МИА Радио флеш
- МИА Радио флеш

4 февруари 2025
Скопје - Согласно мерењата и набљудувањата на метеоролошките станици во земјава, јануари е просечно до топол месец во однос на температурите и просечен до многу сув во однос на врнежите доколку се спореди со многугодишните просечни вредности (1991-2000), информира УХМР.
Месечната температура се движеше од 0,9 во Битола до 5,9 степени во Гевгелија. Споредено со просечните јануарски месечни температури, за триестгодишен период (1991-2020), годинашната беше 1,7 степени над просечната, на ниво на држава. Највисоката максимална температура беше измерена на 25 јануари во Гевгелија и изнесуваше 18,9 степени, а најниската во Берово, на 19 јануари и изнесуваше -12,6 степени.
Скопје - Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) објави повик за претквалификација за изградба на автопат Е-65, делница Букојчани – Кичево, км 2+500 – км 12+727, и 5-годишно одржување на автопатската делница. Повикот е отворен до 17 март годинава и е објавен на ECEPP-платформата на ЕБОР од каде е обезбеден заем за изградбата на планираните 10,2 километри автопат.
Според претходните најави на надлежните институции, вкупните проектирани трошоци за автопатската делница изнесуваат 132,7 милиони евра, од кои 110 милиони евра заем од ЕБОР, а 19,8 милиони евра инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе учествува на одбележувањето на 153-годишнината од раѓањето на великанот на македонското револуционерно дело Гоце Делчев, информираат од нејзиниот кабинет.
Предвидено е претседателката Сиљановска-Давкова, по тој повод да положи цвеќе на неговиот гроб во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Потоа Сиљановска-Давкова ќе го посети Универзитетот „Гоце Делчев“ - Штип, каде ќе положи свежо цвеќе пред споменикот на Гоце Делчев, што се наоѓа пред ректоратот на универзитетот во Ново Село и ќе присуствува на одбележувањето на годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер.
Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски синоќа во Њујорк имал средба со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
Муцунски на Фејсбук објави дека на средбата со Гутереш во седиштето на ОН, ја нагласил „значајната улога на организацијата во време на комплексни глобални предизвици, како што се вооружените конфликти, кршењето на човековите права, тероризмот, насилниот екстремизам, новите технологии и климатските промени“.
Скопје - Министерот за внатрешни работи Пачне Тошковски вчера остварил билатерална средба со амбасадорката на Кралството Норвешка, Кристин Мелсом.
На средбата, како што соопшти денеска МВР, било изразено задоволството од соработката помеѓу двете полиции која се остварува преку сите меѓународни и регионални канали на полициска соработка и истата се одвива на високо професионално ниво.
Министерот Тошковски изразил благодарност за поддршката на Владата на Норвешка во реализација на проекти наменети за подигнување на капацитетот на министерството во борбата со криминалот и корупцијата како реализираниот проект за зголемување на капацитетот во истрагите на местото на настанот.
Скопје - Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски и директорот на Управата за хидрометеоролошки работи Игор Лазаровски со швајцарската амбасадорка Вероник Улман потпишаа Меморандум за разбирање преку кој се договори взаемна соработка на проектот „Програмата за управување, користење и заштита на подземните води на Република Северна Македонија“, соопшти денеска МЖСПП.
Оваа Програма, појаснуваат оттаму, се воспоставува за долгорочна трансформација на управувањето на водните ресурси, преку градење на капацитетите на сите вклучени страни, обезбедување на неопходен механизам за соработка и подобрување на законодавството и рамката за планирање.
Скопје - Полициски службеници од Полициската станица Кочани ноќеска го привеле Г.Г.(64) од с.Жиганци, општина Чешиново – Облешево. Тој се сомничи дека синоќа околу 23:45 часот предизвикал пожар во нива на стариот пат Штип - Кочани во близина на село Кучичино, општина Чешиново – Облешево, соопшти МВР.
Пожарот бил изгаснат од екипа на Територијалната противпожарна единица Кочани, а повредени лица нема. Лицето било задржано во Полициската станица Кочани и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријва по член 288 од Кривичниот законик.
