• сабота, 22 февруари 2025
МИА Радио флеш

  11  февруари  2025

 

 

Скопје - Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова очекува членовите на Судскиот совет да поднесат оставки. Ова е апел до моралот, рече денеска, зашто тие се избрани не за да бидат судски скандал мајстор, туку за да оневозможуваат какво било скандализирање на независната судска власт.   Според Сиљановска-Давкова, треба да има законски механизми што ќе овозможат регрутирање на најдобрите во ваквите тела, а не акцентот да се става на политизираноста и партизираноста.

Скопје - Тоа што тие го покренуваат како прашање, не е надлежност на началникот на Генералштабот, туку на министерот за одбрана, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за реакциите од ДУИ дека има исклучување на Албанци од раководни позиции во одбраната.

-Јас од љубопитност прашав, одговорот беше дека се работи за истите органи, истите луѓе, само што во реформите имаат преименување. И јас го слушнав тоа, мислам дека треба да се провери и мислам дека да, треба да се води сметка за правичната и соодветната застапеност. Но, потенцирам дека ние еднаш мора да се договориме што всушност значи правична и соодветна застапеност, нагласи Сиљановска-Давкова, одговорајќи на новинарско прашање по настанот „Глобален женски појадок 2025“.

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека досега немаат остварено комуникација со новата Влада на Бугарија и очекува шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски да одржи средба со бугарскиот колега Георг Георгиев на маргините на Минхенската безбедносна конференција, која треба да започне на 14 февруари. 

Скопје – Повторениот јавен повик за ископ на јаглен во РЕК Битола е објавен на 28 јануари годинава и веќе течат роковите за поднесување на понуди, информира денеска генералниот директор на АД ЕСМ Лазо Узунчев.

-Повторно се работи за отворен повик со скратен рокови од 20 дена. Очекуваме по истекот на 20. дена да видиме кој се има поднесено понуди и да извршиме евалуација на новиот економски оператори, рече Узунчев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата по потпишувањето договор со КфВ банката.

Скопје – Со денешното потпишување на сепаратните проектни договори меѓу АД ЕСМ и германската КфВ банка почнува процесот за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци“ за што претходно лани во декември беше обезбеден заем од 55 милиони евра од Банката со државна гаранција потпишана од Министерството за финансии по исклучително поволни услови, со рок на отплата од 15 години и вклучен грејс период од 5 години. 

Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски смета дека има „многу основа за една критичка дискусија и дебата“ по однос на интерпелацијата на членовите на Судскиот совет во Собранието, нагласувајќи дека очекува пратениците да гласаат по своја волја и убедување дека „ќе биде најдобро за иднината на државата и граѓаните“.

Скопје – Министерството за образование и наука деновиве на училиштата ќе им достави упатство како треба да се постапува во случај на хибридни закани. Упатството е подготвено од Министерството за дигитална трансформација, а МОН во него додава неопходни правила или препораки кои треба да се користат при дојави за поставени експлозиви како што се случи во петокот. 

Упатство креирано од МВР беше проследено пред две години кога училиштата во државава, есента 2022 и пролетта 2023, речиси секојдневно добиваа лажни дојави за бомби. 

Скопје – Општините се надлежни за училиштата и тие може да донесат одлука за забрана на мобилни телефони за време на наставата, изјави министерката Весна Јаневска, одговарајќи на прашање дали МОН може да донесе општоважечка одлука и откако родители бараат без телефони за време на часовите да бидат учениците во сите училишта, вклучително и во средните.

-Согласна сум дека кога кај учениците нема мобилни телефони повеќе ќе се фокусираат на знаењето. Но, училиштата се под ингеренции на општините и општините заедно со менаџерите на училиштата заеднички ја носат таа одлука, рече Јаневска одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција. 

Скопје - Министерството за образование и наука денеска промовираше мобилна апликација за пристап до електронскиот дневник (Е-Дневник) наменет за над 200 илјади родители и старатели, што ќе им овозможи брзо и лесно да го следат образовниот напредок на децата.

Министерката Весна Јаневска рече дека апликацијата овозможува увид во распоредот и содржината на часовите на учениците, во редовноста на настава – оправдани и неоправдани изостаноци, зададените домашни задачи, добиените оценки и издадените свидетелства.

Скопје - Полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи вчера по сообраќајните контроли спроведени низ патиштата во земјава издале вкупно 909 платни налози по основ на прекршоци.

