• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

   5  февруари 2025

 

Скопје - Во Владата денеска се одржа првиот состанок на Управниот одбор на Националната развојна стратегија во проширен состав. Управниот одбор со Работниот комитет е помошно тело на Националниот совет за развој, кој како постојано советодавно тело функционира во Владата. Тие ја претставуваат управувачката структура на Националната развојна стратегија. Управниот одбор обезбедува стратешка и партнерска соработка на Советот со меѓународната заедница, меѓународните финансиски институции и со донаторите, соопшти владината прес-служба. 

Скопје - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, од утре до 13 февруари 2025 година ќе престојува во работна посета на Австралија, што претставува прва посета на македонски министер за надворешни работи по пауза од 15 години.

Како што соопштија денеска од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во рамки на интензивната политичка агенда, планирана е средба со министерката за надворешни работи на Австралија, Пени Вонг (Penny Wong), на која ќе бидат потврдени добрите и пријателски билатерални односи, како и можностите за нивно натамошно продлабочување, особено на економски план. На средбата се очекува и размена на мислења за актуелните меѓународни прашања

Скопје - Тргнува првиот воз од Скопје за Куманово. Ќе се патува 41 минута, а возот ќе сообраќа двапати дневно.

Во одредени делови од денот, возот ќе сообраќа и до Бељаковце, а кога ќе биде завршена пругата, и до Крива Паланка.

Скопје - Се уште нема договор, кога би имало би го објавиле, рече денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николовски, одговорајќи на новинарско прашање во врска со заедничката изградба на тунелот на железничката пруга од Коридорот 8 од македонска и бугарска страна.

Како што изјави Николовски, точно е дека се водат интензивни разговори и прашање на време е, на недели, а не на месеци, кога ќе се излезе со позитивни вести ако постои добра волја од страната на Бугарија.

Скопје - Изминатите шест месеци докажавме дека може да се смени сликата на „Железници Транспорт" и неблагодарно е зад претпријатието да стои префиксот загубар. Довербата на добавувачите е вратена, тие веќе немаат кочница дали сме клиент, а вратена е целосно и довербата кон доверителите. Сите деловно-технички релации со компаниите за одржување во регионот и пошироко се обновени. Сега сме во 24-часовна комуникација со кој било од железничкиот бизнис во југоисточна Европа и тоа зборува на која патека сме, рече денеска генералниот директор и претседател на Управниот одбор на „ЖРСМ Транспорт“ Дејан Кошутиќ.

Тенденцијата е, нагласи Кошутиќ, е „Железници Транспорт" да достигне просечен годишен приход меѓу 12 - 13 милиони евра како што беше во 2012 година.

Скопје - Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска остварил средба со амбасадорот на Австрија, Мартин Памер, на која изразил подготвеност за поддршка и имплементација на новиот билатерален план за соработка со Австрија, што опфаќа широк спектар на активности од различни области.

Скопје – По изнесените забелешки во јавноста во врска со претходните судски случаи на обвинетиот за сообраќајката на „Партизанска“ Васил Јованов, каде животот го загуби 22-годишната Фросина Кулакова, денеска, претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, посочи дека комисија на Судскиот совет веќе ги разгледува списите и ќе постапи по сите забелешки на јавноста.

Камбовски посочи дека утре Судскиот совет ќе формира комисија која ќе ги разгледа сите списи, по што ќе излезе со став дали имало пропуст во претходните судски постапки на обвинетиот Васил Јованов.

Скопје – Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ денеска ги додели уверенијата на кандидатите за судии и јавни обвинители од осмата генерација во почетната обука на Академијата. Како што информираше директорката на Академијата, Ирина Трајкоска Стрезоски, уверенија ќе добијат вкупно 97 кандидати, од кои 50 се судии, а 47 јавни обвинители. 

– Оваа генерација е најбројна досега, односно 50 судии и 47 јавни обвинители, вкупно 97 кандидати. Сите успешно го завршија завршниот испит, впрочем заради тоа сме денеска тука на свечено доделување на нивните уверенија, изјави директорката.