Атина – Серија земјотреси, но со јачина помала од пет степени и во текот на ноќта беа регистрирани во морскиот дел во близина на Санторини, каде што од саботата е зголемена сеизмичката активност и преземени се вонредни мерки и препораки, а процените се дека грчкиот остров веќе го напуштиле над 5.000 лица, јави дописничката на МИА од Атина.
Од полноќ до рано утрово беа регистрирани шест земјотреси меѓу 4 и 4,8 степен, а слична беше ситуацијата и во текот на вчерашниот ден, што според директорот на Геодинамичкиот институт на Опсерваторијата во Атина Василис Карастатис значи дека „сеизмичката активност не деескалира, туку напротив се интензивира“.
Атина – Грција ќе преземе иницијативи во рамките на Европската унија, но и како непостојана членка на Советот за безбедност на ОН за да се зголеми хуманитарната помош, што ќе се насочи во регионот, рече министерот за надворешни работи на Грција Јоргос Герапетритис за државната телевизија ЕРТ по завршувањето на неговата посета на Катар, Израел и палестинските територии и ја истакна важноста да се консолидира договорот за прекин на огнот и „Блискиот Исток да стане одржлив регион за сите“, јави дописничката на МИА од Атина.
Шефот на грчката дипломатија рече дека „се затвора важен циклус на присуство на грчката дипломатија во поширокиот регион на Блискиот Исток“, со оглед на тоа што во изминатите денови оствари средби со премиерот на Катар, министерот за надворешни работи на Израел со палестинскиот премиер во Рамала, додека пак денеска ќе се сретне со шефот на јорданската дипломатија и ќе биде примен од кралот на Јордан.
Анкара - Турција ќе прифати 15 палестински затвореници ослободени од затворите во Израел, објави турската телевизија Си-Ен-Ен-Турк.
Палестинците во наредните денови ќе пристигнат во Турција.
Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан изјави дека еден од условите на договорот за прекин на огнот во Газа предвидува дека палестинските „затвореници“ нема да останат на палестинските земји по нивното ослободување. Тој додаде дека претседателот Реџеп Тајип Ердоган дал наредба Турција да прифати дел од ослободените Палестинци.
Женева - Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е зголемен бројот на заболени од рак на белите дробови кај луѓе кои никогаш не пушеле, а како еден од клучните фактори се наведува загадувањето на воздухот.
Според проценките на Меѓународната агенција за истражување на ракот (ИАРЦ), ракот на белите дробови кај непушачите се смета за петта водечка причина за смрт од рак во светот.
Студијата објавена во научното списание Lancet Respiratory Medicine наведува дека во 2022 година, околу 200.000 случаи на аденокарцином биле поврзани со изложеност на загаден воздух, при што источна Азија, особено Кина, претрпе најголемо влијание од загадувањето.
Стокхолм - Шведската влада соопшти дека шиитската џамија во Стокхолм е платформа за иранска шпионажа против Шведска и иранската дијаспора.
„Ова е исклучително опасно“, напиша шведскиот министер за социјални работи Јакоб Форсмед на Икс.
Тој наведе дека шведската безбедносна служба проценила дека Исламскиот центар „Имам Али“ во Стокхолм го користи Иран како платформа за шпионажа и за вршење активности кои претставуваат безбедносна закана.
Форсмед додаде дека Шведска ја суспендирала сета државна парична помош за центарот и дека се во тек дополнителни процеси.
Тел Авив - Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска соопшти дека Израел се подготвува да испрати делегација на високо ниво во катарската престолнина Доха за да разговара за продолжување на договорот за прекин на огнот во Газа.
Според условите на првичниот договор, кој вклучуваше 42-дневен прекин на огнот и размена на заложници за палестински затвореници, денеска треба да започнат преговорите за втората фаза, која може да доведе до крај на војната.
Кито - Еквадорскиот претседател Даниел Нобоа најави затворање на границите на земјата од сабота на три дена, вклучувајќи го и првиот круг од претседателските избори во недела, на кои тој е кандидат.
