• сабота, 22 февруари 2025
МИА Општински пул

6 февруари 2025 

Скопје - Градоначалникот на Општина Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС оствари средба со Дејвид Маерс, шеф на политичкиот и економскиот оддел, и Митко Бурчевски, политички асистент во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Република Македонија.

На средбата се разговараше за можностите за унапредување на соработката помеѓу локалната самоуправа и меѓународните партнери, како и за можностите за реализирање на заеднички проекти со Амбасадата на САД и меѓународните организации. Градоначалникот информираше за тековните и идните проекти во Општина Кисела Вода, претставувајќи ги клучните насоки за економскиот раст, привлекување на нови инвестиции и модернизирање на општинските услуги.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица продолжува изградбата на фекална канализација во селата Луковица и Тодоровци. Вршејќи увид во градежните работи, градоначалникот на општината Димчо Атанасовски денеска информираше дека станува збор за важен проект за подобрување на животните услови и заштита на животната средина.

-Со целосната доизградба, овој систем во иднина ќе ги опфати и домаќинствата во село Косевица. Од изведувачите на градежните работи, добив уверување дека активностите ќе бидат завршени во предвидениот рок од 180 дена, истакна Атанасовски.

Гевгелија - Гевгелија е Град на културата во државата за 2025 година, објави денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, на прес конференција што се одржа во овој град.

Според министерот, ова признание не е само чест, туку и обврска и притоа истакна дека Гевгелија по втор пат е град на културата по 2011 година. - Тоа е потврда дека Гевгелија со својата богатa културна традиција повторно ќе биде во центарот на културните настани во Македонија. Министерството за култура и туризам стои зад вас и ја поддржува оваа манифестација со 3 милиони денари, со цел да создадеме програма која ќе го освежи културниот живот во овој град, рече Љутков.

Куманово - Илина Арсовска, ученичка во втора година во гимназијата „Гоце Делчев“ ќе ја претставува државата на Европска женска математичка олимпијада која годинава ќе се одржи во Приштина, информираа денеска од гимназијата. На натпреварот ќе учествуваат математичари од речиси сите држави од Европа, 60 претставници, но и од Јапонија, Австралија и други земји.

- Беше тешко и напорно да се дојде до оваа позиција. Морав да почнам првин со циклусот натпревари на ниво на градот Куманово општинскиот натпревар, понатаму се пласирав на регионалниот натпревар значи целиот регион, а од таму се квалификував на државниот. Следуваше јуниорската математичка македонска олимпијада на ниво на Македонија и оттаму се избираат учесниците одат на шестото издание на меморијалниот математички натпревар „Александар Блажевски – Цане“ кој се одржа викендот, на 25-26 јануари 2025 година во просториите на Природно-математичкиот факултет во Скопје, изјави ученичката Арсовска.

Куманово - Избрана е фирмата изведувач за изградба на нова гасоводна мрежа за Доброшане, наскоро се очекува да почнат градежните активности, соопштија денеска надлежните од ЈП „Куманово гас“. Делницата ќе биде во должина од два километри и води кон индустриската зона во ова населено место. За проектот аплицираше Општината, а го финансира Владата преку програмата за поддршка на општините.

-Наредниов месец, кога ќе ја дозволат временските услови, ќе почне изградбата. Неколку компании веќе почнаа со изработка на проектна документација. Очекуваме со самото инсталирање на дистрибутивната мрежа на тој дел од градот да имаме и нови приклучоци, изјави директорот на ЈП „Куманово Гас“ Марко Митровски.

Струмица - Вчера во 15:35 часот во Полициската станица Струмица било пријавено дека на Булевар „Гоце Делчев“ во Струмица, камион-влекач „ман“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Т.С.(56) од Богданци, удрил во пешакот Д.Т.(46) од село Ангелци, струмичко, информираа денеска од СВР Струмица.

Во инфомрацијата се наведува дека во несреќата пешакот бил тешко повреден и бил пренесен во Медицински центар Струмица за укажување на лекарска помош, каде подоцна починал.

