• сабота, 22 февруари 2025
МИА Флеш

17 февруари 2025

Скопје - Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во, западните, централните и источните делови од државата, но во моментов не преставуват пречка за одвивање на сообраќајот, информира ЈП Македонијапат.

Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на планинскиот превој Стража, до 70 метри на планинскиот превој Плетвар, во Крушево до 80 и во Маврово од 50до 70 метри.

Скопје – Министерот за локална самоуправа Златко Перински очекува до летово да заврши целата постапка за измена на Законот за локална самоуправа и новите кандидати за градоначалници во ноември годинава да бидат избрани по новото законско решение со кое ќе биде предвидена можноста за референдумско отповикување на градоначалник, воведувањето на комунален надзор и поголемо учество на граѓанскиот сектор во носењето одлуки на локално ниво.

Нагласи дека очекува со процесот на подготовка на предлог измените да завршат околу 30 март и веднаш потоа да се усвојат на владина седница и да влезат во собраниска процедура. Потенцира дека измените не можат да важат ретроградно, што значи дека не може да биде отповикан ниту еден од актуелните градоначалници и додаде дека не може да се менуваат закони согласно персоналните решенија. Со измените, додаде, само сакаме да ја подобриме ситуацијата и состојбата на локално ниво и сите чинители кои се засегнати да имаат поквалитетно и поиздржано законско решение.

Скопје – Поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 процента. Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Перцепцијата за влијанието на Соединетите Американски Држави бележи значителен пад кај нашите граѓани - за 20 проценти во споредба со лани - покажуваат наодите од Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија во 2024 врз основа на анкета од октомври до декември минатата година.

Анкетата ја спроведе Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“-Скопје, кои 11 години ги следат трендовите и перцепцијата на јавноста во однос на европската интеграција.

Скопје - Пратеничката група на СДСМ и коалицијата до Собранието денеска поднесоа Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за ДДВ, со кој бараат намалување на данокот за електричната енергија од 18 проценти на 5 проценти и укинување на ДДВ за основните прехранбени производи, односно негово намалување од 5 проценти на 0 проценти. 

Како што информира на денешната прес-конференција пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи, со овие предлог-измени бараат системска реализацијата на две од седумте економски мерки на СДСМ.

Скопје - Политичката партија Левица до Собранието ќе поднесе предлог за измени на Законот за работни односи за надомест на патните трошоци на работниците.

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ на денешната прес-конференција во Собранието нагласи дека со измени во Законот за работни односи, нивната партија предлага да се врати ова право на работниците кога наместо да биде во нивните раце е оставено на волјата на работодавците. Потенцира дека со оваа иницијатива сакаат да ги стимулираат работодавците да организираат превоз, затоа што, како што рече, во сегашната форма во Законот се вели дека работодавецот може но не и мора да организира превоз.

Скопје - Стопанската комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, денеска до Владата, Министерството за економија и труд и Државниот пазарен инспекторат ги доставила предлозите за обезбедување ефективни мерки за намалување на цените на групи производи. 

Како што информираат од Комората, предлозите се подготвени по одржаниот состанок во петокот во Министерството за економија и труд, заедно со министерот, заменик-министерот, претставници од релевантни институции, како и членови на Комората. 

Скопје - Полициските службеници од сите осум Сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР изминатиот викенд издале вкупно 3.142 платни налози за сторени сообраќајни прекршоци по различни основи согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и Законот за возила, а наплатени се 1.314 платни налози.

Како што соопшти денеска МВР, според статистичките показатели прекршоците по основ на пречекорување на брзината на движење убедливо предничат, така што евидентирани се вкупно 1.498 прекршоци, во споредба со 535 издадени платни налози по основ на непрописно паркирање.

Скопје – Вкупно пет возила се оштетени, но нема повредени, во две одделни сообраќајни несреќи што се случиле во населбата Автокоманда на влезот на Скопје поради снегот и лизгавиот коловоз. Како што информира МВР, првата сообраќајка во која учествувале две возила во СВР Скопје била пријавена во 9:26 часот, а втората со три возила во 9:29 часот.

-Во 9:26 часот било пријавено дека во близина на бензинска пумпа, на влез во Скопје, се случила сообраќајна незгода помеѓу патничко возило „ауди“ со радовишки регистарски ознаки и патничко возило „фолксваген голф“ со италијански национални ознаки. Во 9:29 часот во СВР Скопје било пријавено дека на бул.„Александар Македонски“ во Скопје се случила сообраќајна незгода помеѓу три патнички возила „пежо 306“ со скопски регистарски ознаки, „форд фокус“ со бугарски национални ознаки и „сеат леон“ со скопски регистарски ознаки, соопшти МВР.

Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање во соработка со ЗЕЛС и општините, а согласно Акцискиот план за чист воздух за грејната сезона 2024-2025, иницираше координирана акција за собирање кабаст отпад и градежен шут  кој е препознат како еден од изворите на загадување на воздухот, нареченa „Сите заедно за почист воздух’.

Пилот акцијата на МЖСПП се спроведува во текот на три месеци: февруари, март и април во 8 градови низ државата, а во неа се приклучија општините Битола, Куманово и скопските општини Гази Баба, Центар и Кисела Вода.

Скопје - Друштвото на филмските работници на Македонија објави конкурс за  избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“-Битола.

Новиот директор на фестивалот ќе го наследи досегашниот Симеон Дамески кој во два мандати од по две години го водеше фестивалот на кинематограферите од светот кои секоја есен во Битола се натпреваруваат за наградата златна „Камера 300“.

Скопје - Еден од бисерите на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет (НОБ)  на 19 февруари со почеток во 20.00 часот.

Од НОБ соопштија дека приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква" од Виктор Иго, ќе биде изведена под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, сценографијата и костимографијата се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Скопје - ЗОО Скопје денеска информира дека минатиот вторник угинале берберски овци кои немале видливи знаци на повреди и претходно не покажувале знаци на болест. 

- Веднаш беа повикани инспектор од Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) и стручни лица од Факултетот за ветеринарна медицина, кои направија целосен увид на лице место и ја отпочнаа постапката за обдукција на угинатите единки. Причината за смртта ќе биде соопштена кога ќе бидат направени сите анализи и ќе ги добиеме резултатите од обдукцијата, се наведува во објавата на Фејсбук.

Скопје - Давид Јанев е новиот македонски шампион во друштвената игра „Катан“ за оваа 2025 година. Тој ќе ја претставува нашата држава на претсотјното Светско првенство во Штутгарт, Германија што ќе се одржи од 4. до 6 април.

„Давид беше најдобар меѓу 64-те стратези кои во неделата (16 февруари) во 'Лабораториум' се натпреваруваа на Државното првенство на Македонија во организација на 'Гоблин друштвени игри'. Како награда за успехот, покрај пехарот, тој ќе добие и бесплатен авионски лет, сместување и право за настап на најпрестижниот настан на годината со оваа светски позната друштвена игра“, соопшти „Гоблин“.

Софија - Според податоците на Институтот за безбедност во сообраќајот, во Бугарија во 2024 година се случиле вкупно 7.159 сообраќајни несреќи, во кои загинале 479 лица, а 9.046 биле повредени. Со оглед на населението од околу 6,44 милиони жители, ова значи дека на еден милион жители загинале 74 лица во сообраќајни несреќи, пишува денеска БТА и се осврнува на состојбата во соседните земји.

Загреб - Претседателот на Република Хрватска Зоран Милановиќ утре ќе положи заклетва за својот втор петгодишен мандат. На инаугурацијата во Претседателската палата на Пантовчак ќе присуствуваат околу сто гости, меѓу кои и четворица потпретседатели на Саборот, но никој од Владата.

Милановиќ повторно беше избран за претседател на 12 јануари, кога во вториот круг го победи својот противкандидат Драган Приморац, поддржан од ХДЗ.

Будимпешта  – Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто изјави дека европските лидери кои се за војна и против американскиот претседател Доналд Трамп денеска имаат средба во Париз на која ќе се обидат да го спречат постигнувањето на мир во Украина.

- Спротивно на тие лидери, ние ги поддржуваме напорите на Доналд Трамп … и ги поддржуваме американско-руските преговори и сакаме да има мир во Украина, истакна Сијарто.

Брисел  - По убиството на 19-годишно момче во саботата вечерта кај влезот во метро станицата „Клемансо“ во бриселската населба Андерлехт, минатата ноќ во овој дел на Брисел е регистриран уште еден оружен инцидент. 

Како што објави електронското издание не весникот „Соар“, инцидентот се случил околу 1.45 часот по полноќ во метро станицата Сен Гидон во Андерлехт, но нема информации за жртви. 

Брисел – Европска Унија мора да биде вклучена во преговорите со Русија за завршување на војната во Украина, за да би се мапирала идната европска безбедносна архитектура, изјави претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.

- Не се работи само за Украина. Во преговорите за нова безбедносна архитектура, треба да земеме предвид дека Русија претставува глобална закана, а не само закана за Украина, истакна Кошта пред итниот состанок на европските лидери во Париз, на кој ќе се разговара за ситуацијата во Украина.

Берлин – Во најновиот извештај на Институтот за економски истражувања (ИФО) од Минхен се наведува дека во Германија во моментов има помала побарувачка за квалификувани работници поради послабата економска ситуација во земјата.

Приближно 28,3 отсто од германските компании пријавиле недостиг на квалификувана работна сила, што е намалување од 31,9 проценти во октомври минатата година.

Тагови

Остани поврзан