• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

28 јануари 2025 

Краков - Македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова, пред заминувањето од Полска, се осврна на атмосферата што преовладуваше на церемонијата за одбележување на 80 години од ослободувањето на Аушвиц.

Иако првично беше најавено присуство на околу 50 преживеани поранешни затвореници, на настанот учествуваа околу 85, со оглед на тоа што и дел од државните делегации беа придружени од преживеани од кампот.

Главниот настан беа сведочењата на четворица преживеани: Мариан Турски, Јанина Иванска, Това Фредман и Леон Вајнтрауб.

Скопје - Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски изјави дека неговото физичко следење од страна на службите додека бил лидер на опозицијата била класична злоупотреба на државните ресурси и дека, како што вели, нема никаква разлика од прислушкувањето преку злоупотреба на државни ресурси за што луѓе лежат во затвор.

-Што е разликата помеѓу злоупотреба на државните ресурси и прислушкување и физичко покривање, исто така, со злоупотреба на државните ресурси на претседател на најголема политичка партија во опозиција во тој момент? Што е разликата? Нема разлика, за ова луѓе во затвор се, за ова луѓе се во затвор. Тоа што врз основа на наводна информација добиена од информатор била составена белешка која потоа врз основа на процедурата на агенцијата  служела како алиби за да може институционално да биде следен истакна дека не е во ред, а тоа се потврдува и со тоа што МВР не била информирана. Врз основа на тоа што успеав да го видам и да го слушнам од луѓето со коишто комуницирам, а тие се вработени во агенциите коишто се занимаваат со безбедност, тогаш можам да заклучам дека станува збор за внатрешна процедура во која што се користат ресурси на овие агенции коишто најчесто постапуваат по принципот на добиена информација, без да има материјални докази, истакна Мицкоски во гостување во емисијата „360 степени”. 

Скопје - Друштвото за дистрибуција на топлинска енергија ЕСМ дистрибуција на топлина ДООЕЛ Скопје до Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) поднесе барање за промена на максимален регулиран приход и цена за 2024 година за регулираната дејност дистрибуција на топлинска енергија.

Со поднесеното барање лани во декември, како што информираат од РКЕ, ЕСМ дистрибуција на топлина бара промена на прогнозираниот трошок за набавка на енергија за 2024 година и предадените количини на топлинска енергија и зголемување на трошокот за гориво за 2024 година во износ од 12,92 отсто.

Скопје - Северна Македонија, во втората половина од март, годинава, ќе биде домаќин на следниот Состанок на лидерите на Западен Балкан (WB6), посветен на Планот за раст на Европската Унија. 

Како што соопшти Министерството за европски прашања, одлуката е донесена како резултат на проактивната улога на Владата на Република Северна Македонија во подготвувањето и имплементацијата на Реформската агенда поврзана со овој стратешки план.

-Оваа одлука на ЕУ претставува признание за нашите заложби за унапредување на регионалната соработка и интеграцијата во европското семејство, стои во соопштението.

Скопје - Државниот завод за ревизија (ДЗР) изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Фондот на пензиското и инвалидското осигурување (Фонд ПИО) за 2023 година во која заклучува дека наплатените придонеси од плата на Фондот и во 2023 година не се доволни за покривање на дефицитот од 33 отсто за исплата на пензии.

Со извршената ревизија е изразено неповолно мислење за вистинито и објективно прикажување на финансиската состојба и резултатите од финансиските активности, како и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставените политики.

Скопје - Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска информира дека институциите задолжени со акцискиот план за грејната сезона 2024-2025, продолжуваат со реализација на мерките што треба да дадат резултат во намалување на загадувањето на воздухот.

- И во изминатава недела, секторите за внатрешни работи и Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата (МЕБСП) на Министерството за внатрешни работи продолжија со засилени контроли на возилата што сообраќаат низ градовите во државата. Од вкупно 1.859 контроли низ градовите на државата, во Скопје  се направени 70, во Тетово - 195, во Охрид - 383, во Битола - 429, во Велес - 102, во Куманово - 150, во Штип - 209, во Струмица 143 и по патиштата низ државата - 178, се појаснува во соопштението на МЖСПП.

Белград – Српските студенти ја продолжија целодневната блокада на белградската населба Автокоманда за која претходно беше најавено дека ќе заврши утрово во 10 часот.

Во Автокоманда утрово има значително помалку студенти од вчера и тие ја продолжуваат блокадата, некои со гитари и музика, додека жителите од околните згради им носат кафе и чај.

Во текот на ноќта групи граѓани дојдоа во Автокоманда да им изразат поддршка на студентите, меѓу кои и група таксисти.

Белград – Студентската блокада на белградската населба Автокоманда заврши околу 10 часот и во текот на ноќта немаше никакви инциденти во областа.

Според извештаите на српските медиуми, студентите го расчистиле просторот што го блокираа од вчера во 10 часот, додека градските служби го отстраниле ѓубрето и преносливите тоалети кои биле поставени на локацијата.

Полицијата и обезбедувањето го координирале повлекувањето на студентите од една од најфреквентните сообраќајници во Белград. Сообраќајот сега се одвива нормално. 

Рим – Невреме повторно ги зафати италијанските провинции Тоскана и Лигурија, а делови од Фиренца се поплавени, јавија денеска италијанските медиуми.

Според локалната полиција, најпогодени се областите Олтрарно и Галуцо.

