• петок, 21 февруари 2025
МИА Општински пул

4 февруари 2025 

Охрид – Со низа настани и активности деновиве ќе биде одбележана 132-годишнината од упокојувањето на големиот охридски и македонски поет и преродбеник, Григор Прличев.

Сите настани се одржуваат во рамки на Манифестацијата „Прличеви беседи“  што се одржува во организација на Центарот за култура и библиотеката во Охрид што го носат неговото име, а со поддршка на Министерството за култура.

Чествувањата во име на Прличев почнуваат утре, со изложба на ликовни дела од колекцијата на Центарот за култура „Григор Прличев“ во изложбениот салон со почеток во од 11:45 часот.

Точно на пладне ќе се одржи главниот настан, кога на Малата сцена започнува свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“. Покрај предвидената културно-забавна содржина, со артистичка изведба ќе биде претставена наградената поема „Никогаш пред ил’ потем“ на годинешниот лауреат на Повелбата за најдобра поема „ Григор Прличев“ на авторот Андреј Ал-Асади.

За задутре е предвидено положување цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во училишниот двор на ООУ „Григор Прличев“, а од 11 часот ќе се одржи панихида на гробот на Прличев во дворот на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“.

Манифестацијата „Прличеви беседи“ е востановена пред речиси шест децении, како настан со кој е одбележува годишнината од смртта на големиот поет кој се упокои на февруари во 1893 година. Прличев во 1860 година беше овенчан со Ловоров венец во Атина за неговата поема „Сердарот“. 

Кавадарци - Претставници од Ирска, Шведска и Србија во рамките на проект за почитување на природата, денеска ја посетија Општина Кавадарци, информираа попладнево од кабинетот на кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.  

- Во рамки на проектот ,,Once upon a time in Nature“,  што го спроведува Советот за превентива против малолетничка деликвенција,  заеднички со партнери од Ирска, Шведска и Србија, после првичниот состанок во Ирска, неделава претставниците од партнерските училишта и организации престојуваат во Општина Кавадарци. Дел од нивната агенда е и посета на Локалната самоуправа, со цел да се запознаат со техниките и методологиите кои се користат во работата на образовните институции, соопштија од кабинетот на Јанчев. 

Оттаму истакнаа дека покрај посетата на Општината, тие ќе посетат и предучилишни установи, основни и средни училишта од Кавадарци и Неготино, Младинскиот центар во Кавадарци, како и повеќе културни институции во регионот. 

- Проектот има за цел, да развие иновативен метод на предавање за наставниците со користење на методологија за раскажување приказни во природа, да развие лингвистички компетенции кај децата и младите за разбирање и почитување на природата, да се подигне свеста за важноста од настава во природа и користење еколошки материјали додека се раскажува, да се унифицираат методите на раскажување приказни, да се споделат добри практики и да се развијат стратешки партнерства помеѓу партнери од различни земји, посочија од кабинетот на Јанчев.

Струга - Државниот санитарен и здравствен инспекторат не констатирал недостатоци во рамките на своите надлежности при вчерашниот вонреден инспекциски надзор на Детското одделение во Општата болница Струга, по смртта на четиригодишното дете од Лабуништа.

Според соопштението на ДСЗИ, при инспекцискиот надзор во установата било констатирано дека станува збор за дете со потешка форма на церебрална парализа, кое покрај тоа што било чест пациент на Детското одделение, било лекувано и на Клиниката за детски болести Скопје, како и надвор од државата.

- Во врска со последната здравствена состојба која завршила со фатален исход, детето во ЈЗУ ОБ Струга било донесено на ден 30 јануари годинава, кога му е поставена дијагноза J20-акутен бронхитис. Веднаш му е ординирана интравенски антибиотска терапија и инхалација со NaC и отворена му е историја на болест за претстој во дневна болница. При престојот во дневната болница на 1 февруари, нотирано е дека и после ординираната терапија, кај детето нема подобрување. Направени му се РТГ на бели дробови и лабораториски анализи, стои во информацијата на ДСЗИ. 

Наредниот ден, како што е образолжено, утрото, детето било донесено во тешка општа состојба, бледо, адинамично, без реакции на дразба, со површни респирации и брадикардично.

