
5 февруари 2025
Скопје - Поднесени се уште шест кривични пријави за девет лица до Основното јавно обвинителство заради вршење криминални дела со употребувани возила, при што е нанесена директна штета врз Буџетот од 635.827 денари. Како што денеска соопштија од Царинската управа, во еден случај бил вмешан и царински службеник за кој е изготвено отказно решение.
Случаите се дел од предкривичните постапки на Секторот за контрола и истраги при Царинската управа за криминални дела со употребувани возила.
Скопје - Основното јавно обвинителство Скопје заедно со Управата за финансиска полиција врши претреси на локации во Скопје за обезбедување докази за кривични дела проневера во службата и несовесно работење во Службата за општи и заеднички работи - СОЗР.
- ОЈО Скопје заедно со Управата за финансиска полиција презема дејствија за обезбедување докази во предмет за кривични дела примање поткуп, давање поткуп, проневера во службата и несовесно работење. Во тек се претреси на локации во Скопје, за што е обезбедена наредба на судија на претходна постапка, а се преземаат и други дејствија, информираат од ЈОРСМ. Претходно, дел од медиумите, веќе објавија дека е приведен екс директорот на СОЗР Пецо Мирчевски и дека се вршат претреси во неговиот дом.
Скопје - Полициска акција се спроведува во моментов во врска со работењето на Одделот за општи и заеднички работи во Министерството за внатрешни работи.
-Полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за крим полиција и Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди по насоки на надлежен Јавен обвинител во тек се мерки и активности поврзани со работењето на Одделот за општи и заеднички работи во МВР, потврдија од МВР.
Скопје - Каматната стапка на благајничките записи се намалува за 0,2 п.п., останатите каматни стапки се непроменети, одлучи Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на вчерашната седница на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
- На седницата беше оценето дека и покрај досегашните релативно поволни трендови, ризиците и натаму постојат и се понагласени. Оттука, беше одлучено да се продолжи со внимателното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,2 п.п., на нивото од 5,35%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари, соопшти Народната банка.
Скопје - Угостителските услуги во јануари годинава, во однос на истиот месец од 2024-та, се поскапени за 5.8 %, соопшти Државниот завод за статистика.
Цените на угостителските услуги во јануари 2025, пак, во споредба со декември 2024 година, се зголемени за 0.2 %. Споредено по групи на услуги, зголемување е забележано во групите Храна за 0.3 %, Безалкохолни пијалаци за 0.1 % и Ноќевања за 0.3 %.
Москва - Русија го поздравува ставот на американскиот претседател Доналд Трамп, кој изрази разбирање за загриженоста на Москва во врска со пристапувањето на Украина во НАТО, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров.
Трамп во јануари изјави дека ја разбира позицијата на Русија дека Украина не треба да биде дел од НАТО и го обвини тогашниот демократски претседател во заминување Џо Бајден за наводната промена на позицијата на САД за членството на Украина во НАТО.
Мадрид - Владата на Шпанија, во договор со синдикатите, но без поддршка на најголемите здруженија на работодавците, одобри намалување работната недела од 40 часа на 37,5 часа без да се намалат платите.
Советот на министри денеска усвои нацрт-закон, кој двата најголеми синдикати (ЦЕОЕ и УГТ) го опишаа како историска мерка, од која потенцијално би имале корист 12 милиони работници.
Тирана - За 14 години Албанија ја напуштите околу 5.000 лекари од општа пракса, но и специјалисти по одредена медицинска гранка, како и над 11.000 медицински кадар.
- Заминувањето на белите мантили од Албанија не престанува. Податоците покажуваат дека трендот на заминувања во 2024 година бил ист како и претходните години. Поточно, во текот на изминатата година 146 лекари побарале потврда за добро однесување, што служи за вработување во странство. Во изминатите пет години бројот на лекари кои заминале е околу 800. Најголем број или 191 е регистриран во 2022 година.
Киев - Велика Британија ќе издвои дополнителни 66 милиони евра за Украина, кои ќе бидат насочени кон подобрување на отпорноста и развојот на двете земји, како и зајакнување на соработката. Оваа одлука е потврдена на официјалната веб-страница на британската влада.
Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Леми, кој моментално е во Киев, рече дека за време на неговата посета на Украина ќе разговара со претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и други официјални претставници за да ја потврди континуираната поддршка на Обединетото Кралство.
Техеран - Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи денеска изјави дека политиката на „максимален притисок“ врз Техеран, објавена од американскиот претседател Доналд Трамп, ќе се покаже како „уште еден неуспех“.
-Верувам дека максималниот притисок е неуспешен експеримент и дека обидот повторно ќе доведе до нов неуспех... Загриженоста на САД за наводниот развој на нуклеарно оружје од Иран не е сложено прашање и може да се реши со оглед на противењето на Техеран на оружјето за масовно уништување, рече Арагчи.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп во последните 24 часа не само што ја коментираше ситуацијата во Газа, туку се осврна и на израелската окупација на Западниот Брег.
На прашањето на новинарите за неговиот став за израелскиот суверенитет над областа, Трамп рече дека „идејата им се допаѓа на луѓето“, но дека неговата администрација сè уште не зазеде официјален став. Тој додаде дека разговорите со израелските претставници се во тек и најави можно соопштение на оваа тема во следните четири недели.
Газа - Жителите на Газа остро реагираа на коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за можно „преземање“ на Газа и раселување на Палестинците.
Џамалат Вади за Би-Би-Си изјави дека не обрнува внимание на изјавите на Трамп, туку дека нејзиниот приоритет е обновата на нејзиниот дом. „Чекам да ја реновирам нашата куќа и да живеам во неа, а ниту Трамп, ниту некој друг не ни е важен“, рече таа. Таа додаде дека Палестинците нема да ја напуштат Газа без разлика на се. „Нема да ја напуштиме Газа и нема да се откажеме од тоа. Ќе живееме на нашите урнатини како ништо да не се случило, а Газа ќе биде обновена“.
Вашингтон - Американското Министерство за одбрана развива планови за повлекување на сите американски војници од Сирија, објави денеска телевизијата Ен-Би-Си, цитирајќи двајца претставници на Пентагон.
Претседателот Доналд Трамп и официјални лица блиски до него неодамна изразија интерес за можноста САД да ги повлечат своите трупи од Сирија. Како резултат на тоа, претставниците на Пентагон почнаа да развиваат планови за целосно повлекување во рок од 30, 60 или 90 дена, соопшти Ен-Би-Си.