• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

4 февруари 2025 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Њујорк имал средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Муцуснки на Фејсбук објави дека на средбата со Гутереш во седиштето на ОН, ја нагласил „значајната улога на организацијата во време на комплексни глобални предизвици, како што се вооружените конфликти, кршењето на човековите права, тероризмот, насилниот екстремизам, новите технологии и климатските промени“.

Скопје - Во земјава денеска се одбележуваат 153 години од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев, визионерот, кој пред повеќе од еден век го разбра светот како поле за културен натпревар на народите.

Централното чествување по повод раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело и државност ќе биде во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје, каде што цвеќе ќе положат премиерот Христијан Мицкоски, претставници на Собранието, делегации на други институции, на партии, граѓански здруженија,...

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова вчера ги прими професорите – добитници на признанието за посебен придонес за развој на научноистражувачката дејност и интернационализација и афирмација на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2022 и 2024 година.

Добитници на плакети за исклучително достигнување во кариерата и објавени повеќе од 100 научни трудови, индексирани во базата Web of Science, се: академик проф. д-р Валентин Мирчески, академик проф. д-р Сашко Кедев, проф. д-р Владимир Трајковиќ, проф. д-р Љупчо Пејов, проф. д-р Ефтим Здравевски, проф. д-р Христијан Ѓорески, проф. д-р Петре Макрески, проф. д-р Златко Левков, проф. д-р Трајче Стафилов, проф. д-р Марјан Гушев, проф. д-р Лилјана Гавриловска, проф. д-р Гоце Спасовски и академик проф. д-р Љупчо Коцарев.

Скопје - Министерот за европски прашања Орхан Муртезани, денеска и утре  ќе престојува во работна посета на Брисел, каде што ќе оствари низа средби со високи претставници на Европската Унија, Европскиот парламент и Европскиот економски и социјален комитет, информираат од Министерството.

Во рамките на дводневната посета, предвидено е министерот Муртезани да има средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на која ќе се разговара за напредокот на Северна Македонија во процесот на пристапување во ЕУ, Реформската агенда и следните чекори во преговарачкиот процес.

Скопје - Синдикатите, Државниот завод за статистика, Организацијата на потрошувачи, како и министерствата за економија и за финансии заедно ќе креираат официјална потрошувачка кошница, но нема договор за минималната плата, е епилогот од вчерашната седница на Економско-социјалниот совет – ЕСС. Според работодавачите, не бил прифатен предлогот Владата да субвенционира дел од социјалните придонеси за да се зголемат платите, синдикалците, пак, велат дека таквиот предлог не бил одбиен од Владата и оти наскоро ќе има нова седница на ЕСС.

Како што изјави претседателката на Организацијата на работодавачи Владанка Трајкоска, на следната седница на ЕСС најверојатно ќе се формира телото кое ќе ја дефинира официјална потрошувачка кошница.

Скопје - За најтешко кривично дело во областа на безбедноста на сообраќајот и тоа со умисла ќе одговара 20-годишниот возач, кој минатата недела на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје, ја прегази 22 годишната студентка од Неготино, Фросина Кулакова, која веднаш им подлегна на повредите.

За истрагата за делото, за кое се сомничи Васил Јованов, кој во моментов отслужува 30-дневен притвор во КПУ Затвор „Скопје“, вчера на прес-конференција информираше државниот јавниот обвинител Љупчо Коцевски. 

Скопје -  По повод Светскиот ден за борба против ракот, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ) ја повикува Владата и Министерството за здравство, итно да ја зголемат поддршката за превентивни програми за рана детекција и спречување на малигни заболувања.

- Анализите покажуваат дека превентивната здравствена заштита во земјата не е приоритет. Буџетските средства за превенција се намалуваат, при што во 2024 година изнесуваа само 590 милиони денари, додека за 2025 година се предвидени 651 милион денари. Сепак, загрижувачки е што во последните години, со ребаланси, овие средства често се кратат, потенцираат од Здружението.

Москва - Русија ќе распореди балистички ракети „Орешник“ на територијата на Белорусија, согласно договорот меѓу претседателите на двете земји, изјави рускиот дипломат Алексеј Полишчук во интервју за ТАСС.

- Русија, во рамките на своите сојузнички обврски, кои во 2024 година беа утврдени во Концепцијата за безбедност на Сојузната држава и во Договорот за безбедносни гаранции, е подготвена да му обезбеди на Минск неопходна поддршка и да преземе чекори за заштита на заедничкиот одбранбен простор, изјави Полишчук.

Брисел - Лидерите на ЕУ на неформалниот Самит на Унијата постигнаа напредок во дискусиите за изградба на „Европа на одбраната“, изјави доцна синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта по завршувањето на средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ што се одржа во Брисел.  

- Се водиме од заедничко чувство на итност. Веќе не разговараме за „ако“, туку разговараме како да го направиме тоа, истакна Кошта, посочувајќи дека во дискусиите била потврдена цврстата посветеност на ЕУ на безбедноста на Украина и на постигнувањето сеопфатен, праведен и траен мир, како и решеноста да продолжи поддршката за земјата онолку долго колку што е потребно.

Брисел - Трансатлантското партнерство останува нашата најконсеквентна врска и тоа е од фундаментална важност за промовирање на мирот, безбедноста и просперитетот, па затоа и наспроти се, разговаравме за начините за прагматична соработка со САД, порача доцна синоќа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен по завршувањето на неформалниот Самит на Унијата во Брисел. 

- Очигледно има нови предизвици и растечки неизвесности, така што Европската Унија е подготвена за силен, но конструктивен дијалог со САД, изјава Фон дер Лајен.  

