• петок, 21 февруари 2025
МИА Флеш

4 февруари 2025 

Скопје - Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска изјави дека смета оти е добро што ќе има јавна расправа во Собранието за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, напоменувајќи дека тие како партија деновиве веќе работеле на одредени предлог законски решенија, од кои едното се однесува на одземање на возилото, меѓудругото како една од мерките во потешките случаи.

Филипче денеска по положувањето цвеќе во црквата „Свети Спас“ по повод 153-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев одговарајќи на новинарско прашање дали смета дека ја постигнале целта кога како власт во 2021 година ги намалиле казните за безбедност во сообраќајот истакна дека смета дека е добро што во Собранието ќе има јавна расправа за темата и оти секој немил настан треба да биде поттик за подобрување на системот.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски денеска заедно со претставници на македонската Влада положи цвеќе на гробот на Гоце Делчев по повод одбележувањето на 153-годишнината од неговото раѓање.

Мицкоски го честиташе денот од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев и посочи дека македонската Влада во иднина треба да има традиција во чествувањето на овој ден, бидејќи, како што рече, Гоце Делчев е дел од македонскиот идентитет.

Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче, во однос на замрзнување на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, смета дека САД треба да и останат партнер на земјава.

-Сметам дека одлуката за замрзнување на програмите на УСАИД може и не е дефинитивна. Ќе видиме како ќе се развива во следниот период поради тоа што новата адиминистрација на претседателот Доналд Трамп влегува во разговори и преговори, сакајќи да ги постигне ефектите во тоа што го најавува во однос на другите земји. Тоа е една сериозна помош која ние сме ја добивале прво како држава изминатиот период, влијаело и во намалување на дефицитот а секако сметам дека САД треба да најдат форма доколку сакаат да ја променат, и да останат партнер на земјава, изјави Филипче во одговор на новинарско прашање по посетата на црквата Св. Спас, каде се оддаде почит по повод раѓањето на Гоце Делчев.

Скопје - Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, во обраќање на настан денеска, посветен на презентација на Извештајот за мониторинг на СИГМА за 2024 година, ја нагласил важноста на реформите во јавната администрација како еден од клучните приоритети во пристапниот процес кон Европската Унија.

-Модернизацијата и унапредувањето на јавната администрација се темел на функционален јавен сектор, кој е двигател на секое демократско општество. Формирањето на Министерството за јавна администрација е стратешки одговор на Владата за забрзување на реформите и подобрување на ефикасноста и транспарентноста на институциите, истакнал Минчев.

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, денеска имаше работна средба со амбасадорката на Република Грција, Софија Филипиду. На средбата се разговараше за продлабочување на билатералната соработка во енергетскиот сектор, со посебен акцент на проектите од регионално значење, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.

Божиновска и Филипиду ја истакнаа важноста на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе придонесе за енергетска стабилност и диверзификација на изворите на енергија во регионот. Министерката Божиновска нагласи дека овој проект е од стратешко значење за земјата и ќе овозможи поефикасно снабдување со природен гас.

Скопје - Бараме итно вработување на медицинските лица кои со години работат без здравствено и пензиско осигурување, изјави денеска на прес-конференција, Гордана Бешлиовска, претседател на Унијата што ја предводи Здружението на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри „За нас“.

Бешлиовска информираше дека Унијата имала реакции од медицински сестри од целата држава, на кои им биле прекинати договорите за работа на дело. Не им било кажано да не доаѓаат на работа, ќе продолжеле, но, финансиска согласност за јануарската исплата, немало. Говорејќи за слабостите, таа подвлече дека имало примери кога на медицински сестри со високо образование им се забранувало да одат во смени, зашто ќе земеле големи плати со дежурствата.

Скопје - Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, изјави дека во измените на Законот за електронски комуникации кои се влезени во собраниска процедура, предвидено е да се забранат нелегалните онлајн игри на среќа.

-Во Законот за електронски комуникации предвидуваме една измена каде што со закон ги забрануваме нелегалните онлајн игри на среќа, или онлајн коцкарници. Во Македонија лиценци за приредување онлјан игри на среќа нема ниту една приватна институција, а граѓаните знаат дека бројни такви се присутни. Детектирани се околу 160 провајдери кои што се присутни на македонскиот пазар, а немаат лиценца за организирање на онлајн игри на среќа, изјави Андоновски во гостувањето во „Студио 10'' на Телевизија 24.

Скопје - Следува период на стабилно време со ниски утрински температури, информираат денеска од Управата за хидрометеоролошки работи.

За утре најавено е да дува умерен, а вдолж Повардарието, засилен северен ветер. На места, температурата ќе биде и минус седум степени Целзиусови. Се очекува максималната температура да достигне 12 степени Целзиусови во Гевгелија.

