководство.
Скопје - Продолжува период на стабилно и суво време со студени утра, на повеќе места со негативни утрински температури, а дневните ќе бидат во границите на просекот за овој
период од годината.
ОД УХМР најавуваат дека повремено наутро ќе има услови во котлините и особено долж Повардарието за појава на утринска магла и зголемена ниска облачност.
Софија - Бугарија целосно спровела само седум од 28-те препораки на Групата држави против корупцијата (GRECO) при Советот на Европа, се наведува во првиот извештај за усогласеноста на земјата со препораките дадени пред три години за спречување на корупцијата и зајакнување на интегритетот во власта и полицијата.
Според извештајот, 11 препораки се делумно спроведени, а 10 остануваат неисполнети, пренесува БТА.
Сараево - Босанската полиција заплени над 100 килограми дрога и уапси едно лице во акцијата „Такси“, објави државната телевизија БХРТ.
При претресот се пронајдени над два килограма кокаин, четири килограми амфетамин, 80 килограми марихуана, 26.000 таблети екстази и 30 литри течен амфетамин. Освен дрога, запленети се и две пушки, пет пиштоли, два пригушувачи и над 400 парчиња муниција.
Загреб – Шумски пожар во хрватската област Истра зафати стотици хектари трева и ниска вегетација, а пожарникарите сè уште се борат со огнената стихија, пренесува хрватскиот портал Индекс.
Пожарот избувнал вчера попладне и, поттикнат од силен ветер, се проширил кон околните ридови. Иако е под контрола, огнот сè уште не е изгаснат.
Бања Лука - Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, оцени дека условите во кои поранешниот политички лидер на босанските Срби, Радован Караџиќ, ја издржува казната доживотен затвор во Велика Британија се „нехумани“ и дека неговата здравствена состојба е сериозно загрозена.
„Животот на Караџиќ е во опасност поради неадекватната медицинска грижа и нехуманите услови во британскиот затвор на островот Вајт“, напиша Додик на социјалната мрежа Икс по разговорот со ќерката на Караџиќ, Соња Караџиќ.
Брисел - Соработката меѓу НАТО и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и справувањето со заедничките предизвици, беа главни теми на средбата на заменичката генерална секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска со финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен, чија земја е и актуелен претседавач на ОБСЕ.
Како што соопшти НАТО, на средбата Шекеринска ја поздравила одлуката на Валтонен Киев да биде нејзина прва дестинација за посета по преземањето на должноста претседавач со ОБСЕ на 1 јануари годинава, како и посветеноста на Финска состојбата во Украина да остана главен приоритет на Организацијата за време на нејзиното претседавање.
Москва - Министерството за одбрана на Русија соопшти дека вооружените сили нападнале инфраструктура на воените аеродроми, магацини и подготвителни локации за лансирање на беспилотни летала на украинската армија.
Во соопштението на руското МО се истакнува и дека единиците на Северната група нападнале формации на украинската армија во населбите Волчанск и Охримовка во Харковската област.
Брисел - Имплементацијата на Компасот за конкурентност, изработката на „Белата книга“ за одбраната и развојот на стратегија за вештачката интелигенција, се дел од приоритетите во Програмата за работа на Европската комисија за 2025 година, што следниот вторник треба да биде претставена пред Европскиот парламент во Стразбур.
Предлог-програмата за работа, чија конечна верзија претходно треба да биде усвоена од Колеџот на комесари, содржи 25 точки групирани по теми, кои ги даваат насоките на кои ќе се посвети Европската комисија во текот на оваа година.
Москва - Русија е подготвена да преговара со официјален Вашингтон, но тоа не мора да биде по секоја цена, изјави рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков.
Според него САД би требало да преземат прв чекор кон нормализација на односите.
Тел Авив - Поранешниот премиер на Израел, Ехуд Барак предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на околу два милиона Палестинци од Појасот Газа го оцени како „фантазија“.
- Тоа не изгледа како план, што некој сериозно го разгледал. Тоа повеќе личи на провокација или можеби обид да се покаже поддршка за Израел, изјави Барак.