• петок, 21 февруари 2025
МИА Радио флеш

11 февруари 2025 

Скопје - Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски е во тридневна посета на Обединетите Арапски Емирати, каде што ќе присуствува на Светскиот самит за влади 2025. На самитот насловен „Обликување на владите на иднината“, Андоновски ќе присуствува на покана на неговиот колега, Омар Султан Ал Олама, министер за вештачка интелигенција, дигитална економија и апликации за работа на далечина.

-Овој глобален настан ќе собере над 30 шефови на држави и влади, 400 министри, 80 претставници на меѓународни организации и 140 владини делегации за да дискутираат за глобалните предизвици и да креираат иновативни решенија за иднината. Самитот ќе се фокусира на клучни теми: идни технологии и вештачка интелигенција, одржлива енергија и климатски промени и глобално здравство и економска стабилност. Андоновски ќе се осврне на темите за иновациите во управувањето со јавната администрација и дигиталната трансформација. информира Министерството за дигитална трансформација.

Скопје - Продлабочувањето на економската соработка била во фокусот на работната посета на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на Австралија.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, во таа насока, тој вчера остварил средба со претставници на European Australian Business Council (EABC), водечка платформа за економска и трговска соработка меѓу Европа и Австралија.

Скопје - Претседателката  Гордана Сиљановска-Давкова денеска ќе се обрати на настанот „Глобален женски појадок 2025“ што ќе се одржи на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. 

Настанот е во организација на Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија, а по повод 11 февруари - Меѓународен ден на девојките и жените во науката.

Скопје - Во македонското Собрание денеска седници ќе одржат комисиите за еднакви можности на жените и мажите, за економски прашања, труд и енергетска политика и Законодавно-правната комисија.

Членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ќе одржат две седници, на едната ќе има Јавна расправа на тема „Спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство“, а на другата Предлог Акциски план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија 2025 -2027 и Предлогот за основање на работна група за следење на спроведувањето на Акцискиот план за унапредување на рамноправноста меѓу жените и мажите на Собранието на Република Северна Македонија 2025-2027.

Скопје - Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и Министерството за економија и труд денеска на седница на Владата треба да поднесат извештај во врска со бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи од што ќе зависи дали ќе се преземат понатамошни мерки за контрола на цените.

Бојкотот на потрошувачите го поддржа и премиерот Христијан Мицкоски кој рече дека не може исти производи од исти производители во сите земји во околината да бидат поевтини отколку во земјава, но кажа дека очекува производителите, дистрибутерите и трговците преку дијалог да го надминат проблемот. 

Скопје - Под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски денеска ќе бидат потпишани сепаратните договори меѓу АД ЕСМ и Банкарска група KfW (германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија), информираат од Владата. 

Појаснуваат дека АД ЕСМ со поволен кредит од германска развојна KfW Банка, почнува нов циклус инвестициски проекти во обновливи извори на енергија. Станува збор за изградба на фотоволтаичната електроцентрала „Битола 2“ и реализацијата на втората фаза од изградбата на ветерниот парк „Богданци. 

Атина - Меморандум за соработка во областите енергија, вода и отпад, денеска во Атина ќе потпишат Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (РААЕИ), јави дописничката на МИА од Атина.

Меморандумот ќе го потпишат претседателите на двете регулативни комисии, односно Марко Бислимоски од РКЕ и Атанасиос Дагумас од РААЕИ.

Скопје - Во согласност со залагањата на Детската амбасада МЕЃАШИ за постојано градење безбедна и сигурна средина, насочена кон потенцијалите и можностите за секое дете, како и следење и примена на трендови кои се поврзани со нашата цел, првпат на национално ниво ќе се одбележи „Меѓународниот ден за побезбеден интернет”.

По тој повод Прва детска амбасада во светот МЕЃАШИ организира настан преку кој на национално ниво ќе се започне со развој и подигање на свеста за безбедноста на децата во дигиталниот простор. 

Скопје - Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска на прес-конференција во Националната галерија – Даут-пашин амам ќе го соопшти проектот кој ќе ја претставува нашата држава на 19. Биенале на архитектурата во Венеција.

Годинашното издание на Биеналето на архитектурата во Венеција ќе се одржи од 10 мај до 23 ноември.

Скопје - Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска на прес-конференција ќе ги соопшти членовите на жири-комисиите задолжени за доделување на годишните награди за 2024 година, како и петмината добитници на наградите.

Како што најавија од ДПМ, ќе бидат објавени добитниците на наградите „Стале Попов“ за најдобро прозно дело, „Ацо Шопов“ за најдобра збирка песни, „Ванчо Николески“ за најдобро дело за деца и млади, „Димитар Митрев“ за најдобро дело критика или есеистика и „Мост“ за најдобро дело објавено од член на ДПМ на некој од јазиците што го зборуваат националностите во Македонија. Сите дела се објавени од членовите на ДПМ.

Атина – По синоќешниот земјотрес од 5,3 степени регистриран кусо по 22 часот во близина на Санторини, што воедно беше и најсилниот во морскиот дел меѓу островите Санторини и Аморгос во изминатите најмалку десет дена, во текот на ноќта и рано утрово следеше нова серија земјотреси меѓу 4 и 5 степени, јави дописничката на МИА од Атина.

Доколку се анализираат официјалните податоци од Геодинамичкиот институт на Националната опсерваторија во Атина, до 9.30 часот утрово беа регистрирани 13 земјотреси над 4 степени, од кои еден беше 5 степени, додека пак рано утрово во период од нешто помалку од два часа имаше 22 земјотреси над 3 степени, а најсилните беа 4,6, 4,8 и 4.9 степени.

