• сабота, 22 февруари 2025

МИА Општински пул

МИА Општински пул

  7   февруари  2025

 

Скопје - Утрово во 10 општински основни училишта на територија на општина Гази Баба пристигна дојава за поставена бомба.

Веднаш по примените дојави, училиштата согласно утврдените протоколи пријавиле во полиција, часовите беа прекинати, а учениците заедно со наставниците оддалечени на безбедно надвор од училиштата.

Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски по информациите добиени од директорите, разговараше со надлежните институции кои веднаш превземаа активности за извршување на соодветни проверки по што беше утврдено дека се работи за лажни дојави.

Тимови од Министерството за внатрешни работи извршија соодветни проверки во сите Основни училишта во Гази Баба каде утрово пристигнаа дојави за бомби и е утврдено дека се работи за лажни дојави.

Благодарност до Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и до полициските службеници за брзата реакција и експресното спроведување на безбедносните проверки.

Во оние училишта каде има настава во втора смена, истата ќе се одвива согласно предвидените распореди за оддржување настава.

Благодарност и до родителите за соработката, трпението и разбирањето кое го имаа ова утро. – напиша градоначалникот Стефковски на социјалните мрежи.

Неготино - Откажани се сите забавно-музички настани во Неготино, „Свети Трифун“ ќе се одбележи скромно, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при неготинската локална самоуправа. Оттаму појаснија за МИА дека Општината се одлучила на ваков чекор, заради почитта кон двајцата сограѓани - Фросина Кулакова, која загина на „Партизанска“ во Скопје и Миле Тодоров, по кој се трага со денови. 

- Имајќи ја предвид сензитивноста на моментот во кој се одвива секојдневието на Неготино и неговите граѓани и пошироко во Македонија, Општина Неготино како организатор на манифестацијата, ја информира јавноста дека се откажани сите предвидени забавно-музички активности во рамките на манифестацијата, со која се одбележува празникот на лозарите и винарите, „Свети Трифун“, соопштија од Службата за информирање. 

Според програма што ќе се одвива од среда до петок, кога на градскиот плоштад се одржува централниот настан, ќе се одржи натпревар во дегустација на вина и ракии на индивидуални производители, традиционалната изложба на Здружението на граѓани „Стари занаети“, доделување награди на најдобрите производители на вина и ракии, доделување награди по распишаниот ликовен и литературен конкурс во трите училишта од градот и базар на ракотворби што ќе биде од хуманитарен карактер, а собраните средства ќе бидат наменети за подигнување на сообраќајната свест на учесниците во сообраќајот. 

Дебар - По повод 16-годишнината од формирањето, раководството на македонското друштво „Илинден“ - Тирана донесе одлука за доделување на истоимената награда и благодарници на поединци и институции.

Годинава добитник на почесната наградат „Илинден“ е Федералната Унија на европските националности (ФУЕН), каде друштвото е полноправен член од 16 мај 2015 година.

- Благодарници се доделуваат на Љуфтим Спахиу, вршител на должноста македонски амбасадор во Тирана, институција Народен правобранител на Албанија, потоа на Елса Џелили, координаторка на друштвото „Илинден“ за округот Елбасан и позната македонска активистка, Бил Николов, претседател на Македонското меѓународно движење за човекови права (ММДЧП) – Канада и на Ратко Лазарески, директор на весникот „Нова Македонија“, објави друштвото.

Признанијата се доделуваат на лица за нивните особени заслуги за ангажман и перманентните активноси во насока на зачувување и одржување на македонскиот идентитет на припадниците на македонското национално малцинство во Република Албанија.

-И овој пат беа предложени повеќе институции и поединци, но од предложените избрани се оние кои со својот ангажман најмногу  придонеле за подобрување и дисперзија на сознанијата за животот, историјата, културата и зачувување на автентичната македонска традиција на македонското население во Албанија, стои во објавата на друштвото.

Претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај, од негово и име на друштвото, им честита на добитниците со надеж дека истите ќе послужат како поттик за натамошен ангажман на наградените во нивната досегашна определба да работат во интерес на вистината за животот и ангажманите на Македонците во Република Албанија. 

Битола - На 6 февруари 1945 година во битолската Гимназија, денес средно општинско училиште Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, прв пат во средно училиште се одржа наставен час на современ македонски јазик.

