• петок, 21 февруари 2025
МИА Флеш

11 февруари 2025

Скопје - Падот од два индексни поени на Македонија во извештајот на Транспаренси интернешнл за перцепција на корупцијата за 2024 година, за премиерот Христијан Мицкоски е очекуван, а извештајот претставува добра основа за понатаму да следиме дали ќе напредуваме, ќе бидеме подобри или полоши и основа за подобрување на позицијата.

Одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција по потпишувањето на договори меѓу АД ЕСМ и Банкарска група KfW, претседателот на Владата рече дека извештајот е логичен и оти сите критериуми во Извештајот биле во период на претходната влада.

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова гледа деблокирање на македонскиот евроинтеграциски процес. Според нејзините сознанија, како што изјави денеска, има исчекор. Ново е, рече, тоа што групата за пријатели на Западен Балкан е активна и „има креативни предлози, во смисла дека би можело да ни се отвори патот за кластерите 2, 3 и 4“. 

Според претседателката, процесот не зависи само од земјава која покажа невидена и нечуена кооперативност во однос на евроинтеграцијата. Потребно е време, но и добра волја, како и манифестирање добрососедство. Сиљановска-Давкова очекува во директните средби да се разговара за можните решенија, а во добрососедството, како што истакна, не може да препознае вето и слични закани. 

Скопје - Во извештајот за Индексот на перцепција на корупцијата за 2024 година имаме 40 поени, што е за два помалку од минатата и бележиме пад од 12 позиции, заземајќи ја 88 позиција на табелата. Големиот број скандали што ја тресеа Македонија, особено во судството, големиот број нерешени случаи на висока корупција, големиот број недемократски процеси и нетранспарентноста на одредени институции придонесоа за сето ова, порача претседателот на Транспаренси интернешнл Благоја Пандовски.

И годинава, нагласи Пандовски, ИПК покажува дека земјава е далеку под минимумот од 50 поени, кои што се долната граница под која не може да се каже дека една земја има задоволителни активности насочени кон сузбивање на корупцијата.

Скопје - Се разгледуваат неколку мерки за да се намалат цените на производите, но одлуката ќе се донесе по брифингот и анализата на Државниот пазарен инспекторат на денешната Владина седница, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски, кој одговараше на новинарски прашање за тоа кои мерки ќе се донесат за да се намалат цените на производите. Тој информира дека една од мерките која тој лично ќе ја предложи е ланците на супер маркети на своите веб страници да ги објавуваат цените на производите.

-Навистина не би сакал да шпекулирам, но еве една којашто би сакам да ја кажам и да ја предложам на Влада е да сите ланци на супер маркети, хипер маркети да имаат јавна веб страна, транспарентна на којашто ќе ги објават сите цени, на сите производи коишто ги имаат во своите маркети,за да можат граѓаните да видат јасно колкави се цените, и тие самите да одлучуваат, како што имаат некои земји во светот и да ги следиме ние тие трендови и да правиме некаков хистограм на движење на тие цени, изјави Мицкоски.

Скопје - Иако постои евидентен напредок во подобрувањето на учеството на жените во високото образование, тие, сепак, не се доволно застапени. Во земјите на Западен Балкан жените се уште се соочуваат со родови предрасуди во образованието и професионалното надградување во различни области, особено во оние каде традиционално доминираат мажите, како инженерството и технологијата, беше речено на денешниот „Глобален женски појадок 2025“ што се одржува на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Како што беше потенцирано, жените се недоволно застапени на високи истражувачки позиции, а традиционалните општествени очекувања во врска со семејството често се причина да престанат со научна дејност. -На мојот факултет каде предаваме за родова еднаквост, се уште немало жена декан. Веројатно е до нас. На многу факултети доминираат жените во бројот на вработени, но не и на деканската функција, рече претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред присутните.

Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје донело наредба за спроведување истражна постапка против едно лице поради обид да изврши кривично дело полов напад и силување од член 186 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Како што денеска соопштија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, осомничениот велешанец, на возраст од 53 години, во населбата Аеродром во Скопје, спротивно на јасно изразената волја на една оштетена, со употреба на сила се обидел врз неа да изврши полов однос. - Откако жртвата пружила активен отпор со удирање со рацете и нозете и гласно викање за помош, осомничениот излегол од возилото каде го извршил нападот и побегнал, се појаснува во соопштението.