Варшава  - Полските вооружени сили утринава соопштија дека Полска активирала авиони за да обезбеди безбедност во областите во близина на границата со Украина, откако Русија изврши воздушни напади врз Украина. Полските сили ја следат ситуацијата, се наведува на Х.

Исто така е соопштено дека полските сили веднаш ќе одговорат на какви било закани. Русија во текот на ноќта изврши нов напад врз Украина, а експлозии се регистрирани и во Полтава, пренесоа претходно украинските медиуми

Киев - Украина воведе вонредни ограничувања за снабдување со електрична енергија, објави денеска министерот за енергетика на земјата, нагласувајќи дека руските сили во моментот извршуваат нови напади врз енергетскиот систем.

 

„Од утринава, енергетскиот сектор е повторно под напади“, објави министерот за енергетика Герман Галушченко на социјалните мрежи.

Вашингтон - Американската војска повеќе нема да прифаќа трансродови лица и ќе престане да помага во процедурите за промена на полот на своите членови, се вели во писмото доставено до судот од министерот за одбрана Пит Хегсет.

„Со примена веднаш, се става пауза на сите нови приеми на лица со историја на родова дисфорија“, се вели во писмото на Хегсет, поднесено во Окружниот суд во Вашингтон.

Хаг - Обвинителот на Меѓународниот кривичен суд (МКС) Карим Кан е првата личност која е засегната од економските и визните санкции наметнати од американскиот претседател Доналд Трамп против судот поради истрага за воени злосторства од американски граѓани или американски сојузници, соопшти Белата куќа.

Кан беше наведен во анекс на извршната наредба вчера што Трамп ја потпиша минатата недела.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека оваа недела ќе разговара со својот украински колега Володимир Зеленски.  

Тој потврди и дека неговиот специјален пратеник за Украина, Кит Келог, наскоро ќе ја посети земјата. Говорејќи пред новинарите во Белата куќа, Трамп не даде конкретни датуми.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп ја остава отворена можноста Украина „можеби некогаш да биде руска“ и повика на размена на американската помош за природните ресурси на Киев, како што се ретките минерали.

„Можеби ќе склучат договор, можеби нема да склучат договор. Можеби ќе бидат Руси некогаш, или можеби нема да бидат Руси“, рече Трамп во интервју за Фокс њуз. 

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп го исполни ветувањето дека ќе воведе царини од 25 отсто на увоз на челик и алуминиум, засилувајќи ја долго ветената трговска војна и покрај предупредувањата од Европа и Кина.

„Денеска ги поедноставувам нашите царини за челик и алуминиум“, рече Трамп во Овалната соба додека ги потпишуваше извршните наредби. „Тоа е 25 проценти без исклучоци“.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп му нареди на Министерството за правда да го паузира спроведувањето на одамна воспоставениот закон кој им забранува на американските компании да подмитуваат службеници на странски влади за да добијат бизнис.

Трамп притискаше да ја разниша политиката на американската влада во неговиот прв месец на функцијата, а неговиот потег за законот против поткуп се смета за обид за зголемување на американската конкурентност на меѓународно ниво, јавија американските медиуми.

Вашингтон - Федерален судија ја продолжи паузата на крајниот рок поставен од администрацијата на Трамп за федерални работници да прифатат одложена отпремнина и привремено и забрани на владата да бара повеќе понуди за отпремнини

Наредбата за привремена забрана објавена од страна на американскиот судија Џорџ О’Тул засега ќе остане во сила додека судијата не одлучи дали на неодредено време треба да го паузира рокот на понудата во очекување на понатамошни судски постапки за законитоста на програмата за отпремнина.

Сеул - Учителка од Јужна Кореја избоде осумгодишно девојче во основно училиште. Полицијата соопшти дека 40-годишната наставничка признала дека избодела ученичка во централниот град Даеџон, јави Би-Би-Си.

Девојчето вчера околу шест часот попладне било пронајдено со убодни рани во училиште, а починало во болница. До неа била наставничката, со рани за кои се претпоставува дека се самонанесени.

Њујорк - Компанијата Мета почна да испраќа известувања за отпуштања на вработени во САД, што може да доведе до укинување на илјадници работни места до крајот на месецот.

Ова е дел од процесот за време на кој американскиот технолошки конгломерат сака да создаде услови за поефикасни операции и „да најде нови таленти кои ќе доминираат во трката за побрза вештачка интелигенција (ВИ), објави Блумберг.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп го помилува поранешниот гувернер на Илиноис, Род Благојевиќ, кој во 2008 година беше обвинет за корупција и дека се обидел да го продаде своето сенаторско место, поради што прво беше разрешен, а потоа во 2011 година осуден на 14 години затвор.

Тој помина осум години во затвор, до февруари 2020 година, кога претседателот Трамп му ја ублажи казната и му дозволи да излезе од затвор.

Вашингтон - Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека доколку до сабота напладне не бидат вратени сите заложници кои ги држи палестинската милитантна група Хамас во Газа, тој ќе предложи да се откаже примирјето меѓу Израел и Хамас и ќе пушти „портите на пеколот да се отворат“.

Зборувајќи со новинарите додека потпишуваше серија извршни наредби во Белата куќа, Трамп рече дека одлуката за продолжување на прекинот на огнот на крајот ќе зависи од Израел.

Вашингтон - Мексиканскиот Залив е преименуван во американски за корисниците на Гугл мапс (Google Maps) во САД, јави ДПА.

Промената е направена откако владата на новиот американски претседател Доналд Трамп еднострано го смени името на заливот.

 

Остани поврзан