Битола  - Општина Битола денеска беше домаќин на тимовите кои работаат на планирање и изградба на автопатот во Пелагонија што ќе ги поврзи општините Битола и Прилеп.

На работната средба учествуваа градоначалникот Тони Коњановски, претставници на општинската администрација, ЈП за урбанистичко планирање, проектирање и инженеринг-Битола и претставник од Општина Могила, кои од проектантите од Градежен институт Македонија и претставници на изведувачот на автопатот, компанијата Бехтел и Енка, беа информирани присутните за предвидената траса која што ќе се реализира од влезот на градот Прилеп од страна на превојот Плетвар, до северната страна на градот Битола кај постојниот патен јазол во близина на селото Крклино.

Штип – За вчерашната физичка пресметка меѓу двајцата лекари во Клиничката болница - Штип во операциона сала, за што веќе информираа од СВР –Штип, во писмено соопштение за настанот од болницата информираат дека веќе е поведена дисциплинска постапка за двајцата вработени.

-Во текот на вчерашниот ден 05.02.2025 година околу 12:30 часот во работните просториите на Клиничка болница – Штип дојде до нарушување на работниот ред со физичка пресметка помеѓу двајца вработени. Во текот на денешниот ден, од страна на надлежните од болницата случајот е пријавен во СВР-Штип и е поведена дисциплинска постапка за двајцата вработени, се вели во соопштението од Клиничка болница-Штип.

Прилеп - Во Прилеп во тек се градежните работи за реконструкција на водоводната мрежа во централното градско подраќје викано „Карабдалица“. Ова е првиот од трите капитални инфраструктурни проекти за кои Општината доби 3,2 милиона евра од Владата, преку министерството за локална самоуправа.

Според градоначалникот Борче Јовчески кој  денеска беше на увид на работите, со првиот проект се реконструираат  1 240 метри  водоводна линија.

Охрид – Активистите на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ укажуваат на намера на местото на Здравствениот дом „Маларична“ во Охрид да се гради станбена зграда на пет ката.

Во писмото лиферувано до медиумите, од Иницијативата посочуваат дека во Планската програма за изработка на Детален урбанистички план за УЗ 2, УБ 2.3 - опфат 7 во Охрид, е поместена копија од Синтезен план – намена на земјиштето со граница на плански опфат, во која може да се види „што некој испланирал за оваа локација“.

Велес - Незадоволни поради што се уште ја немаат земено декемвриската плата и регрес за одмор, а се и без здравствено осигурување, денеска со штрајк протестираа педесетината работници на Фабриката за шински возила „Велес“ попозната како Колска подржани од фабричкиот синдикат и од претедателот на ССМ,Слободан Трендафилов.

Тие преку медиумите им порачаа на Владата и на министерот за сообраќај и транспорт Александар Николоски да ги посети и да им каже дали ќе добијат плата и здравствено осигурување се’ до продавањето на фирмата. Колска  од декември лани  е во стечајна постапка, а првото првото рочиште со доверителите, судот го  закажа  на 19 март годинава. Ако не им се исполнат барањата до петок и не добијат плата и регрес за одмор, работниците подржани од ССМ се заканија дека од понеделник ќе протестираат на Железничката станица во Велес со блокада на железничкиот сообраќај.

Дебар - Дебарската општинска организација на Црвен крст информираше дека минатата година во двете општини, кои ги покрива со својата активност, Дебар и Центар Жупа, прибрани се вкупно 303 крвни единици, што е за 50 помалку споредено со претходната година.

-Во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, минатата година реализиравме седум акции за доброволно крводарување, во кои, како и дадени едници во итни случаи, се прибрани 303 крвни единици, што е за 50 помалку во однос на претходната, но, стотина  помалку споредено со 2022 година. Тоа како последица на масовната миграција во нашиот регион, од каде во светот заминаа многу редовни крводарители, но и млади кои се потенцијал да станат доброволни крводарители, изјави за МИА, Исни Телќиу, секретар на организацијата.

Остани поврзан