- Веднаш е поставено на терапија и кислородна поддршка, но во тек на терапијата здравствената состојба му се влошила со застој на респирации, срцева акција, како и проширени зеници. Веднаш е започната реанимација, повикан е и анестезиолог реаниматор и продолжено со истата, меѓутоа без реакција и во 9 часот 45 минути е констатирана смрт, посочува ДСЗИ.

Делчево - Општина Делчево e со блокирана сметка од 2008 година, неостварени приходи од комунални такси и надоместоци и продаден имот од јавен интерес. Поради ненавремено подмирување на обврските, општината од 2008 година е во постојана блокада, со намалена ликвидност и солвентност и вкупен долг од 162.218 илјади денари, а во 2012 и 2013 година, извршена е продажба на општинскиот имот од јавен интерес, поради не доставени приговори до основниот суд на налозите за извршување, соопштија од Државен завод за ревизија кој изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Делчево за 2023 година. 

Како што се вели во соопштението за јавност, констатирани се состојби, неправилности и неусогласености во работењето на општината и поради нивното значење изразено е неповолно мислење за реалноста и објективноста на финансиските извештаи за 2023 година и за усогласеноста со законската регулатива, упатствата и воспоставени политики на сметките на основен буџет 630 и 637. 

Демир Капија - Општина Демир Капија организира натпревари во закројување винова лоза и за најдобри домашно произведени вина и ракии, информираа денеска од демиркаписката локална самоуправа. Активностите се во рамки на одбележувањето на манифестацијата „Свети Трифун 2025“, во чест на празникот што се одбележува на 14 февруари, а се смета за заштитник на лозарите и винарите.  

- Натпреварот во закројување винова лоза ќе се одржи во недела во 10 часот, на лозов насад во Демир Капија. Ги известуваме сите заинтересирани кои што сакаат да учествуваат на овој натпревар да го пријават своето учество на натпреварот најдоцна до петок, соопштија од Општината. 

Заинтересираните за учество во натпреварот за најдобри домашно произведени вина и ракии треба да се пријават до утре заради доставување на мостри за анализа. Оценувањето на мострите ќе го врши стручна комисија.

Кочани – Во општина Зрновци почнаа градежните активности за изградба на локалниот патен правец до месноста Гробишта кај селото Мородвис, за што се инвестираат 2,7 милиони денари.

Средствата се обезбедени од државниот буџет преку владиниот повик за поддршка на проекти во локалната самоуправа за 2024 година.

Градежната механизација веќе работи на расчистување и пробивање на трасата со должина од 330 метри и ширина од 3,5 метри.

-По 29 години години од постоењето на нашата општина, почна да се гради новиот локален пат во село Мородвис. Со тоа решаваме повеќедецениски горлив проблем за жителите на ова населено место од општина Зрновци, истакна градоначалникот Борчо Коцев.

Паралелно со пробивањето и тампонирањето се поставуваат и одводни цевки за атмосферската вода, а потоа коловозот ќе се асфалтира.

Охрид – Само во текот на месец јануари оваа година во Охридското Езеро откриени се 18 случаи на криволов на риба.

Како што соопштуваат од СВР – Охрид, изминатиот месец службеници на Полициската станица за граничен надзор „Охридско езеро“ самастојно и во соработка со Државниот инспекторат за земјоделство, спровеле повеќе контролни патролни активности за заштита на државната граница и по Законот за рибарство и аквакултура и Законот за внатрешна пловидба.

Притоа затекнати се 15 прекршители како вршат незаконски риболов, пронајдени се и подигнати вкупно 116 рибарски мрежи со различна големина на окца и со вкупна должина од 6.120 метри и улов од 293 парчиња различна риба со вкупна тежина од 51,4 килограми.

При преземените мерки, констатирани се 14 прекршоци по Законот за внатрешна пловидба за што се поднесени и соодветни пријави.

Струмица  - Во Струмица денеска е одбележана 153- годишнина од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад се одржа пригодна свеченост на која за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.

