• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

7 февруари 2025 

Скопје – Семејството на обвинетиот Васил Јованов кој ја прегази Фросина Кулакова на булеварот „Партизански одреди“, денеска изрази сочувство до семејството на Фросина. Тие, заедно со бранителот на Васил, адвокат Сашко Дуковски, на денешната прес-конференција зборуваа за околностите на настанот, нивното длабоко жалење и демантираа повеќе од наводите изнесени во јавноста.

Според изјавите на родителите, Васил по првата пресуда не консумирал дрога и алкохол, работел со психолог. Вечерта на несреќата, по подолго време се напил алкохол при отворање на кафуле на негов пријател. Посочија дека не му дале дозвола на Васил да го управува автомобилот без возачка дозвола и дека тој го украл од нив. Негираа каква и да било поврзаност со судијката Даниела Алексовска Стојановска.  

Скопје - Лажни се дојавите за бомби во училиштата во државата, работната група одржува состанок, насоките ќе стигнат до институциите, соопшти денеска премиерот Христијан Мицкоски во Велес, одговарајќи на новинарски прашања по доделувањето станови на социјално ранливите семејства во општина Велес. Во изјава за медиумите, премиерот рече дека вакви закани имало и во Хрватска и Унгарија.

-Јас постојано бев во контакт со министерот за внатрешни работи, ме брифираше и конечно имам пресек, досега сите без исклучок се лажни дојави. Тие се тие напади хибридни напади коишто ќе се случуваат, не е нешто неочекувано ќе треба да се подготвиме. Постапено е според протоколот ваков тип на напади  имаше пред некој ден и во Хрватска претходно во институциите во Унгарија и претпоставувам дека ова ќе биде ќе биде континуитет кај нас, но мислам дека се креира еден протокол, изјави премиерот.

Скопје - Министерот за европски прашања на Република Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Атина имаше средба со заменик-министерката за надворешни работи на Хеленската Република, амбасадорката Александра Пападопулу, соопшти МЕП.

На средбата беше реафирмирана заедничката заложба за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во клучните области од заемен интерес. Министерот Муртезани нагласи дека Северна Македонија и Грција, како две соседни, партнерски земји и сојузнички во НАТО, треба да продолжат да работат на зајакнување на регионалната стабилност и економскиот развој, со посебен фокус на трговската и енергетската поврзаност, инфраструктурните проекти и секторската соработка.

Скопје - Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) информира дека (согласно Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувач во краен случај, член 10 став 8 ), сите домаќинства кои добиле сметки за електрична енергија и имаат прв пат фактурирана потрошувачка во четврт блок, ЕВН Хоме е должен да ги корегира сметките за електрична енергија и да направи соодветна распределба по блокови согласно историјатот на просечната потрошувачка на домаќинството во последните три пресметковни периоди. 

Потрошувачите кои се незадоволни од пресметката на потрошената енергија и износот на сметката, (согласно член 37 од Законот за енергетика, Правилата за снабдување со електрична енергија и Правилата за постапување на приговори и разрешување на спорови, потрошувачите за секоја фактура), се додава во соопштението, имаат право да вложат приговор до универзалниот снабдувач ЕВН ХОМЕ.

Скопје – Децата треба да следат настава, сѐ друго е решливо. Инсистирам дека тие треба да бидат во училниците, им порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на родителите кои трет ден не ги пуштаат своите деца во Основното училиште „Гоце Делчев“ во струшко Подгорци.

Бојкотот на наставата е поради нивното незадоволство од одлуката на министерката да назначи директор на училиштето. Тие со тоа не се согласуваат и бараат да биде назначен кандидатот на Училишниот одбор, но тој не ги исполнувал условите. 

- Во Подгорци има мал проблем, затоа што, генерално, тешко се наоѓа директор кој исполнува одредени услови. Сметам дека овој проблем релативно брзо и лесно ќе се реши. И мора да се реши. Затоа што ние мора да научиме дека учениците ни се фокусот на кој треба да се посветиме. Точно е и тоа дека во минатото внимание се посветувало на многу други нешта за разлика од тоа децата да стекнат знаење. Инсистирам дека децата треба да бидат во училниците, сѐ друго е решливо, децата треба да следат настава, рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање на денешната прес-конференција. 

Велес  - Владата бара решение за Фабриката за шински возила „Велес“ попозната како Колска и решение ќе се најде со сигурност, вети при денешната посета на Велес премиеро Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање. Воедно информира дека во заеднички договор со вицепремиерот и министер за сообраќај и врски Александар Николоски, во понеделни вработените на Колска  ќе добијат плата.