Како што информира денеска МВР, се постапувало согласно Законите за безбедност на сообраќајот на патиштата и за возила.

Скопје - Премиерот Христијански Мицкоски денеска изјави дека изборот на кандидати за членови на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ) е спроведен согласно законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, може да ја врши таа функција.

-Изборот на членови на АВМУ, како и изборот на вршители на високи државни и јавни функции се врши врз основа на законски одредби и секој оној кој што ги исполнува, а е предложен да ја врши таа функција, ќе ја врши. На основа на чувства и изјави кои што не водат во насока на подобрување на тој процес, јас нема да давам какви било коментари. Но, секој кој што ги исполнува законските ктитериуми, и уставни се разбира, во оваа држава може да биде избран за секоја функција за која што ќе биде предложен. Тој кој што не ги исполнува нема да биде предложен, вели Мицкоски на новинарско прашање за коментар за наводни реакции од странски амбасади за професионалноста на кандидатите за членови на Советот на АВМУ и нејзина политизација.

Скопје - Збирката раскази „Приказничар“ од Жарко Кујунџиски, во издание на „Антолог“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело, додека „Посвети и пофалби“ од Иван Џапароски, во издание на „Дијалог“ е добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка во 2024 година, информираше денеска на прес-конференција претседателот на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ), Живко Грозданоски.

Како што информираше, во однос на наградата „Стале Попов“ за 2024 година, на конкурсот пристигнале вкупно 11 дела од членовите на ДПМ. Одлуката ја донела жири комисијата во состав на претседателката Лилјана Пандева и членовите Петар Андоновски и Блаже Миневски.

Скопје - Проектот „Страда бруталисима“ на авторите д-р Благоја Бајковски, д-р Ана Рафаиловска, м-р Невенка Манчева Аџиевска и м-р Марија Антиќ Николовска, во организација на Националната галерија ќе ја претставува нашата држава на 19-тата Меѓународна изложба на архитектурата во Венеција што ќе се одржи од 10 мај до 23 ноември. „Страда бруталисима“ ја става во фокус бруталистичката архитектура на Скопје, која е еден уникатен и парадигматичен слој од постземјотресната историја на градот.

Комесари на изложбата се Фросина Зафировска и Маја Неделковска Брзанова. Проектот е предложен од Националната галерија, а поддржан е од Министерството за култура и туризам на Северна Македонија.

Атина – Ваква појава немаме видено досега, ништо не е нормално, вели директорот за истражувања од Геодинамичкиот институт Атанасиос Ганас за грчката државна телевизија ЕРТ, додека пак претседателот на Организацијата за антисеизмичко планирање и заштита Ефтимиос Лекас за порталот „Ајефимерида“ коментира дека „се движат низ непознати води“, во однос на континуираните земјотреси во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос, јави дописничката на МИА од Атина.

Никозија - Стотици училишта во Кипар утринава добиле заканувачки мејлови во кои се тврди дека во зградите се поставени експлозивни направи, објави весникот „Филелефтерос“.

Училиштата кои ги добија заканите се во главниот град Никозија, во провинциите Лимасол, Ларнака, Пафос и неокупираниот дел од провинцијата Фамагуста. Упатени се закани до вкупно 215 образовни институции.

Ватикан - Папата Франциск во отворено писмо до католичките епископи во САД остро го критикуваше планот на американскиот претседател Доналд Трамп за депортација на милиони мигранти. Западните медиуми посочуваат дека вакво директно писмо од папата до верниците е реткост.

Папата, кој претходно го нарече планот „срамота“, во писмото нагласува дека е неправедно да се сметаат сите мигранти без документи за криминалци.

„Ги повикувам сите верници во Католичката црква да не подлегнуваат на пораки кои дискриминираат и предизвикуваат непотребни страдања кај нашите браќа и сестри – мигрантите и бегалците“, пишува папата.

Брисел – Европската Унија се уште нема детали околу одлуката на американскиот претседател Доналд Трамп за воведување царини од 25 отсто на увозот на челик и алуминиум во САД и засега не може да даде информации за конкретните чекори што ќе ги преземе, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за економска безбедност, трговија, финансиски услуги и царини Олоф Гил. 

- Ја имаме извршната наредба од претседателот Трамп, но нашите американски колеги не објавија детали за мерките, така што се уште има многу нејаснотии, истакна Гил.

