• четврток, 04 декември 2025
МИА Општински пул

13 ноември 2025

Скопје - По повод 13 Ноември - Денот на ослободување на градот Скопје, делегација од Град Скопје, предводена од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе положи цвеќе на Партизанските гробишта во Бутел, на Алејата на великаните на градските гробишта, на гробот на генералот Михајло Апостолски и на споменикот на ослободителите на Скопје пред зградата на Владата.

Традиционално, вечер на свечена церемонија во Македонската опера и балет, Градот Скопје ќе ја додели наградата „13 Ноември“ на поединци и институции кои со својата работа придонеле за развојот и афирмацијата на главниот град.

На 13 ноември 1944 година борците од 42. и 50. Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација. 

Скопје - „Balkan news truck“, или „Балканскиот медиумски камион“, пристигна во Скопје и ќе им понуди на скопјани интерактивна програма денеска на паркингот пред Општина Центар, од 11 до 15 часот, а утре во NOVA International school Skopje, од 9 до 15 часот.

Балкански медиумски камион е иницијатива што ја спроведува CFI – Француската Агенција за развој на медиуми со поддршка на Министерството за Европа и надворешни работи на Франција, во рамките на проектот Shared Horizons.

Balkan News Truck е патувачка платформа што ги истражува вестите, сликите и критичкото размислување. На секоја станица, камионот ќе биде поставен на централни јавни простори, нудејќи проекции, квизови и разговори за тоа како настануваат информациите, како се споделуваат и како ги доживуваме. Ова е можност за граѓаните да се соберат, да разменат мислења и да ги согледаат вестите од поинаква перспектива - со цел да се поттикне критичко размислување, медиумска писменост и отворен дијалог за улогата и влијанието на информациите во секојдневниот живот.

Скопје - Детскиот културен центар „Карпош“ традиционално и оваа година ќе го прослави празникот 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје со манифестацијата „Го градам мојот град“ на која учесници се децата од предучилишните установи од Скопје.

Манифестацијата „Го градам мојот град“ има за цел да ги истакне детските творечки способности и детската креативност, а воедно и поопширно да ги запознае децата со денот 13 Ноември и неговото значење. На овој ден, децата од скопските градинки, по свој избор, од различни природни и други материјали, ќе прават објект - макета на некое значајно обележје на Скопје.

Манифестацијата „Го градам мојот град (Скопје)“ која ги поттикнува најмладите да го сакаат и чуваат својот град, ќе се одржи во просториите на ЈУ Детски културен центар „Карпош“ од 10:00 до 11:00 часот.

Велес - Со програмата „Бдеење пред мугрите“, во присуство на голем број ученици од Велес и повеќе градови од земјава на Спомен костурницата од НОВ и во дворот СОУ Гимназијата „Кочо Рацин“, вчера попладне  започнаа  годинашните 58. Детски Рацинови средби во Велес, градот на Рацин.

Програмата ќе продолжи претпладнево со дефиле „Цветен пат за Рацин“кај споменикот на Рацин пред СОУ Гимназија „Кочо Рацин“.

Свеченото доделување на наградите по распишаниот литературен и ликовен конкурс е утре попладне во 16 часот во салата на Локалната библиотека „Гоце Делчев“.

Организаторите ги повикуваат учениците од градот да ги посетат предвидените содржини од програмата на 58.Детски Рациови средби.Тие се посветени на делото на големиот Коста Солев Рацин кој е познат во целиот свет по неговата стихозбирка „Бели Мигри“ која е преведена на сите светски јазици.

Куманово - Биеналната изложба на цртежи „Скици 2025“, од кумановски автори ќе биде отворена вечер со почеток во 19: 30 часот во НУЦК „Трајко Прокопиев“ информираа денеска од установата. Пред публиката ќе бидат презентирани дваесетина дела изработени од десет автори. Кумановската публика ќе има можност да ги разгледа делата на авторите Тања Соларска – Темелковски, Марина Цветановска – Мартиновска, Дејан Арсовски – Бабата, Зоран Арсовски – Бабата, Александар Стефановски, Далибор Крстевски, Милена Арсовска, Миранда Беќири – Фазлиу, Валентина Илијевска, Стефан Анчевски.

Проектот „Скици 2025“ е биенална презентација на современиот цртеж на академските ликовни уметници од Куманово. Изложбата се реализира по деветти пат пред ликовната, но и пошироката публика ќе бидат претставени десет автори со своите дваесетина цртачки остварувања.

 

 

Остани поврзан