Премиерот Мицкоски појасни дека кога биле избрани за Влада, дел од вработените на Колска, кои го организирале вчерашниот  штрајк им велеле, не барајте решение, дајте да си одиме во стечај и потоа во пензија.

Скопје - Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,444 денари и еден килограм ќе чини 47,469 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Скопје - Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска од Велес ги повика сите парламентарни политички партии заеднички да работат на реформи во судството, по реакцијата на лидерот на опозициската СДСМ Венко Филипче за иницијативата за интерпелација на членовите на Судскиот совет.

- Процесот треба да е инклузивен, да имаме општествен консензус. Не сакаме ние да имаме ексклузивно право само ние да ги правиме тие измени. Ги повикувам сите пратеници во Парламентот, ако се согласуваат дека треба да се распушти овој Судски совет кој тие го гласале, да гласаат кога ќе дојде точката на дневен ред. Да бидат разрешени овие членови на Судскиот совет, а потоа заедно низ еден инклузивен процес да најдеме луѓе, кои ќе мониторираат и ќе идентификуваат судии кои злоупотребуваат тоа што се суди и кои што се причинители поради нивните контраверзни одлуки на некои процеси кои не треба да се случуваат, рече Мицкоски по доделувањето станови на социјално ранливите семејства во Велес.

Скопје – Во Основниот Кривичен суд Скопје, денеска, продолжи судењето за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски со сведочење на Гоце Трајковски, кој заедно со таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, помагал во потрагата по неа прибавувајќи видео снимки. 

Според сведокот Трајковски, патеката по која се движела Вања му ја покажал таткото Александар Ѓорчевски, кој заедно со мајката Зорица Ѓорчевска со „GPRS“ уред го следеле движењето на Вања. Трајковски заедно со таткото одел по истиот пат и барал снимки од околните објекти.

- Прво што видовме од фризерницата во близина на зградата на Вања, гледавме снимките од 7:10 до 7:30 часот, а Вања излегла околу 7:20 и се чудевме зошто ГПС покажува дека се движела тука, а Вања ја нема. Прашав дали каснат камерите, ми рече дека пет минути каснат. Му реков на Саше да ѝ се јави на Зорица да ја праша. Во 7:35 излегла Зорица од дома. На усб ни ги снимија снимките. Се чудевме како Вања ја нема, а поминала тука, рече Трајковски.

Велес - Во Велес денеска беа отворени на користење 29 станови од 39 до 45 метри квадратни наменети за социјално ранливи семејства во новоизградената социјална зграда со вкупна површина од 1.843  метри квадратни на пет ката и приземје со подрумски простории, изградена  во новиот дел на градот наспрема поранешната индустрија „Киро Ќучук“ веднаш до пругата Велес-Битола.

На свеченоста присуствуваа станарите кои ќе се вселат во зградата, премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски Александар Николоски и други претставници од Владата, пратеници, градоначалникот Марко Колев, Нада Трајкова директорката на ЈУМ Центар за социјална работа Велес и други гости.

Берлин - Германскиот канцелар Олаф Шолц ја оцени денеска како „погрешна“ одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп да воведе санкции против Меѓународниот кривичен суд (МКС).

„Санкциите (кон МКС) се погрешна алатка. Тие ја загрозуваат институцијата која треба да обезбеди диктаторите на овој свет да не можат едноставно да ги прогонуваат луѓето и да започнуваат војни, а тоа е многу важно“, рече Шолц на предизборниот собир во пресрет на вонредните избори закажани за 23 февруари, пренесува Дојче веле.

Германскиот канцелар го отфрли и предлогот на Трамп за преселување на Палестинците од Појасот Газа. 

Стразбур - Европратениците ќе разговараат за односите на ЕУ со САД, ситуацијата во Србија и Грузија и војната во Украина на нивната седница во Стразбур следната недела, покажува агендата на состанокот.

Во вторник, Европскиот парламент ќе ги процени трговските односи меѓу ЕУ и САД по предупредувањето на претседателот Доналд Трамп да воведе царини за европскиот увоз. Во соопштението на ЕП се истакнува дека мнозинството европратеници повикале на итна реформа на Светската трговска организација, во тесна соработка со Вашингтон. Наведени се податоци од Европската комисија, според кои во билатералната трговија меѓу ЕУ и САД има вкупен трговски суфицит на ЕУ од три отсто наспроти вкупниот трговски проток од 1,5 трилиони евра.

Брисел - Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, го поздрави планираното одвојување на балтичките земји од руската електроенергетска мрежа во текот на претстојниот викенд, со оценка дека со овој чекор на Москва и се одзема простор за „енергетска уцена“.