Скопје - Министерството за социјална политика, демографија и млади информира дека денеска започна исплатата на правата од социјална, детска и цивилна заштита за месец Јануари 2025 година.

Корисниците на парични права коишто поседуваат дебитна картичка ќе можат да подигнат готовина на банкоматите на банките, да ги користат средствата за безготовински плаќања во продажната мрежа или преку електронско и мобилно банкарство од денеска, 05 Февруари 2025 година.

Скопје - Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС од полноќ се зголемува за 1,353 денари и еден килограм ќе чини 46,025 денари, соопшти Регукаторната комсија за енергетика.

Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.

Приштина - Израелската амбасадорка во Приштина Тамара Жив објави дека земјата официјално ги укина визите за косовските граѓани.

Договорот за укинување на визите беше ратификуван на четвртата годишнина од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Косово и Израел.

Берлин - Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ќе присуствува на Минхенската безбедносна конференција, што ќе се одржи следната недела во Германија, изјави денеска портпаролот на германската Влада.

Конференцијата наречена „Давос за одбраната“, што се одржува од 14 до 16 февруари, секоја година ја собира елитата на светската геополитика во главниот град на Баварија.

Брисел - Бриселската полиција се уште трага по двајца осомничени кои утрово околу 6.15 часот отвориле оган од автоматско оружје во бриселската населба Андерлехт, по што влегле во метро станицата „Клемансо“, од каде се претпоставува дека побегнале преку тунелите на подземната железница. 

- Се уште никој не е уапсен. Истрагата продолжува, засега нема индиции дека ова пукање има терористички мотиви, изјави претставник на полицијата за телевизијата ВРТ.  

Берлин - Германскиот политички врв остро ги критикуваше плановите на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на палестинското население од Појасот Газа, нарекувајќи ги неприфатливи и спротивни на меѓународното право.

Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок категорично ги отфрли плановите на Трамп за присилно отстранување и раселување на палестинското население од Појасот Газа, јави ДПА.

Брисел - Чешкиот премиер Петр Фијала за време на неофицијален разговор со неговиот словачки колега Роберт Фицо изразил незадоволство од неговите изјави за наводно мешање на чешки политичари во внатрешните работи на Словачка, објави денеска словачка новинска агенција.

Тие одржаа неформален состанок во Брисел.

Москва - Изјавата на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека е подготвен да преговара со Русија, имајќи предвид дека самиот си забрани да учествува во нив, се празни зборови, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Подготвеноста мора да се заснова на нешто, не може да се заснова на законска забрана за такви преговори, рече Песков денеска на својот дневен брифинг.

Тел Авив - Палестинските власти категорично го отфрлија предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за преселување на жителите на Појасот Газа, јави ДПА.

-Палестинското раководство зазема цврст став дека решението со две држави, засновано на постоење на две држави и доследно на меѓународното право, е гаранција за безбедност, стабилност и мир, напиша денеска на „Х“, Хусеин ал-Шеик, генерален секретар на Извршниот комитет на Организацијата за ослободување на Палестина.

Стокхолм - Француската компанија за луксузни производи „Луј Витон“ е казнета со пет милиони круни (околу 440.000 евра) во Шведска, откако клиент во неколку наврати плаќал големи суми во готовина во продавница во Стокхолм, кршејќи ги одредбите од Законот за перење пари, се вели во пресудата на Управниот суд.

Киев - Украина загуби 45.100 војници на бојното поле од почетокот на сеопфатната инвазија на Русија пред речиси три години, изјави украинските претседател, Володимир Зеленски.

Зеленски, во разговор со британскиот новинар Пирс Морган, рече дека бројот на повредени војници е 390.000, пренесе ДПА.

Лондон - Температурата на Северниот Пол во неделата, 2 февруари, се искачи за повеќе од 20 степени Целзиусови над просекот за овој период од годината, достигнувајќи -1 степен, што е праг за топење на мразот, соопшти Службата за климатски промени на ЕУ „Коперникус".

Според научниците, овој необично топол бран е поврзан со систем на низок воздушен притисок над Исланд, кој насочува силен топол воздушен тек кон Арктикот, објави британскиот весник „Гардијан".

Остани поврзан