Атина - Се чини дека се отвора патот за зајакнување на европската одбрана, со сè повеќе сили кои ја препознаваат неопходноста. Во неизвесен и нестабилен свет, Европа е повикана да го бара своето место во однос на безбедноста и напредокот, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Фејсбук, изразувајќи задоволство за ставот на претседателката на ЕК во однос на трошоците за одбраната, јави дописничката на МИА од Атина.

Во објавениот пост Мицотакис вели дека на враќање од Брисел, каде што разговарал со неговите европски колеги за начините за зајакнување на европската колективна одбрана, бил информиран за изјавите на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен дека „е подготвена да ги истражи начините за буџетска флексибилност, со цел да се зголемат трошоците за одбрана според новиот Пакт за стабилност на Унијата“.

Вашингтон - Портпаролката на Белата куќа, Керолajн Левит изјави дека Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД) обезбедила 1,5 милиони американски долари за програми кои промовираат различност, правичност и инклузија (ДЕИ) на работното место во Србија.

Таа тоа го нарече злоупотреба и бескорисно фрлање пари, но прецизираше точно за кои програми во Србија станува збор, а наведе и колку пари се одвоени за конкретни програми во други земји.

Брисел - Во услови на зголемено руско мешање и обиди за влијание во Молдавија, Грузија и на Западниот Балкан, проширувањето на ЕУ станува директен предизвик за европската колективна безбедност, порача денеска претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола во обраќањето на Годишната конференција на амбасадорите на Европската Унија, насловена „Надворешна политика на ЕУ што испорачува“, што се одржува во Брисел.  

- Да не се залажуваме, проширувањето сега веќе не е само благородна амбиција, сега, цврсто верувам, дека тоа е геополитичка неопходност. Сепак, за жал, во последнава деценија загубивме повеќе членки, отколку што примивме, рече Мецола.

Осло - Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, треба да биде новиот министер за финансии на Норвешка во рамки на владината реконструкција што денеска ќе ја објави премиерот Јонас Гар Сторе, информираат од јавниот сервис НРК.

Столтенберг беше лидер на Лабуристичката партија и премиер на Норвешка неколку години, пред да биде генерален секретар на НАТО од 2014 до 2024 година.

Москва - Рускиот генерал Андреј Головачки е убиен во војната против Украина, пренесуваат руските медиуми.

Головачки беше осуден на осум и пол години затвор за корупција во 2019 година. Генерал-мајор Головачки беше осуден во февруари 2019 година заедно со двајца пензионирани „колеги“, генерал полковник Леонид Кривонос и капетанот Вадим Зујев, за земање мито од подредени во замена за продолжување на нивните договори со вооружените сили или нивно префрлање на друга официјална позиција.

Анкара - Привремениот сириски претседател Ахмед ал-Шара денеска ќе пристигне во соседна Турција на средба со турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган. Ова е неговата втора официјална посета во странство откако е на власт, јави ДПА.

Средбата е закажана за вечерните часови во главниот град Анкара, соопшти кабинетот на Ердоган. Двајцата лидери ќе разговараат за најновите случувања во Сирија и за заедничките чекори кон „економско закрепнување, одржлива стабилност и безбедност“, објави кабинетот на Ердоган на социјалната мрежа Икс.

Нови Сад - Новинарот, писател и публицист Теофил Панчиќ, еден од најценетите автори во регионот, почина во Нови Сад на 60-годишна возраст, објави денеска редакцијата на неделникот Време, во кој Панчиќ беше литературен критичар, колумнист и уредник на културната рубрика.

Заминувањето на Теофил Панчиќ му пркоси на мотото дека нема незаменливи луѓе. Со неговата смрт, Време останува без единствениот феномен на широка ерудиција, уникатен карактер, непогрешливо чувство за праведност и автор со неповторлив стил, се наведува во соопштението. Панчиќ се издвојуваше по „по остриот стил и критичките осврти за општествените и политичките состојби во Србија и регионот“, а во текот на својата кариера пишуваше за бројни медиуми и објави неколку книги, оставајќи значаен белег во новинарството.

Берлин - Поранешниот германски канцелар Герхард Шредер е хоспитализиран поради „тешка исцрпеност“ (burnout), јави ДПА.

Според писмото од неговиот лекар, Шредер страда од синдром на сериозна исцрпеност со типични симптоми на длабока замореност и сериозен недостиг на енергија.

Вашингтон - Доналд Трамп Помладиот, најстариот син на американскиот претседател, е обвинет за нелегален лов на диви патки во Италија и наводно застрелал многу редок вид во заштитено подрачје, јавуваат италијанските медиуми.

Случајот, во чиј фокус е видео на кое се гледа како Трамп Помладиот пука во патки додека лови во венецијанската лагуна, треба да биде прикажан пред италијанскиот парламент.

 

 

Остани поврзан