МИА Општински пул
- МИА Општински пул
10 декември 2025
Тетово – Со читање на списокот со докази денеска во Основниот суд Тетово продолжи главната расправа во рамки на судскиот процес по поднесениот обвинителен предлог за повеќе кривични дела поврзани со изградбата на новиот објект за потребите на тетовските театар и библиотека за што се обвинети четворица луѓе и едно правно лице.
За денес беше предвидено и сослушување на вешти лица кои изготвиле вешт наод и мислење, но тоа не се случи поради нивно отсуство за кое судијата Елведин Ферати рече дека го оправдале со известување до судот. Воедно тој информираше дека поради известувањето на вештите лица нема да има рочиште на однапред предвидениот термин 30 декември 2025 туку на следниот термин 20 јануари 2026 година во 10 часот.
На почетокот на судењето на 25 ноември обвинетите истакнаа дека не се чувствуваат виновни.
Обвинети се Сејди Шасивари, сопственик и управител на обвинетото правно лице од Тетово Урбан План Констракшн, Хаки Фазлиу, тогашен директор на Националната установа – Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ – Тетово, Артан Арслани претседател на Комисијата за јавни набавки, а потоа и ВД директор на Центарот за култура, како и Бајрам Муча, како главен надзорен инженер во правно лице ангажирано како надзорен орган при спроведување на договорот за јавна набавка од 2015 – 2020 година.
Тетово - Општина Тетово и Националниот конзерваторски центар потпишаа Меморандум за соработка со цел да се изгради Саат кулата која постоела во Османлискиот период во градот. За да се изгради оваа Саат кула, Општина Тетово ќе прифати донација од Општина Коња од Турција.
-Денес од формално правен аспект потпишавме Меморандум, со што почнува институционална соработка во правец на враќање на овој важен објект за културното наследство во Тетово. Исто така претходно значи се направени неколку контакти со важни институции во земјата и надвор. Во овој правец обезбедени сите финансиски, односно донација од Општина Коња во Турција во рамките на соработката на Општина Тетово со Унијата на турски општини во светот, изјави градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
Директорот на Национален конзерваторски центар, Александар Јордановски кој го потпиша Меморандумот, рече дека неговата институција како надлежна установа ќе ги започне сите неопходни подготвителни работи, почнувајќи од валоризација на културното наследство, проверка на досегашниот проект и ревидирање на целокупната документација.
Штип – Амбасадорот на Република Казахстан во Република Северна Македонија, Сатилба Буршаков денеска беше во посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД)-Штип, каде што имаше средба со ректорот Дејан Мираковски и одржа предавање пред студентите.
Амбасадорот Буршаков истакна дека оваа посета на УГД е дел од серијата посети и средби , со цел да се воспостави соработка, а од која интерес ќе имаат двете држави.
-Казахстан отвори своја Амбасада во Македонија минатата година, ова е моја прва посета на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, а целта на посетата е да ја презентирам мојата земја , Казахстан на младите луѓе, на универзитетот, на студентите. Во иднина да можат универзитетите од Казахстан да соработуваат со УГД, да ја претставуваме надворешната политика на мојата земја, културниот живот, културното наследство, вели Буршаков.
Тој додаде дека откако е отворивме новата Амбасада во Скопје, двете земји имаат интензивен дијалог на политичко ниво.
Штип – Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов денеска оствари средба со Мартин Шродер, заменик-раководител на Политичкиот и информативниот сектор при делегацијата на Европската унија.
Градоначалникот на Општина Штип, Јорданов на социјалните мрежи напиша дека за време на средбата разговарале на важни теми од заеднички интерес, особено оние што имаат потенцијал да дадат директен позитивен придонес за локалните заедници и се клучни во контекст на европскиот интегративен процес.
- Разговаравме за идните можности за соработка, при што посебен акцент беше ставен на потребата од зајакнување на институционалната транспарентност, намалување на корупцијата и забрзување на дигитализацијата на јавните услуги, што е од суштинско значење за подобрување на квалитетот на услугите кон граѓаните, напиша Јорданов.
Тој посочува дека на средбата била изразена заедничка волја за продолжување и продлабочување на партнерството со Европската унија.
Куманово - Невработените кумановци покажале голема заинтересираност за мерките за вработување, информираа на денешната прес-конференција надлежните од Центарот за вработување Куманово. И годинава најатрактивна мерка за невработените била самовработување со грант. Кумановци отвориле кафе барови, ресторани, компании за одржување, молери, гипсари, фарбари, електричари, автолакери, авто-механичари.
- Сега сме во фаза на потпишување на договори. Исплатата ќе оди во четири фази. Фирмите ќе треба да ги исплатат добавувачите. Имавме 416 апликации севкупно, 170 дооел, 92 над 29 години и 155 под 29 години. Разликата е во износот на средствата, која се доделува во вид на опрема потребна за отворање на фирмите што зависи од возраста на апликантите и дали сами или заеднички отвораат фирма од 430.500 денари, 615.000, изјави раководителот на Центарот, Ндерим Јашари.
Оние со двајца вработени во зависност од возраста на апликантите имаат можност да користат од 14, 17 и 20 илјади евра. Од 155 апликанти под 29 години, центарот потпишал 83 договори.
