• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

27 јануари 2025 

Скопје - Во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија денеска со отворање на изложбата од Јад Вашем – Израел, насловена „Аушвиц - место на Земјата: Албум со фотографии од Аушвиц“, која претставува единствена визуелна документација за страдањата на Евреите депортирани во Биркенау, е одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите на Холокаустот. 

Како што објави на неговиот Фејсбук профил министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, тој во неговото обраќање ја истакнал важноста од паметењето на трагичните настани од Холокаустот и оддадов почит на жртвите, особено на македонските Евреи кои во 1943 година беа депортирани во Треблинка.

Скопје - Актуелните состојби, економската и политичка соработка, биле во фокусот на телефонскиот разговор на премиерот Христијан Мицкоски со британскиот државен секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој, Дејвид Лами.

Премиерот Мицкоски, како што соопшти владината пресс-служба, ја истакнал заложбата за потесна соработка со Обединетото Кралство на заеднички проекти кои ќе донесат економски и политички бенефит за граѓаните.

Соговорниците констатирале дека постои простор за интензивирање на пријателските односи и за заеднички проекти во инфраструктурата, енергетиката и економската размена.

Скопје - Се прави сеопфатна анализа за потрошувачката на струја во јавните комунални претпријатија, болниците, школите, училиштата,... кои имаат енормни сметки, се размислува да се направи посебен пакет за нив со „понормална“ цена, а се работи и на формирање балансна група во која ќе бидат групирани. Деновиве не може да се каже кое ќе биде решението, но во почетокот на вториот квартал ќе има одговор, рече денеска  министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Како што напомена Божиновска, целта на Владата е да се направи системско решение.

Скопје - Претседателот на СДСМ Венко Филипче денеска на прес-конференција соопшти дека до Обвинителството доставил шестмесечни квартални извештаи за работата на Клиниката за онкологија, како и од експертските работни групи од времето кога тој бил министер. Побара одговори од ВМРО-ДПМНЕ, од пратеничката Рашела Мизрахи која ја водеше Комисијата за онкологија, како и поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити зошто се криеле овие извештаи. Од Обвинителството очекува извештаите да бидат анализирани, но и да се истражи кој и зошто ги криеле. Филипче тврди дека додека бил министер за здравство лекови на Онкологија имало, вклучувајќи ја и Ковид кризата. 

Според него, вистината за Клиниката за онкологија која треба да ја знае јавноста е директно поврзана со Анкетната комисија која ја водеше Рашела Мизрахи, нарекувајќи ги лажни тврдењата дека не постојат извештаи за работењето. 

Скопје - СДСМ не отстапува од законот за бранители и во следна прилика, според претседателот на партијата Венко Филипче, повторно ќе биде побарано да се разгледува во рамки на матичната собраниска Комисија. Главниот проблем, според него, се двојните стандарди на претседателот на Собранието Африм Гаши, за кого во партијата се уште се размислува дали да се поднесе интерпелација.

- Кога тогашната претседателка ја закажа седницата на Комисијата и не ја стави точката за законот за бранители на дневен ред, тогаш писмено му се обративме на претседателот Гаши и тој не извести дека кога веќе е седницата закажана, тој нема право да интервенира и да задолжи друг пратеник да ја одржи оваа седница. Кога се случи Комисијата за финансирање да се закаже без точката на дневен ред за унгарскиот заем е тогаш Африм Гаши закажа друга седница и законот помина, рече Филипче.  

Во однос на барањето на дел од пратениците на СДСМ за интерпелација на Гаши, тој рече дека сите опции се на маса. 

Скопје - Институциите и компаниите при јавната набавка на електрична енергија да применуваат стандардни тендерски правила преку кои договорите за снабдување би се индексирале согласно податоците на македонската берза - Индекс на МЕМО-Пазар ден однапред (ПДО), порача денеска министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Како што истакна Божиновска, македонската берза на електрична енергија треба да биде репер за цените по кои ќе се набавува струјата, а нејзиното јакнење е од клучно значаење за домашниот енергетски сектор. 

На домашната берза изминатите две години се регистрирани 37 учесници, истргувани се повеќе од 1,3 терават часови електрична енергија, а обезбедена е и релевантна цена за секој час од денот. Околу 20 отсто од конзумот на електрична енергија во земјава се тргува на берзата на МЕМО и според анализите, околу 63 проценти од продадената електрична енергија е произведена дома.

Скопје - Предлог-програмата „Иницијално образование“ била претставена на денешната  средба со Консултативната работна група за ран детски развој, на која присуствувале декани од педагошките факултети во државата, професори, експерти, вработени од Министерството за социјална политика, демографија и млади и Проектната единица на Министерството.

На средбата присуствувале и министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани,  деканот на Филозофскиот факултет-Скопје, проф. д-р Оливер Бакрески, и вишиот специјалист за образование од Светска банка, Бојана Нацева.