Минхен - Говор на омраза, закани за насилство и лажни вести: според истражувањето спроведено во десет земји, објавено денеска, повеќето луѓе би сакале оваа содржина да биде ограничена на социјалните мрежи.

Сепак, мнозинството корисници исто така мислат дека изложувањето на грубост, нетолеранција или омраза на социјалните мрежи е неизбежно, според истражувањето спроведено од Техничкиот универзитет во Минхен (ТУМ) заедно со Универзитетот во Оксфорд.

Брисел – Претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Кошта порача дека целосно ја поддржува Европската комисија во обезбедувањето цврст и соодветен одговор на „неоправданите царини“ за увозот на челик и алуминиум во САД, што со одлука на американскиот претседател Доналд Трамп треба да стапат во сила од утре. 

- ЕУ е обединета во одбрана на интересите на своите бизниси, работници и граѓани. Ние сме доверлив и предвидлив партнер. Ќе продолжиме да се залагаме за правична глобална трговија, објави Кошта на Икс. 

Стокхолм - Шведската полиција денеска соопшти дека уапсила едно лице во реонот на Стокхолм под сомнение дека подготвува терористички злосторства поврзани со исламистичкиот екстремизам.

Лицето е осомничено за подготвување терористички прекршок, учество во терористичка организација и подготвување убиство, соопшти полицијата.

Анкара - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и малезискиот премиер Анвар Ибрахим денеска во Куала Лумпур потпишаа 11 договори за соработка, јави турската државна телевизија ТРТ-Хабер.

Шефот на турската држава денеска беше во официјална посета на Малезија.

Ердоган и Ибрахим пристапија кон церемонијата на потпишување на договорите по нивните разговори и средбите меѓу делегациите на двете земји.

Киев - Воздушните беспилотни летала со краток дострел беа најчеста причина за цивилни жртви во Украина во јануари, соопштија Обединетите нации, укажувајќи на зголемената употреба на на таа технологија за време на конфликтот во Украина.

Според набљудувачката мисија на ОН, најмалку 139 цивили се убиени, а 738 се ранети во јануари 2025 година.

Од тој број, 27 отсто од смртните случаи и 30 отсто од повредите биле предизвикани од дронови со краток дострел. 

Москва - Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков рече дека значителен дел од Украина сака да биде руски и дека тоа одговара на изјавите на американскиот претседател Доналд Трамп, кој претходниот ден рече дека Украина еден ден може да стане руска.

„Фактот дека значителен дел од Украина сака да стане руски и веќе стана руски е реалност“, изјави Песков, мислејќи на анексиите на украинските територии во есента 2022 година.

Париз - САД и Велика Британија не ја потпишаа основната декларација на Самитот за вештачка интелигенција во Париз, насловен „Становиште за инклузивна и одржлива вештачка интелигенција“.

Меѓу приоритетите наведени во документот се „да се гарантира дека вештачката интелигенција е отворена, инклузивна, транспарентна, етичка, безбедна, сигурна, надежна и дека заслужува доверба, земајќи ги предвид меѓународните рамки за сите“, како и „да се направи вештачката интелигенција достапна за луѓето на земјата“.

Букурешт - Полицијата утрово изврши претрес во домот на Раду Пали, шеф на предизборната кампања на поранешниот кандидат за претседател на Романија, Калин Георгеску, пренесуваат локалните медиуми. Оваа акција предизвика жестока реакција од Георгеску, кој ја осуди како обид за заплашување.

„Полицаецот (министер за внатрешни работи Кеталин Маријан) Предоју и неколку обвинители испратија маскирани мажи во домот на мојот шеф на кампања, Раду Пали, ова утро. Барам оваа злоупотреба да престане – не можете да не заплашите, нема да клекнеме на колена“, напиша Георгеску на својот официјален профил на Фејсбук.

Техеран - Наградените ирански новинарки Нилуфар Хамеди и Елахе Мохамади се помилувани, објавија денеска два ирански весници.

Сите правни постапки против Хамеди и Мохамади се откажани, објавија весниците Шарг и Хамихан, повикувајќи се на адвокатите на новинарите.

Хамеди и Мохамади беа меѓу првите известувачи во Иран кои ја објавија веста за апсењето и смртта на Махса Амини, млада Иранка со курдско потекло, во септември 2022 година. Таа почина додека беше во притвор од владата, откако беше приведена поради наводно неправилно носење на шамијата.

Остани поврзан