Пекинг - Кина ќе воведе царини од 15 отсто на увозот на течен природен гас (LNG) и јаглен од САД како одговор на американските царини, соопшти денеска кинеското Министерство за финансии.

Дополнително, ќе се применат 10 отсто царини за нафта и земјоделски машини увезени од САД. Овие мерки стапуваат во сила на 10 февруари, јави ДПА.

Вашингтон - Американски судија ја продолжи привремената забрана за запирање на федералните грантови, заеми и други финансиски помошни програми, откако претходно минатата недела претседателот Доналд Трамп нареди нивно замрзнување.

Судијата Лорен Алихан од Окружниот суд во Вашингтон за време на судското рочиште изјави дека оваа мерка би била „катастрофална“ за организациите што работат во јавен интерес.

Вашингтон - Американскиот Сенат денеска го потврди изборот на Крис Рајт, извршен директор на компанијата за експлоатација на нафта и гас „Либерти Енерџи“, за нов министер за енергетика во владата на Доналд Трамп.

За номинацијата на Рајт гласаа 59 сенатори, додека 38 беа против.

Сан Салвадор - Претседателот на Ел Салвадор Наиб Букеле се согласи да прифати осудени криминалци од „која било националност“, вклучувајќи и насилни престапници, од САД, изјави синоќа американскиот државен секретар Марко Рубио.

„[Букеле] се согласи да прифати за депортација секој нелегален имигрант во САД кој е криминалец, без разлика на националноста, без разлика дали е член на банди како MS-13 или Tren de Aragua, и да ги смести во неговите затвори,  рече Рубио по средбата со салвадорскиот лидер.

Вашингтон - Кризата на Блискиот Исток ќе биде главна тема на разговор на денешната средба, кога израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ќе стане првиот странски лидер што ќе се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп по неговото враќање во Белата куќа.

Нетанјаху пристигна во Вашингтон во неделата заради оваа посета, потсетува ДПА.

„Ова е важна средба што ја зајакнува длабоката алијанса меѓу Израел и САД и ќе ја подобри нашата соработка“, напиша израелскиот амбасадор во ОН, Дани Данон, на платформата Икс.

Вашингтон - Претседателот на САД Доналд Трамп потпиша указ со кој наложи Министерството за финансии и Министерството за трговија во наредните 90 денови да изготват план за создавање на суверен фонд за благосостојба на САД.

-Политика на Соединетите Држави е да се максимизира управувањето со националното богатство исклучиво во полза на американските граѓани. Во таа насока, од интерес на американскиот народ е федералната влада да воспостави суверен фонд со цел да ја поттикне фискалната одржливост, да го намали даночниот товар врз американските семејства и малите бизниси, да обезбеди економска сигурност за идните генерации и да го унапреди економското и стратешкото лидерство на Соединетите Држави на меѓународно ниво, се вели во синоќешното соопштение од Белата куќа.

Газа - По прекинот на огнените дејства во Газа, палестинските власти бараат милијарди долари хуманитарна помош, бидејќи итно им се потребни машини за расчистување на урнатините, шатори и кампови за сместување на стотиците илјади раселени жители по израелските напади.

Претставник на Палестинската управа изјави дека за итни потреби се неопходни 6,5 милијарди долари за привремени живеалишта за над два милиона луѓе во Газа, пред воопшто да започне процесот на долгорочна обнова на енклавата.

Вашингтон - Кандидатот за министер за трговија на САД, Хауард Латник, номиниран од претседателот Доналд Трамп, најави дека ќе ги разгледа ограничувањата за извоз на лесно вооружување, воведени од администрацијата на Џо Бајден во 2024 година. Рестрикциите на извозот на огнено оружје беа насочени кон ограничувања на странските криминални групи кои набавуваат американско оружје.

Во писмена изјава, Латник истакна дека, доколку биде потврден на функцијата, ќе се погрижи Министерството за трговија да ја преиспита оваа политика и да преземе соодветни чекори.

Вашингтон - Околу илјада луѓе се собраа синоќа пред седиштето на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) на гласен протест откако претседателот Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск од Одделот за ефикасна влада (ДОГЕ) забранија влез на вработените во седиштето на агенцијата.

На протестот се придружија и неколку членови на Конгресот како сенаторите од Мериленд Крис Ван Холен и Џејми Раскин кои споделуваа информации за тоа што се случува со УСАИД. Тие изјавија дека влезот во седиштето бил затворен и заграден со жолта лента, и дека  биле одземени компјутерските сервери додека веб-страницата на УСАИД е исклучена, а исплатите за некои договорни изведувачи запрени.

Отава - САД ќе ја одложат примената на новите царини за канадските производи најмалку 30 дена, соопшти денеска канадскиот премиер Џастин Трудо по телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.

- Имплементацијата на предложените царини ќе биде одложена најмалку еден месец додека работиме заедно на ситуацијата, изјави Трудо.

Москва - Со доаѓањето на Доналд Трамп на власт, САД преминаа кон концептот „Америка на прво место“, што носи загрижувачка сличност со слоганот „Германија на прво место“ од времето на Хитлер, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во статија за списанието „Русија во глобалната политика“.

- Преминот кон концептот 'Америка на прво место' има алармантна сличност со слоганот од Хитлеровото време 'Германија на прво место'. Играњето на картата на 'воспоставување мир преку сила' може целосно да ја уништи дипломатијата. Дополнително, во таквите изјави и идеолошки конструкции нема ни трага од почитување на меѓународно-правните обврски на Вашингтон согласно Повелбата на ОН, истакнува Лавров.

Остани поврзан