• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

  7  февруари  2025

 

Скопје - Најстудено утрово е на Попова Шапка со измерени -8 степени Целзиусови, а најтопло со 4 степени е во Гевгелија.  

Во Маврови Анови се измерени -5 степени, -4 Крушево, -3 Дебар, -2 степени во Крива Паланка, Охрид, Битола и Берово, -1 Претор, 0 Тетово, Прилеп и Виница, 2 степени во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Демир Капија, Струмица и Кавадарци и 3 степени во Скопје-Петровец и во Велес. 

Скопје - На службените мејлови на повеќе образовни установи во Скопје и во други градови во државата, утрово добиени се дојави за поставени експлозивни направи, информираат од МВР за МИА.

Дојава за бомба, според информации на МИА, утрово имало во неколку училишта во Аеродром, како и училишта во Штип, Куманово и Охрид.

Скопје - Во Собранието денеска во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се одржи јавна расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот. 

Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.

Велес - Премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе присуствува на доделување на клучеви од новата зграда наменета за социјално ранливите семејства во Општина Велес (Блок 40-Локалитет 1ГП 2.1).

Како што информираат од владината прес-служба, објектот е со приземје и пет ката, со 29 станбени единици и вкупно изградена површина од 1.843 метри квадратни.

Атина - Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани престојува во работна посета на Атина, каде е предвидено да има средби со претставници на грчката Влада и Парламентот.

Во рамките на посетата, министерот Муртезани, како што соопштија од МЕП, ќе се сретне со заменик-министерката за надворешни работи на Грција, амбасадорката Александра Пападопулу.

Скопје - Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) и Центарот за управување со знаење (ЦКМ) се домаќини на првата национална работилница за управување со ризикот од поплави. Како што информираат од ЦКМ, станува збор за дел од проектот „Urbanfloods“, ко-финансиран од Европската Унија преку програмата „Interreg IPA ADRION“.

Како што се појаснува, работилницата што ќе се одржи во Скопје ги собира експертите, креаторите на политики и сите останати засегнати страни да разговараат за предизвиците и можностите во контролата на урбаните поплави. 

Скопје - За денеска е најавен нов бојкот на маркетите по минатонеделниот кога прометот во големите трговски ланци беше намален за речиси 50 проценти. Додека граѓаните се повикуваат на нов бојкот поради високите цени на основните прехранбени производи, надлежните најавуваат мерки кои треба да бидат познати во текот на денешниот ден или во понеделник. 

До крајот на неделата треба да завршат и шестмесечните контроли на Пазарниот инспекторат со кои се опфатени дистрибутерите, добавувачите, производителите и трговците по што Инспекторатот треба да излезе во јавноста со податоци.

Скопје - Ремек-делото на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе се изведе вечер на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20 часот, информираат од оваа установа.

Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.

 

Сараево - Во Босна и Херцеговина денеска почнува дводневен бојкот на продавниците, инициран од неформална група граѓани.

Групата повика на бојкот преку социјалните мрежи како одговор на постојаниот раст на цените на основните прехранбени производи, и покрај најавите од владите на двата автономни региони за мерки за нивно ограничување.

Бојкотот не се однесува само на супермаркетите, туку и на бензинските пумпи и угостителските објекти.

Загреб - На повик на платформата „Ало инспекторе“, денеска во Хрватска се одржува еднодневен бојкот на сите производи и услуги, во знак на протест на потрошувачите поради високите цени. Исто така, денеска стапува во сила и одлуката на Владата за директни мерки за контрола на цените на одредени производи, со која се прошири постојната листа од 30 производи со ограничени цени на 70 производи.

Утре започнува неделен бојкот на малопродажниот синџир Конзум.

Белград - Од понедленик во Србија почнува седумдневен штрајк на актерите во театрите кои изразија целосна солидарност со студентите и безусловна поддршка на сите нивни барања, јавија српските медиуми.

Во заедничко соопштение тие наведуваат дека тоа се случува првпат во историјата на српските театри, прифаќајќи го повикот на судентите да се борат за работа на институциите и одговорен однос кон сосптевајта дејност.

Вашингтон - Американското Министерство за правда ја тужеше државата Илиноис и градот Чикаго  обвинувајќи ги демократските упоришта за незаконско мешање во спроведувањето на мерките на американскиот претседател Доналд Трамп против илегалната имиграција и барајќи судски налог што ќе ги блокира таканаречените закони за засолниште.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио во средината на февруари ќе ги посети Израел и неколку арапски земји.