Брисел - Во ЕУ денеска стапи во сила Регулативата за пакување и отпад од амбалажа, која предвидува нови мерки за справување со еколошките предизвици предизвикани од амбалажата на производите, што би требало да резултира со намалување на емисиите на штетни гасови, на употребата на вода и на трошоците во индустријата за амбалажа. 

Паралелно, оваа Регулативата ќе создаде нови можности и за секторите за рециклирање и одржливост, како важен чекор кон обезбедувањето поциркуларна, одржлива и конкурентна економија во ЕУ. 

Рим - Италијанската Влада е на вистинскиот пат во борбата против мафијата, истакна премиерката Џорџа Мелони, цитирана од италијанската новинска агенција АНСА.

Ставот на Мелони следи откако италијанскиот дневен весник „Република“ објави прислушувани разговори меѓу мафијашки босови кои се жалат дека кабинетот во Рим не ги ублажил мерките меѓу кои доживотна казна затвор без право за нејзино намалување, како и најстрогиот затворски режим резервиран за опасни и високи криминалци, кој предвидува речиси целосна изолација.

Брисел - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска на Самитот за иднината на вештачката интелигенција во Париз најави нова иницијатива на ЕУ наречена „ИнвестАИ“, чија цел е мобилизирање на 200 милијарди евра за инвестиции во развојот на вештачката интелигенција, како и нов европски фонд вреден 20 милијарди евра за поддршка на овој индустриски сектор. 

Според неа, создавањето голема инфраструктура за вештачка интелигенција е потребна за да се овозможи отворен заеднички развој на нејзините најкомплексни модели и Европа да стане „континент со вештачка интелигенција“. 

Атина - Постулати врз основа на кои ќе се унапреди функционирањето на националните и регионалните енергетски пазари, како и услугите за управување со вода и отпад, меѓу другото се дефинираат во Меморандумот за соработка што претпладнево во Атина го потпишаа Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Северна Македонија (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (РААЕИ), а двајцата претседатели изразија задоволство што е крунисана и официјализирана долгогодишната соработка, јави дописничката на МИА од Атина.

Меморандумот за соработка е во областите енергија, вода и отпади, а претседателот на РКЕ Марко Бислимоски истакна дека потпишувањето на меморандумот, протоколарно е свечен чин, но лично за нив како институција „има повеќе димензионално значење и се осврна на досегашната комуникација и соработка со грчката РААЕИ“.

Лондон - Повеќе од 170 бомби од Втората светска војна се откриени под детско игралиште во северна Англија, соопштија официјални лица, а според медиумите, се верува дека ќе бидат пронајдени уште.

Првите бомби, кои сè уште имаат полнење, беа откриени во јануари на игралиште во градот Вулер, Нортамберленд, објави Би-Би-Си.

Стразбур - Европската комисија не гледа оправдување за воведување царини за нејзиниот извоз во САД, порача еврокомесарот за трговија и економска безбедност Марош Шефчович во врска со одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД.  

- (Царините) се економски контрапродуктивни. Тоа е “луз-луз“ сценарио. Го проценуваме обемот на мерките и ќе реагираме на цврст, пропорционален начин со контрамерки, порача Шефчович, кој денеска во Стразбур учествуваше на дебата во Европскиот парламент насловена „Подготвеност за новата трговска ера: Мултилатерална соработка или царини“.

Вашингтон - Администрацијата на Трамп побара од ФБИ список на пробни вработени и индивидуални објаснувања за задржување на секој што бил во бирото помалку од две години, пишува Ен-Би-Си Њуз, додавајќи дека тоа предизвикало стравувања во бирото поради можни нови отпуштања.

Ова доаѓа во време на тековниот спор околу напорите за собирање на имињата на вработените во ФБИ кои работеле на случаите на 6 јануари 2020 година, и откако федералниот судија потпиша договор во петокот со кој се забранува јавно објавување на списокот на вработени во ФБИ кои работеле на големата истрага, која стана најголема во историјата на ФБИ, со повеќе од 1.500 обвинети. За 21 ден од инаугурацијата на Трамп, неговите именувани направија промени во ФБИ со огромна брзина - Трамп масовно ги помилува осудените бунтовници од 6 јануари, додека еден од нив го назначи за главен федерален обвинител во Вашингтон.

 

Остани поврзан