Невремето предизвика штети и во Лигурија, особено во Џенова, каде што се урна ѕид од зграда, поради што пожарникарите ја пребараа областа за да проверат дали има затрупани луѓе. 

Рим – Брод на италијанската морнарица со 49 мигранти денеска пристигна во Албанија каде ќе се обработуваат нивните барања за азил.

Италијанското Министерство за внатрешни работи не ја прецизираше националноста на мигрантите кои беа донесени во пристаништето Шенѓин, 66 километри северозападно од Тирана, но италијанските медиуми јавија дека се од Бангладеш, Египет, Брегот на Слоновата Коска и Гамбија.

Брисел - Проширувањето на ЕУ е една од политиките што е исклучително важна за сите шест земји од Западниот Балкан и претставува шанса секоја од нив да спроведат реформи и да ги исполнат бараните услови за членство во Унијата, изјави денеска хрватската државна секретарка за Европа, Андреја Метелко-Згомбиќ. 

- Така ќе можат да се трансформираат, да се соочат со минатото, подобро да ги развиваат добрососедските односи, да придонесат за регионалната соработка и би рекла вистински да придонесат за благосостојбата на сопственото население и за зајакнување на економијата, истакна Метелко-Згомбиќ пред почетокот заседанието на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.   

Таа изрази задоволство што проширување ќе биде во фокусот во следниот период, посочувајќи дека ЕУ треба да ги поддржи земјите кандидати за членство за да ги реализираат сите потребни напори за пристапување кон Унијата. 

Брисел - Проширувањето на ЕУ еден од приоритетите на полското претседавање и Полска е амбициозна и посветена на овој процес, изјави денеска полскиот министер за Европската Унија, Адам Шлапка пред почетокот заседанието на Советот за општи работи на ЕУ во Брисел.  

- Но, напредокот на зависи само од Претседателството. Напредокот зависи и од Комисијата, напредокот зависи и од земјите членки и секако и од кандидатите за членство, рече Шлапка, додавајќи дека Полска има амбициозна програма во однос на проширувањето. 

Тој додаде дека полското претседателство ги чека извештаите од Европската комисија и е подготвена прашањето за проширувањето да го „стави на маса“ пред Советот на ЕУ. 

Лондон - Шефот на британската дипломатија Дејвид Лами телефонски разговарал со неговиот нов американски колега Марко Рубио при што истакнал дека Велика Британија и САД „работат заедно“ за да ја зајакнат безбедноста на луѓето од двете земји.

Лами соопшти дека тој и Рубио, првиот член на кабинетот на американскиот претседател Доналд Трамп кој беше потврден минатата недела, разговарале за низа прашања, вклучително и индо-пацифичкиот регион, Украина и Блискиот исток.

- Велика Британија и САД работат заедно за да обезбедат поголема безбедност и просперитет за сите наши граѓани. Со нетрпение очекувам наскоро да се сретнеме и дополнително да ги зајакнеме британско-американските врски, напиша британскиот министер на Х.

Берн – Втора година по ред лицата без религиска припадност се најголемата група во Швајцарија, покажуваат резултатите од истражувањето спроведено во оваа земја.

Свисинфо (Swissinfo) посочува дека во текот на 2023 година продолжил да расте бројот на Швајцарци без верска припадност, достигнувајќи 36 отсто од популацијата. Претходната 2022 година оваа бројка изнесуваше 34 отсто.

Истовремено, уделот на католици во вкупната популација Швајцарци опадна од 32 на 31 отсто, покажуваат податоците на Федералното биро за статистика. Членовите на националната евангелистичка реформирана црква опаднаа од 21 на 19 отсто.

Вашингтон – Во близина на јужната граница на САД вчера имаше престрелка помеѓу агенти на американската гранична патрола и членови на мексикански картел.

Вооружениот инцидент се случи во близина на градот Фринтон, Тексас кога група мигранти се обиделе илегално да влезат во САД.

Според американските медиуми, во престрелката никој не е повреден,

Американската Служба за имиграција и царина соопшти дека вчера уапсила 1.179 лица, а 853 се во имиграциски притвор.

Остин - Имиграциските власти уапсија речиси 1.200 илегални мигранти на границата меѓу САД и Мексико за само еден ден, а речиси половина од приведените немаат криминално досие, изјави висок претставник на администрацијата на Трамп.

Податоците покажуваат дека имиграциските и царинските служби уапсиле вкупно 1.179 лица во неделата, но само 613 од тие апсења, или 52 отсто, биле сметани за „кривични апсења“, пишува Ен-Би-Си Њуз, додавајќи дека останатите приведени се претежно оние кои не сториле друго кривично дело освен нелегално преминување на границата.

Меѓу уапсените има осум лица кои се сметаат за најлоши криминалци.

Вашингтон - Маж од американската сојузна држава Индијана беше запрен и убиен од полицијата, само неколку дена откако претседателот Доналд Трамп го помилува за прекршок поврзан со нападот во Капитол во 2021 година, објави Си-Ен-Ен.

Четириесет и двегодишниот Метју Хатл од Хобарт Сити бил застрелан и убиен од полицаец од округот Џаспер во неделата, соопштија властите.

Државната полиција го истражува инцидентот и рече дека полицаецот се обидел да го уапси Хатл кога „избувнала расправија меѓу осомничениот и полицаецот, што резултирало со употреба на оружјето и смртно ранување на осомничениот“.

 

 

Остани поврзан