Како што соопшти Министерството,  на отворена дискусија биле разменети мислења од искуствата на факултетите кои веќе ја имплементирале програмата и биле предложени идни чекори.

Скопје - Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска остварила средба со амбасадорот на Унгарија, Андраш Клеин, на која разговарале досегашната образовна соработка помеѓу двете држави и можностите за развивање нови иницијативи во следниот период.

-На средбата, Јаневска рече дека за Македонија соработката со земји од Европската Унија е исклучително важна, бидејќи позитивните европски практики се интегрираат во националниот образовен систем и тоа го забрзува напредокот на државата. Изрази задоволство што унгарската страна преку програмата „Стипендиум Хунгарикум“ подолго време обезбедува финансиска поддршка за стипендирање на македонски студенти запишани на додипломски, магистерски и докторски студии на тамошните државни универзитети, соопшти МОН. 

Скопје  – Македонисти од 18 земји од светот ќе учествуваат на Петтата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура (МСМЈЛК) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје која се одржува онлајн од денеска до 1 февруари. 

Како што информира УКИМ, учесници се македонисти од  Австралија, Албанија, Бугарија, Италија, Монголија, Кина, Полска, Романија, Русија, САД, Словачка, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка.

На Петтата зимска школа ќе се одбележи осумдесетгодишниот јубилеј на македонската азбука и македонскиот правопис и ќе се чествуваат годишнини за - Григор Прличев и Константин Миладинов (195 години од раѓањето),  Анте Поповски (70 години од првата стихозбирка), Ташко Георгиевски и Живко Чинго (90 години од раѓањето).

Скопје - Министерството со здравство денеска го означи завршувањето на двегодишниот проект „Имплементација на Стратегијата за здравство 2021-2030 година“ спроведен во  партнерство и со финансиска поддршка од Делегацијата на Европската Унија во Скопје.

Проектот почна во септември 2022 и опфати шест различни компоненти – од психијатриска грижа за деца и адолесценти, преку реорганизација на болничкиот систем, развој на палијативна нега до проценка и унапредување на јавноздравствените програми. Проектот опфатил и активности за Општата болница во Скопје и  евалуација на стратешкото финансирање на здравствениот систем. 

Негова цел е Стратегијата да ја претвори во конкретни мерки и активности со кои ќе се подобри здравствената заштита на граѓаните. Препораките што произлегле треба да бидат  основа за акција во наредниот период што ќе придонесе за изградба на поефикасен, похуман и подостапен здравствен систем.

Скопје - Министерот за правда Игор Филков денеска на конститутивната седница на новиот состав на Советот за координирање на информатичко-комуникациската технологија во правосудните органи ја истакнал важноста на технологијата во правосудството, како и неопходноста од дигиталната трансформација за модернизација на судскиот систем, со цел зголемување на довербата на граѓаните во правосудството.

- Верувам дека овој состав на Советот ќе биде двигател на значајни промени, со фокус на правдата, инклузивноста и модернизацијата на правосудниот систем, изјавил Филков, соопштија од Министерството за правда.

Тој потенцирал дека дигитализацијата ќе им овозможи да ги забрзаат судските процеси, да ја зголемат транспарентноста и да ја намалат бирократијата. 

Скопје - На возилото марка „BMW“, сопственост на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, за кое минатата недела министерот Иван Стоилковиќ информираше дека е најдено во многу лоша состојба, му недостигаат делови, а одредени делови биле заменети. 

Од Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците денеска го објавија записникот во кој е наведено дека недостигаат делови од моторот, левата предна врата и левото предно крило се демонтирани и на нивно место се монтирани врата и крило од друго возило, демонтиран бил браникот, а целосно извадени и двете брави од левата страна. 

Во записникот се наведува дека возилото било оставено на сервис во одлична состојба на каросеријата и не му недостигале делови, единствената маана бил блокираниот мотор. 

Скопје - Државниот пазарен инспекторат (ДЗИ) најави дека во наредниот период ќе спроведува засилени контроли на терен во согласност со Законот за угостителска дејност и Законот за заштита од пушење. Контролите ќе бидат спроведувани во координација со Министерството за внатрешни работи, и тоа низ цела територија на државата, со акцент на спречување на послужување алкохол на малолетни лица.

- Послужување алкохол на малолетни лица е кривично дело, а казните за оние угостители што ќе бидат затекнати како послужуваат алкохол на малолетни лица се ригорозни и се движат до 4.000 евра. Освен парични казни, се изрекуваат и казни за забрана за работа во период од еден месец. Апелираме до угостителите да постапуваат во согласност со обврските кои произлегуваат од Законот за угостителска дејност, по кој се должни да ја утврдат возраста на лицето на кое се послужува алкохол! Доколку Пазарниот инспекторат утврди нерегуларности, најригорозно ќе постапува!, наведуваат од ДЗИ.