Според висок претставник на Стејт департментот, Рубио ќе присуствува на конференцијата за безбедност во Минхен, а потоа ќе ги посети Израел, Обединетите Арапски Емирати, Катар и Саудиска Арабија во периодот од 13 до 18 февруари.

Вашингтон - Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа изјави дека појасот Газа во моментов е „ненаселен“ поради опасности како што се неексплодирани мини и дека неговите жители ќе мора да живеат на друго место додека енклавата не се обнови.

Рубио, коментирајќи го ова прашање за време на неговата посета на Доминиканската Република, ги повика другите земји да понудат помош за обнова на Газа, но не кажа ништо за тоа дали Палестинците ќе можат да се вратат таму, според предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп да ја преземе контролата и да ја обнови енклавата.

Вашингтон - Американското Министерство за правда ги прекинува напорите, започнати по руската инвазија на Украина во 2022 година, за воведување санкции на олигарсите блиски до Кремљ.

Меморандумот од државниот обвинител Пем Бонди, вели дека работната група КлептоКепчар ќе прекине како дел од промената на фокусот кон борбата против нарко-картелите и меѓународните банди.

Вашингтон - Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп го претстави планот за драстично намалување на персоналот на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД) ширум светот, оставајќи помалку од 300 вработени, јавија американските медиуми.

Според медиумите, планот ќе остави на работа помалку од 300 вработени од сегашните 8.000 директно вработени и со договори. Тие, заедно со околу 5.000 локални вработени ангажирани во странство, ќе раководат со програмите кои управата вели дека засега има намера да ги продолжи.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Израел ќе ја предаде Газа на САД по завршувањето на борбите и населението на енклавата ќе биде преместено на друго место, што според него значи дека нема да бидат потребни американски војници на теренот.

Еден ден откако светот ја осуди изјавата на Трамп дека има за цел да ја освои Газа и да ја претвори во „Ривиера на Блискиот Исток“, Израел и нареди на својата армија да се подготви да дозволи доброволно заминување на жителите на енклавата.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп потпиша извршна наредба со која се предвидуваат санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС).

Извршната наредба на Трамп го обвинува МКС за „нелегитимни и неосновани дејствија насочени против САД и нејзиниот близок сојузник Израел“ и за злоупотреба на нејзините овластувања со „издавање неосновани налози за апсење“. „МКС нема јурисдикција во САД или Израел“, се вели во декретот, додавајќи дека судот направил „опасен преседан“ со своите постапки против двете земји.

Вашингтон - Федерален судија во Бостон привремено го блокираше спроведувањето на програмата според која владините службеници можат да дадат отказ во замена за отпремнина, што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ја понуди во обид да ја намали големината на федералната влада.

Вработените во Владата имаа рок до синоќа на полноќ да одлучат дали прифаќаат таква програма.
Судијата Џорџ О’Тул Јуниор не се произнесе за законитоста на програмата, но закажа рочиште за понеделник и нареди на администрацијата да го продолжи рокот за владините службеници за изјаснување по тоа рочиште.

Брисел - Шефот на Европскиот совет Антонио Кошта предупреди дека санкциите кон Меѓународниот кривичен суд (МКС) се закана за поширокиот судски систем, откако американскиот претседател Доналд Трамп го казни судот поради неговите истраги за Америка и Израел.

„Санкционирањето на МКС ја загрозува независноста на Судот и го поткопува меѓународниот кривично правосуден систем како целина“, напиша Кошта, кој го предводи телото што ги претставува 27-те земји-членки на ЕУ, на X.

Москва - Руските и американските власти се уште не започнале разговори за можна средба меѓу претседателите Владимир Путин и Доналд Трамп, изјави за Си-Ен-Ен портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Песков рече дека двајцата лидери се уште не комуницирале, така што се уште не се разговара за тоа дали е потребна таква средба и ако е така, каде и како треба да се одржи.

Талин - Речиси три и пол децении по напуштањето на Советскиот Сојуз, балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија веќе нема да бидат поврзани со електричните мрежи на Русија и Белорусија почнувајќи од овој викенд, бидејќи тие целосно се свртуваат кон своите сојузници од Европската унија.

Прекинувањето на електроенергетските врски со Русија богата со нафта и гас има и геополитичко и симболично значење. Работата на ова се забрза откако рускиот претседател Владимир Путин нареди напад врз Украина пред три години, со што беа нарушени односите на Москва со ЕУ.

Киев - Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп нема официјален план за ставање крај на руската војна против Украина и додаде дека е подготвен за разговори со рускиот претседател Владимир Путин откако ќе се постигне разбирање за завршување на војната, пренесоа украинските медиуми.

Остани поврзан