- Чекаме на дополнителни одговори од Агенцијата, изјави Јашари.
Берово - Жителите на пограничното беровско село Двориште денеска одржаа мирен протест, изразувајќи револт поради, како што тврдат, неправилности и одземање на дрвна маса за огрев, за која поседуваат валидни документи.
-Се чувствуваме како криминалци, иако водиме чесен и мирен живот, изјави еден од учесниците на протестот.
Жителите посочуваат и на проблемите со одземањето на земјоделски возила и приколки, како и на лошата состојба на локалната инфраструктура, што ги отежнува транспортот и доставата на земјоделската стока.
- Бараме правдa и почитување на нашите права. Ако не бидеме слушнати, ќе се обратиме до повисоки институции, нагласија учесниците.
Жителите дополнително укажуваат на поставување камери на приватни имоти без согласност и на, како што велат, насилничко однесување на граничните служби.
Куманово - Кумановското јавно претпријатие „Чистота и Зеленило“ ќе спроведе тридневна акција за собирање кабаст отпад, соопштија денеска надлежните.
Акцијата се организира со цел унапредување на урбаната хигиена и поефикасно управување со отпадот, кво согласност со насоките на Министерството за животна средина и просторно планирање. Според директорот на претпријатието, Сашо Томиќ, редовното и контролирано отстранување на овој вид отпад е клучно за спречување на неконтролирано депонирање и за зачувување на јавниот простор.
- Акцијата ќе се спроведе од 12 декември 2025 година и ќе трае три дена, петок, сабота и недела. На стратешки точки во градот ќе бидат поставени големи корпи за кабаст отпад, кај поранешен „Шипад“, населба „Гоце Делчев“, паркинг кај градскиот базен, во кругот на ТППЕ Куманово, изјави Томиќ.
Ваквите активности се дел од пошироките заложби за унапредување на системот за управување со отпад и јакнење на еколошката свест кај граѓаните.
Неготино - Лишен од слобода бил 30 - годишник од Неготинско, кој што му се заканувал на татка си, соопштија денеска од Секторот за внатрешни работи Велес.
-Вчера во 14 часот, полициски службеници од ОВР Неготино лишија од слобода 30-годишник од Неготинско, постапувајќи по претходна пријава дека во домот упатувал закани на неговиот 53-годишен татко. Тој e задржан во полициска станица, известен e јавен обвинител и Центар за социјални работи Неготино и по документирање на настанот, против него ќе биде поднесен соодветен поднесок, информираа од СВР Велес.
Охрид - Државниот инспекторат за земјоделство, во соработка со Полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, спроведе засилен надзор на ривиерите на Охридското Езеро со цел заштита на рибниот фонд за време на периодот на природен мрест.
Како што посочуваат од Инспекторатот, во текот на контролите на потегот од поранешната Детска болница до хотел „Метропол“, инспекциските служби откриле и одзеле вкупно девет нелегално поставени рибарски мрежи. Од нив беа извадени 343 единки охридска белвица и 36 единки клен, со вкупна тежина од 46.6 килограми.
Одземените мрежи и рибниот улов, согласно законските процедури, ќе бидат предадени на Агенцијата за управување со одземен имот.
Од Инспекторатот потсетуваат дека во периодот на мрест од 1 декември до 28 февруари на сила е целосна забрана за лов на охридска белвица и охридска пастрмка поради што контролите ќе продолжат со несмален интензитет.
Скопје - Премиерот Христијан Мицкоски, министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на општина Аеродром, Дејан Митески, попладнево извршија увид во градежните активности за реконструкција и целосно уредување на нов мултифунционален центар. Беше објаснето дека во него, аеродромци ќе може да уживаат во концерти, кино-проекции, мултимедијални проекции, театарски претстави, ликовни изложби, конференции и други настани.
Мултифункционалниот центар се наоѓа во непосредна близина на СЦ „Марко Божиновски“ во Ново Лисиче, како што истакнаа надлежните, ќе претставува место со што ќе се збогати културниот и социјалниот живот на жителите.
Скопје – Сите средни училишта во Скопје ќе бидат опфатени со проект за поставување фотоволтаични системи до крајот на мандатот на актуелниот градоначалник на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски, со што започнува процес на целосна енергетска трансформација на образовните установи.
Ова беше посочено на денешната седница на Советот од страна на Ѓорѓиевски којшто оцени дека мерката ќе донесе значајни економски и еколошки придобивки, како и дека ќе придонесе кон модернизација на училиштата.
Во своето обраќање пред советниците Ѓорѓиевски посочи дека реализацијата на овој проект ќе биде една од најзначајните инвестиции во јавните установи.
Тој истакна дека се работи за исполнување на неговото ветување од неговата изборна кампања, а клучната придобивка, рече, е намалувањето на трошоците за електрична енергија.
– Го потврдувам она што го ветив во мојата кампања, дека започнуваме со целосна енергетска трансформација на образовните институции. Секое средно училиште на територијата на градот ќе добие сопствен фотоволтаичен систем до крајот на мојот мандат. Ова е сериозна економска мерка која ќе значи над 30 отсто намалување на трошоците за електрична енергија, додека заштедите ќе овозможат подобро управување со јавните средства и поголема финансиска стабилност на институциите, посочи Ѓорѓиевски.