Скопје - Добрите политики на Народната банка имаат суштинско значење за стабилизирањето на инфлацијата и за одржувањето и зајакнувањето на финансиската стабилност, вклучително и денаризацијата, беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Француската Република во земјава, Кристоф ле Риголер. 

Во изминатите години финансиската стабилност беше зајакната, што се согледува преку јакнењето на капиталот на банките коешто овозможи забрзување на кредитната активност. Имено, минатата година кредитната активност забрза искачувајќи се на околу 11%, од 5% во 2023 година, со што обезбеди значителна поддршка за стопанството и за граѓаните. Овој солиден кредитен раст беше поддржан и од солидниот раст на депозитите којшто достигна околу 12%. Притоа беше истакнато дека растот на денарските депозити е многу побрз од растот на девизните депозити, односно тие се зголемија за 22%, наспроти 5 % кај девизните депозити. Ова укажува на високо ниво на доверба во банкарскиот систем и политиките коишто ги води Народната банка.  

Скопје - Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и на ЕУРОСУПЕР БС-98 од полноќ се намалуваат за 1,00 денар, ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) поевтинува за 1,50, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) за 2,00 денара по литар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.

Новата цена на ЕУРОСУПЕР БС - 95 ќе биде 80,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС - 98 ќе се продава за 82,00, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 74,50, а Екстра лесното 1 (ЕЛ-1) за 73,50 денари за литар.

За 1,042 денари поевтинува и Мазутот М-1 НС, и еден килограм ќе чини 45,631 денари.

Подгорица – Црногорската невладина организација Институт алтернатива, по успешната акција во Хрватска, ги повика граѓаните на 31 јануари да ги бојкотираат супермаркетите и продавниците.

- В петок повикуваме на бојкот на супермаркетите и продавниците во Црна Гора, на сите без исклучок, бидејќи тоа нема никаква врска со политика. Високите цени подеднакво ги погодуваат сите граѓани, се наведува во соопштението.

Организацијата наведува дека цените се екстремно високи и дека водечките трговски синџири ги договараат цените, поради што граѓаните да не го почувствувале зголемување на платите и пензиите.

Брисел - Советот на ЕУ денеска донесе одлука за потпишување на договор меѓу Унијата и Босна и Херцеговина за оперативните активности што ги спроведува Европската агенција за гранична и крајбрежна контрола (Фронтекс). 

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, БиХ ќе стане четвртата земја од регионот, по Северна Македонија, Србија и Црна Гора, што ќе има случено договор за Фронтекс со ЕУ. 

Согласно одредбите од предлог-договорот, со него ќе се овозможи ЕУ и Босна и Херцеговина да организираат заеднички операции во кои ќе бидат вклучени припадници на Фронтекс и на граничните служби од БиХ.  

Брисел - Околу 30.000 вработени во средните и основните училишта во Белгија во кои наставата се одвива на француски јазик денеска одржаа протестен марш низ улиците на Брисел под мотото „Образованието е право на секого“. 

Протестниот марш се одржа во рамки на 48-часовен штрајк организиран во знак на протест против плановите за штедење и за реформи во образованието во регионите Валонија и Брисел. 

Маршот започна пред железничката станица „Брисел-Миди“, од каде демонстрантите минаа пред централите на двете владејачки партии во Валонија и Брисел, Реформското движење (МР) и Посветените (ЛЕ) и пред седиштето на Федерацијата Валонија-Брисел, завршувајќи на „Плоштадот на барикадите“, каде се одржа протестен собир на кој се обратија неколку синдикални претставници.   

Лондон – Повеќе од 200 британски компании трајно се префрлија на четиридневна работна недела без намалување на платите на вработените.

Помеѓу компаниите кои се согласија на четиридневна работна недела има маркетиншки агенции, ИТ фирми и консултантски друштва, кои заедно вработуваат над 5.000 луѓе.

- Петдневната работна недела е измислена пред 100 години и повеќе не е погодна за целта, изјави директорот на директор на кампањата на Фондацијата четиридневна недела, Џо Рајли.

Тој додаде дека стотици британски компании и еден локален совет покажаа дека четиридневната недела без намалување на платите може да биде добитна комбинација и за работниците и за работодавците.

Стокхолм – Шведските власти денеска запленија брод што пловеше под знаме на Малта со цел да почнат истрага по вчерашното оштетување на подводен кабел во Балтичко Море.

По вчерашното оштетување на подводниот кабел што ги поврзува Шведска со Летонија, НАТО распореди патролни бродови, а шведските власти почнаа истрага за саботажа.

Додека летонската морнарица вчера соопшти дека три бродови се предмет на истрага.

Шефот на летонската дипломатија Кестутис Будрис вчера побара да се преиспитаат актуелните прописи за превозот, по последниот инцидент со оштетување на подморскиот кабел.

Остани поврзан