• петок, 21 февруари 2025
МИА Флеш

   13  февруари 2025

 

 

 

Скопје - Продолжување на судската и јавно-обвинителската функција и по исполнување на утврдената старосна пензија до 67 години возраст, предвидува Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи што помина денеска на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика.

Целта на измените, како што објаснија предлагачите, е надминување на состојбата во правосудството од аспект на дефицитот на човечки ресурси и соодветно функционирање на правосудниот систем, односно решавање на сите предмети и елиминирање на оправдувањата дека за какви било постапувања нема доволно судии или обвинители.

Скопје - Собранието денеска во 14 часот треба да ја продолжи 34-тата седница на која треба да се гласа за кандидатите за членови на Советот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. За да бидат изгласани кандидатите за членови на Советот потребно е двотретинско и Бадентерово мнозинство.

Брисел - Нашата земја останува посветена на намерата за континуирано вложување на два проценти од БДП за одбраната, што ја позиционираше меѓу две третини од сојузничките држави кои ја имаат исполнето оваа заеднички цел на НАТО, порача министерот за одбрана Владо Мисајловски во обраќањето на денешниот состанок на Северноатлантскиот совет во Брисел. 

Мисајловски даде целосна поддршка и на зацврстувањето на концептот за одбрана и одвраќање на НАТО, преку исполнување на дефинираните цели на способности и континуираното вложување во модернизација и опремување.  

Скопје - На граничниот премин Богородица запленети се 188 килограми наркотична дрога марихуана која требало да заврши во Турција. Приведени се две лица од Куманово и Тетово.

Како што изјави денеска директорот на Царинската управа Бобан Николовски, двајцата возачи на 8 февруари влегуваат на Блаце со камион и на 9 февруари со истиот камион, едниот од нив од место меѓу Куманово и Паланка оди кон Богородица.

Скопје - Управата за финансиска полиција до основното јавно обвинителство Битола, поднесе кривична пријава против П.М во својство на директор на АД ЕСМ, во државна сопственост Скопје-Подружница РЕК Битола-Новаци, Д.П во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК Битола, Б.Ѓ. во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК-Битола, Т.А во својство на службено лице во АД ЕСМ -подружница РЕК Битола, С.М. во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК Битола, А.К. во својство на службено лице во АД ЕСМ- подружница РЕК Битола, Љ.С. во својство на службено лице во АД ЕСМ -подружница РЕК Битола, поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 став 1 од КЗ.

Кривична пријава е поднесена и против А.М.С во својство на службено лице во Бирото за јавни набавки, А.У во својство на службено лице во Бирото за јавни набавки и Д.Ј. во својство на службено лице во Бирото за јавни набавки поради основано сомнение дека го сториле кривичното дело несовесно работење во службата по член 353-в став 4 од КЗ.

Скопје - Полицијата во текот на вчерашниот ден во рамки на сообраќајните контроли издала 1039 платни налози, а биле евидентирани и 76 случаи на управување на возило без возачка дозвола. Во осум случаи возачи минале на црвено светло, додека во четири случаи од сообраќај се исклучени алкохолизирани возачи.

Како што соопштија денеска од МВР, согласно Законот за возила евидентирани се и 20 возила што биле нерегистирани. 

Скопје - Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска, имаше работна средба со претставници на германската КfW банка, на која се разговараше за можностите за идни инвестиции во енергетскиот сектор, како и за поддршката на банката во процесот на трансформацијата на АД ЕСМ во рентабилна и модерна компанија.

На состанокот, претставниците на КfW ја потврдија својата посветеност за соработка со Македонија во областа на одржливата енергетика.

Тетово – Градоначалникот на Тетово и претседател на партијата Движење Беса, Биљал Касами денеска истакна дека поддржува секакви промени на Уставот, со кои ќе се менуваат државните симболи поврзани со минатиот општествено-политички систем.

Според него, се поддржуваат промени на Уставот, со кои би се рефлектирала сегашната реалност на државата.

Скопје – Ние сметаме дека државниот грб сосема соодветно, прво хералдиски ги отсликува сите карактеристики на ова поднебје. Јасен е континуитетот и придобивките од Народноослободителната и антифашистичка војна. Нема никаква поделба во однос на етнички групи и доколку има таква иницијатива со сите демократски средства најостро ќе се спротивставиме на промена на државниот грб, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Скопје - Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска најави отпочнување на сеопфатен процес на реформи и ветинг во партијата, предводени од претседателот на партијата Али Ахмети и раководството на партијата. Оваа иницијатива ја нагласува посветеноста на ДУИ за добро владеење и интегритет, поставувајќи нов стандард за политичките партии во регионот.

Како дел од реформската стратегија, ДУИ спроведува конкретни механизми насочени кон зајакнување на транспарентноста и одговорноста во своите редови. Пратениците од ДУИ го отпочнаа процесот на реформи со проценка на ризик од корупција и го потпишаа Кодексот за добра пракса и интегритет на ДУИ. 

Скопје - Реформите во правосудството се клучни и сметам дека најавите на Владата за промена на членови на Судскиот совет и Републичкиот јавен обвинител апсолутно не е никаква реформа, туку притисок и партизација на судскиот систем, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче. 