„Со оглед на обидите на вооружените групи да ја дестабилизираат земјата, од сабота, 8 февруари, до понеделник, 10 февруари, границите ќе останат затворени“, изјави денеска лидерот на својот профил на социјалната мрежа Икс.
Киншаса - Сојузот на бунтовнички групи на истокот на Демократска Република Конго (ДРК) објави едностран прекин на огнот што почнува денеска.
Во соопштението, Сојузот, која ги вклучува и бунтовниците М23, ги наведе „хуманитарните причини“ како основа за прекин на огнот откако тие зазедоа територија во источните делови на земјата, јави Би-Би-Си.
Според податоците на ОН, најмалку 900 луѓе се убиени, а 2.880 се повредени во најновите борби во и околу Гома, најголемиот источен град во Демократска Република Конго.
Бунтовниците ја зазедоа Гома, предизвикувајќи осуда од Г7 и ЕУ, кои ја нарекоа офанзивата „повреда на суверенитетот на ДР Конго“.
Мексико Сити - Мексиканските власти го уапсија Рикардо Гонзалес Сауседа, познат како „Ел Рики“ или „Мандо Р“, кој беше идентификуван како регионален лидер на картелот Норсете во сојузните држави Нуево Леон и Коахуила.
Апсењето беше извршено во координирана операција на безбедносните сили во градот Нуево Ларедо.
Според мексиканските медиуми, „Ел Рики“ се смета за вториот најважен човек во оваа криминална организација, веднаш по Хуан Сиснерос Тревињо, познат како „Хуанито Тревињо“.
Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп денеска рече дека Украина треба да обезбеди ретки минерали на САД во замена за помошта на Вашингтон во војната против Русија, пренесува Анадолија.
Трамп пред новинарите во Белата куќа изјави дека Вашингтон и Киев се во преговори.
„Во моментов работиме на некои договори, имаме одредени гаранции и некои други работи за да продолжиме со целата ситуација“, рече Трамп.
Американскиот претседател посочи дека САД и обезбедуваат на Украина поголема економска и воена помош од Европа и рече дека Киев е отворен за неговиот предлог.
Сеул - Северна Кореја ги повлече своите војници од фронтот во рускиот регион Курск поради големи загуби, јави денеска јужнокорејската новинска агенција Јонхап, повикувајќи се на јужнокорејската разузнавачка служба (НИС).
Од средината на јануари „нема знаци“ за севернокорејско воено присуство во борбите во Курск, пренесе Јонхап.
Претходно, украинските и американските медиуми, вклучително и Њујорк тајмс, известија за повлекувањето на севернокорејските војници, потсетува ДПА.
Лондон - Вкупно 33 жаби-младенчиња од загрозен вид, од Чиле, се родиле во Лондон, Велика Британија. Ова е дел од потфатот да се спаси овој вид од разорна габична болест којашто се јавила во шумите во Чиле, јавува „Би-би-си“.
Дарвиновата жаба била откриена од Чарлс Дарвин во 1834 година. Занимливо е тоа што раѓа на прилично неконвенционален начин... Имено, полноглавците од оваа жаба која живее на јужната Земјина полутопка, се развиваат во гласните ќеси на жабецот т.е. родителот-мажјак и се раѓаат преку неговата уста. Конзерваторите истакнуваат дека зачувувањето на овие жаби во лабораторија „купува време“ за видот, додека се прават напори нивното живеалиште повторно да биде безбедно.
Балтимор - Истражувачи од Институтот „Кенеди Кригер“ во Балтимор, САД и Универзитетот Нотингем Трент во Велика Британија развија едноминутна видеоигра со којашто може точно да се разграничат децата со аутизам од децата со состојбата на хиперактивно нарушување (АДХД) и со невротипичен развој.
Во испитувањето, на 183 деца на возраст од седум до 13 години им било побарано да имитираат движења на даден видеоаватар слични на танц во тек на една минута. Врз основа на тоа, децата со аутизам успешно се разликуваат од оние со невротипичен развој со 80 отсто точност, објави порталот „Сајтекдејли“ (SciTechDaily).