МИА Општински пул
- МИА Општински пул

10 февруари 2025
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар со претставници на Црвениот Крст на Град Скопје, потпиша договор за реализација на проектот „Итно копче“. Со овој проект, локалната самоуправа воведува нова услуга за повозрасните жители над 65 години, со која им се обезбедува помош во итни ситуации во домашни услови, достапна 24/7 во текот на целата година.
„Итно копче е уште еден проект што го наменивме за повозрасните граѓани во нашата општина. Подолго време успешно ја реализираме услугата „Нега на стари лица во домашни услови“, преку која обезбедуваме поддршка за највозрасните жители со редовни посети од негуватели и физиотерапевти. Наша цел е да помогнеме во нивните секојдневните активности, и да обезбедиме нега и рехабилитација, особено за оние кои не можат да си го дозволат тоа со лични средства. Со „Итно копче“, ја прошируваме оваа грижа и создаваме дополнителен механизам за брза реакција во итни ситуации“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Проектот „Итно копче“ овозможува корисниците на услугата да добијат итна помош со едноставно притискање на копчето на уредот за комуникација, кој се носи како приврзок во форма на нараквица или ланче. По активирањето, сигналот се пренесува до Контакт центарот на Црвениот крст, каде одговорно лице веднаш стапува во контакт со корисникот за да процени каква помош е потребна. Во зависност од состојбата, се испраќа тим на терен или се повикува итна медицинска помош.
Скопје - Општина Гази Баба објави Јавен оглас за прибирање на барања за финансиска поддршка на спортски клубови, спортски здруженија, спортисти, други правни лица од областа на спортот и спортски манифестации што се одржуваат во општина Гази Баба за 2025 година.
За јавниот оглас, на социјалните мрежи денеска информирал градоначалникот Бобан Стефковски, кој објавил дека оваа година доделува финансиски средства за поддршка на спортот во висина од 11 милиони денари, што претставува историски најголема финансиска поддршка за спортот во една календарска година.
Како што денеска соопштија од Општина Гази Баба, на јавниот оглас може да учествуваат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски категории, други правни лица од областа на спортот и организатори на спортски манифестации што се одржуваат во општина Гази Баба, чие што регистрирано седиште односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на општина Гази Баба или имаат огранок на подрачјето на општина Гази Баба.
Јавниот оглас трае до 17.02.2025 година.
Скопје - Во насока на заштита на животната средина и овозможување на граѓаните бесплатно да се ослободат од непотребниот кабаст отпад и шут, Општина Кисела Вода преку Секторот за месна самоуправа и социјална заштита, во соработка со Министерството за животна средина, организира тримесечна акција за собирање на кабаст отпад. Оваа акција е дел од акцискиот план на Владата за почист воздух, информираат од Општината.
Акцијата ќе започне за две седмици и ќе се одвива во текот на февруари, март и април, во периодот од 15-ти до 20-ти во секој од овие месеци. За граѓаните ќе бидат обезбедени по две локации во секоја населба и населено место, каде што ќе можат да го изложат својот кабаст отпад и шут. Секое одложување надвор од дефинираните локации ќе биде санкционирано од страна на инспекциските служби на Општината.
Општина Кисела Вода, велат оттаму, и досега редовно организираше вакви акции, но, оваа е прва што ќе трае цели три месеци, со што се овозможува поширока и подетална акција за расчистување на непотребниот отпад. Правилното складирање и управување со отпадот е од клучно значење за зачувување на животната средина и здравјето на граѓаните. Несоодветното одложување на кабастиот отпад доведува до загадување и создавање на диви депонии, кои дополнително го загрозуваат квалитетот на воздухот, почвата и водите. Затоа, од Општината ги повикуваат сите граѓани совесно да се однесуваат и да го одложуваат отпадот само на предвидените локации.
-Општина Кисела Вода посветено работи на зачувување на животната средина и унапредување на условите за живот на нашите граѓани. Оваа тримесечна акција за собирање на кабаст отпад е уште еден доказ за нашата континуирана грижа за екологијата. Со оваа акција им даваме можност на жителите да се ослободат од стариот мебел, апарати, градежен шут и друг кабаст отпад на легален и организиран начин. Со поставување на определени локации за одложување, спречуваме создавање на диви депонии и непотребно загадување на околината. Дополнително, нашите екипи ќе вршат редовни контроли за да обезбедат правилно почитување на акцијата, вели градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Тој додава дека во исто време, во тек е генерално чистење на oпштината, каде што се собира комунален отпад од сите населби и населени места. За жал, додава тој, меѓу овој отпад се наоѓа и големо количество кабаст отпад и шут, што укажува на тоа дека сè уште има граѓани кои не го почитуваат законот за животна средина. Затоа, апелира до сите да ја искористат оваа акција, да го одложуваат отпадот на предвидените места и да дадат свој придонес кон почиста и поубава Кисела Вода.
Скопје - Поради уличен дефект Ф-400 мм во населба Чаир прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците „Џон Кенеди“, „Панче Неделковски“, „Кемал Ататурк“, „Серава“, „Стојко Јовановски“, „Пере Тошев“ и Гиникологија Чаир, информира ЈП Водовод и канализација - Скопје.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до санирање на дефектот.
Скопје - Поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, денеска без електрична енергија ќе останат дел од корисниците од општините Карпош, Чаир, Чучер Сандево и Аеродром, соопшти РЦУК - Скопје.
Во периодот од 10:30 до 14:30 часот без струја ќе останат корисниците од селото Горно Нерези во Општина Карпош.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без струја ќе останат корисниците од улиците „Чаирска“ од бр. 40 до 90 и „Цветан Димов“ од бр. 4 до бр. 20 во Општина Чаир.
Во периодот од 09:00 до 15:00 часот без струја ќе бидат корисниците дел од потрошувачите околу манастирот Св.Илија – Чардак и Етновила Весница во Општина Чучер Сандево.
Во периодот од 07:30 до 16:00 часот без снабдување со електрична енергија ќе останат корисниците од „ПВ Метало Солар“, фабриката „ИЦЕМАК“, улицата „1“ над маркет Давидов до кружен тек во Општина Аеродром.
Скопје - Без вода денеска од 09:00 часот ќе бидат корисниците од улицата „Максим Горки“ во Центар.
Како што информира Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ - Скопје, прекинот е поради дефект на улична цевка од ф 200мм на ул. „Максим Горки“ бр.13.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато до завршување со работните активности.