Ако сега се направи упад во системот, тогаш целокупниот реформски процес, според Филипче, ќе се одложи за шест години. 

Скопје - Во најновата епизода на подкастот „Бизнис-клуб“ гостин на претседателот на Стопанската комора Бранко Азески е Ѓорѓи Петрушев, генерален директор на најголемата млекарница во државава, „Млекара“ АД Битола („Бимилк“). Петрушев претставува редок пример на кадар кој својот професионален развој го поминал и во државниот и во приватниот сектор.

Во подкастот Петрушев зборува за напредувањето во професионалниот живот, кој го започнал во јавниот сектор, од самостоен соработник во Агенцијата за санација на банки преку раководител во Македонската банка за поддршка на развојот до државен секретар во Министерството за економија на Република Македонија и за неговата одлука да премине во приватниот сектор.

Скопје - Задоцнети се мерките за ограничување на маржите и предвремено најавени, што остава простор за трговците да се прилагодат, оцени денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче, најавувајќи седум предлог мерки. 

Ограничувањето на маржите како единствена мерка, според Филипче, нема да даде ефект.

Прилеп - Осуммина вработени во прилепскиот царински терминал излегоа на протест барајќи си ги платите за шест месеци. Ова е нивни втор протест за три месеци. Состојбите, велат не се промениле.

-Седум месеци да се живее без личен доход е многу тешко. Одработени, а без здравство, а сите сме со преку 50 години. Ни требаат редовни терапии. Ова е неиздржливо, вели Валентина Сотироска, вработена во Терминалот.

Брисел - За да останеме безбедни и да спречиме војна, треба да трошиме многу повеќе за одбраната, особено во Европа и Канада, порача денеска генералниот секретар на НАТО, Марк Руте во воведното обраќање на заседанието на Северноатлантскиот совет во Брисел на кое учествува и министерот за одбрана Владо Мисајловски.  

- Сите сојузници ги зголемија одбранбените инвестиции во последниве години и европските сојузници сега носат многу поголем дел од товарот отколку порано. Во последните 10 години, европските сојузници и Канада издвоија дополнителни над 700 милијарди американски долари за одбраната, рече Руте.

Брисел - Илјадници Белгијци излегоа денеска на улиците за да протестираат против планот за пензиски реформи на новата влада, на првиот ден од повеќедневниот штрајк кој го запре целиот воздушен сообраќај во земјата.

- Аеродромот во Брисел денеска откажа 430 летови, изјави портпаролот на аеродромот, додавајќи дека прекинот во секторот на воздушниот сообраќај ќе трае само еден ден.

Минхен - Најмалку 15 лица се повредени денеска кога автомобил влета во група луѓе во Минхен, соопшти полицијата.

Како што се наведува, околу 10:30 возач го забрзал својот автомобил и влетал во демонстранти во Минхен кои се собрале на повик на синдикатот на работниците „Верди“. 

Возачот е уапсен и, како што наведува полицијата, не претставува опасност за околината.

Берлин - Кандидатот на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) за канцелар Фридрих Мерц денеска изјави дека сопственикот на „Тесла“, Илон Маск, кој исто така раководи со американското Одделение за ефикасност на Владата, ќе се соочи со последици поради мешањето во германската предизборна кампања.

Во интервју за „Волстрит џурнал“, тој рече дека тоа што се случува во предизборната кампања не може да помине без реакција.

Москва - Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека е изненаден што светот го смета за „невообичаен“ вчерашниот телефонски разговор меѓу рускиот претседател Владимир Путин и американскиот претседател Доналд Трамп.

Лавров рече дека тој разговор, во кој Трамп и Путин дискутирале за завршување на војната во Украина, бил „нормален, елементарен разговор меѓу двајца образовани и учтиви луѓе“.

Рамала - Хамас денеска соопшти дека ќе ги ослободи израелските заложници според планираното, со што треба да се реши големиот спор што се закануваше да го попречи примирјето во Појасот Газа.

Палестинската група во соопштението наведува дека ќе го спроведе договорот за примирје со Израел и дека египетските и катарските посредници потврдиле дека ќе работат на „отстранување на сите пречки“.

Нејпидо - Мјанмар поднесе барање неговата традиционална козметика „танака“ да биде ставена на листата на светско нематеријално културно наследство на УНЕСКО.

Жените и децата во Мјанмар ја нанесуваат традиционалната природна козметика „танака“, жолтеникаво-бела паста направена од мелена кора од дрво, на образите, носот, челото, вратот, подлактиците и потколениците по утринското туширање, во текот на денот и пред спиење.

Лондон - Украинскиот боксер Олександр Усик, светски шампион во тешка категорија во три престижни верзии, ќе има уште две борби пред да ја заврши кариерата. Тој својата одлука ја соопшти на „Sky Sports“.

Триесет и осумгодишниот Усик е подготвен да ја одржи следната борба со победникот од мечот Даниел Дубоа - Џозеф Паркер за титулата на Меѓународната боксерска федерација (ИБФ), која ќе се одржи на 22 февруари.

Тагови

Остани поврзан