Во пресрет на историскиот ден, просветните работници од градот се мобилизирале да ги спроведат одлуките од Поверенството на АСНОМ донесени на седница од 2 септември 1944 година со јасни упатства од областа на просветата.

На првиот наставнички Совет со кој претседавал директорот Орде Печијаре, биле донесени шест одлуки, меѓу кои и одлуката, гимназијата свечено да биде отворена на 5 февруари, а на 6 февруари да се одржи првиот наставен час.

- Скромно украсената сала на гимназијата беше шумна. Се дигна завесата и молк. На бината се појави првиот директор на Гимназијата, Орде Печијаре. Тој објави дека Гимназијата започнува со редовна настава на македонски јазик. Одекна силен аплауз. Потоа претставниците на народната власт ги поздравија присутните и зборуваа за значењето,задачите и улогата на Гимназијата во ослободената татковина. Членовите на штотуку формираниот градски театар заедно со културно уметничка група при гарнизонот изведоа пригодна програма. Тогаш за прв пат стиховите на Константин Миладинов „Т’га за југ“, „Бисера“, „Голапче“ и други, како и стиховите на Кочо Рацин и убавиот мелос на македонските народни песни, ги растреперија срцата на присутните“, е запишано во јубилејна монографија на Гимназијата.

Во првата учебна година, редовната настава ја следеле 572 ученици во 13 мешани паралелки. Битолската Гимназија „Јосип Броз-Тито“, како тогаш, така и денес е во објект со голема историска и архитектонска вредност, заштитен споменик на културата. Во холот на гимназијата на мермерна плоча изложени се ликовите на пет народни херои Стеван Наумов-Стив, Мирче Ацев, Страшо Пинџур, Кузман Јосифовски-Питу и Елпида Караманди кои учеле во гимназијата.

Учениците и наставниот кадар од секоја генерација со задоволство истакнуваат дека во гимназијата учеле и академиците Петре М. Андреевски, Томе Бошевски, Кирил Миљовски, Фанула Папазоглу, Коле Чашуле, Владо Камбовски, Љубен Лапе, Ѓорги Филиповски, Анте Поповски, Ѓорѓи Чупона, Михаил Петрушевски, Петар Серафимов,

Ристо Лозановски, Живко Попов, Димче Коцо, Александар Христов, Георги Константиновски и писателот Владимир Костов, почесен член на МАНУ.

СОУ Гимназија „Јосип Броз Тито“-Битола, годинава јубилејот го слави со повеќе културно образовни настани, промоции и свечена академија „Експериментум Македоникум“. 

Скопје - Дел од општина Центар во текот на утрешниот ден ќе биде без струја, информираат од Регионалниот центар за управување со кризи - Скопје.

Според известување од „ЕВН Македонија“ АД, без електрична енергија од девет до 14 часот ќе останат корисниците од улицата „Шумадиска“.

Скопје - Ремек-делото на класичната балетска уметност „Есмералда“ од италијанскиот композитор Чезаре Пуњи, ќе се изведе вечер на сцената на Националната опера и балет со почеток во 20 часот, информираат од оваа установа.

Приказната за убавата Есмералда, инспирирана од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква“ од Виктор Иго, ќе се изведе под диригентската палка на гостинот од Ерменија, Едуард Амбарцумјан, во кореографија на реномираниот кореограф од Русија, Михаил Крапивин, раскошната сценографија и костимографија се на Живојин Трајановиќ и Љупка Ристовска, концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Приказната за страста, љубовта и трагедијата на сцената ќе ја изведат: Христина Наќевска Митрашиновиќ во улогата на Есмералда, Франциско Хименес Руиз од Шпанија во улогата на Феб, Наташа Трендафилова Гицев во улогата на Флер де Лис, заедно со првенците, солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.

- Балетот „Есмералда“, познат по својата техничка сложеност, ги истражува длабочините на човечките емоции, додека истовремено нуди спектакуларни танцови изведби што го задржуваат вниманието на публиката. Оваa изведба ќе создаде незаборавно балетско искуство и ќе ги поттикне гледачите да размислуваат за судбината, љубовта и жртвите што ги носи животот, наведуваат од установата во соопштението.

Остани поврзан