„Русија повеќе не може да ја користи енергијата како алатка за уцена“, наведе денеска на мрежата Х Калас, која е поранешна премиерка на Естонија.

„Ова е победа на демократијата“, додаде таа.

Брисел - Европската комисија денеска испрати барање до интернет платформата за онлајн трговија „Шејн“ за доставување подетални информации за „ризиците поврзани со присуството на нелегални содржина и стоки на нејзиниот пазар“, како и за транспарентноста на нејзините системи за препораки за корисниците. 

Покрај ова, Комисијата бара од „Шејн“ да и обезбеди и детални информации за мерките што ги има преземено за ублажување на ризиците поврзани со заштитата на потрошувачите, јавното здравје и благосостојбата на корисниците, како и за заштитата на нивните лични податоци. 

„Шејн“ мора да и ги достави бараните информации на ЕК најдоцна до 27 февруари и врз основа на проценката на добиените одговори Комисијата ќе решава за следните чекори. 

Брисел - Меѓународниот кривичен суд (МКС) мора да биде способен да се бори против неказнивоста ширум светот без никакви пречки, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

-МКС гарантира одговорност за злосторствата (против меѓународното право) и обезбедува платформа за жртвите од целиот свет. Мора да може слободно да се бори против борбата против неказнивоста ширум светот. Европа секогаш ќе се бори за правда и почитување на меѓународното право, напиша таа на социјалните мрежи.

Бејрут – Специјалниот заменик пратеник на САД за Блиски Исток, Морган Ортагус истакна дека Движењето Хезболах, поддржано од Иран, не треба да учествува во новата либанска влада.

- Поставивме јасни црвени линии во САД дека тие (Хезболах) нема да можат да го тероризираат либанскиот народ, а тоа вклучува и да се биде дел од владата, посочи Ортагус по средбата со претседателот на Либан, Џозеф Аун во Бејрут.

Таа му се заблагодари на именуваниот либански премиер Наваф Салам, кој има за цел да формира влада без учество на Хезболах.

Женева - Советот за човекови права на ОН (УНХЦР) денеска одржа итна седница за насилството во источно Конго, каде бунтовниците М23 поддржани од Руанда неодамна го зазедоа клучниот град Гома и каде што најмалку 3.000 луѓе се убиени од крајот на јануари.

Специјалната седница на УНХЦР ја свика Конго со поддршка на десетици земји. Владата во Киншаса го повика телото да ги прогласи Руанда и бунтовниците М23, кои ја презедоа Гома, одговорни за злосторства против човештвото и да формира мисија за утврдување факти за да ги истражи сите можни прекршувања на правата во областа.

Ерусалим - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска потврди дека Нетанјаху на американскиот претседател Доналд Трамп му подарил златен пејџер за време на состанокот во Белата куќа.

Како што се наведува, подарокот ја симболизира одлуката на Нетанјаху која доведе до пресврт во војната, имено тајната операција против Хезболах, пренесува Тајмс оф Израел.

„Подарокот ја симболизира одлуката на премиерот што доведе до пресвртница во војната и почетна точка за кршење на волјата на терористичката организација Хезболах. Оваа операција ја изразува моќта, технолошката супериорност и лукавството на Израел против неговите непријатели“, се наведува во соопштението.

Киев - Три лица загинаа во руски бомбашки напад врз североисточниот украински град Суми, објавија украинските власти.

Нападот беше извршен синоќа со три прецизно наведувани бомби кои погодија станбена зграда во селото Миропилија, се вели во соопштението на обвинителството.

Селото се наоѓа во близина на границата со руската област Курск, каде што украинските војници се борат со руските сили откако тие ја нападнаа територијата минатата година.

Сао Паоло - Две лица загинаа, а две се повредени кога мал авион удрил во возила на прометната авенија „Маркис де Сао Висенте“ во Сао Паоло, соопшти локалната противпожарна служба.

Авионот се урнал околу 7:20 часот по локално време во близина на аеродромот Конгохас.

Деталите за несреќата се уште не се познати. 

Пекинг - Кинескиот претседател Си Џинпинг, кој денеска се сретна со претседателот на Националното собрание на Јужна Кореја, Ву Вон-сик, изјави дека односите меѓу двете земји напредуваат во изминатите 30 години, како и дека придонесуваат за регионалниот мир и развој, пренесоа кинеските медиуми.

Јужнокорејски функционер е во Кина на церемонијата на отворањето на деветтите Зимски Азиски игри, објави државната телевизија ЦЦТВ.

Остани поврзан