- Еве уште еден говор посветен на Гоцета. Да се чита и зборува за него е повеќе од чест и гордост, повеќе од задоволство и повеќе од будење на најсензитивните емоции кои може да ги поседува еден човек. Такви емоции не може да предизвика ниту еден друг од плејада историски ликови од пребогатиот повеќевековен македонски споменар. Тоа го може само Гоце Делчев, јунакот кој живееше само 31 година, а остави белег во македонското битисување за вечни времиња, рече Костадинов.

Пред споменикот на Делчев ученици ООУ „Гоце Делчев“ од село Вељуса изведоа рецитал, а претставници на политички партии, институции, здруженија и граѓани положија цвеќе. 

Дебар - Вработените во дебарското јавно комунално претпријатие „Стандард“ деновиве максимално се ангажирани во чистење на градот.

- Благодарение на добрите временски услови, продолжуваме со подигање на заостанатиот отпад од улиците, тротоарите, градскиот парк, расчистување на дивите депонии. Максимално сме ангажирани во реализација на активностите за миење на улиците за градот да биде што почист, изјави за МИА Бурим Каба, директор на ЈКП „Стандард“.

Додава дека акцијата за чистење на улиците во општината ќе биде проширена и во руралните населени места.

-Тоа е наша пракса која ја применуваме неколку години по ред и ја продолжуваме. И во оваа прилика сакам да упатам апел до граѓаните отпад да фрлаат на определеното место за тоа. Имаме преубава природа и жално е што ја загадуваме, порачува Каба.

Делчево - Општина Делчево ја одбележа 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев, идеолог, организатор и водач на македонското револуционерно националноослободително движење кон крајот на XIX и почетокот на XX век.

По тој повод, за животот и делото на Гоце Делчев реферат подготвија членови на КУД „Гоце Делчев“, а пред споменикот на Делчев во центарот на градот се поклонија и цвеќе положија: делегација од Општина Делчево предводена од градоначалникот Горан Трајковски, како и претставници од институциите, политички партии, здруженија на граѓани.

Во рефератот членови на КУД „Гоце Делчев“ зборуваа за предизвиците со кои се соочувал големиот револуционер прикажувајќи ја важноста на неговото дело за македонската кауза.

Македонска Каменица - Во Македонска Каменица активно продолжуваат работите за унапредување на локалната инфраструктура, соопшти денес градоначалникот на Општината, Димчо Атанасовски. Во моментот како што информиеаше тој се работи на уредувањето на јавните простори во урбаната средина. 

-Во рамки на Договорот за бетонски работи и партерно уредување на јавни површини, започнавме со изградба на потпорен ѕид на улица Каменичка. Ѕидот, со должина од 20 метри и висина од над 2,5 метри, ќе обезбеди поголема стабилност на теренот и заштита на непосредната околина, соопшти Атанасовски.

Во согласност со програмата за работа на Општината, во наредниот период како што додаде предвидена изградба на тротоар на споменатата улица.

-Со тоа дополнително ќе биде подобрена безбедноста и сигурноста на пешаците.

Битола -  Основното јавно обвинителство Битола поднесе обвинение против 40-годишник кој се товари за противправно лишување од слобода, како и телесна повреда на својата поранешна партнерка.

- Јавниот обвинител веќе има издадено наредба за распишување на национална потерница и ги презеде сите дејствија неопходни за евентуална екстрадиција на лицето доколку се утврди дека се наоѓа во друга држава, соопштија од ОЈО Битола.

Јавноста претходно беше запознаена дека на 21 октомври 2024 година обвинетиот при семејно насилство и на свиреп начин противправно на сила ја држел затворена својата поранешна партнерка во викенд куќа во атарот на селото Нижеполе. Притоа ја удирал со тупаници, шлаканици и клоци по главата и телото, ја влечел за косата и телесно ја повредил. Неможејќи да го издржи насилничкото однесување, жртвата посегнала по нож и си ги пресекла вените на левата рака. И покрај тоа, обвинетиот продолжил да ја удира и да ја малтретира.

Од самиот почеток на кривичната постапка, по предлог на јавниот обвинител, на обвинетиот му е определена мерка притвор која треба да започне да спроведува по неговото пронаоѓање и лишување од слобода.

Битола - Општина Битола обезбеди финансиски средства за подобрување на пристапноста, мобилноста и функционалноста на лицата со попреченост.

Средствата  од програмата за социјална заштита ќе се исплаќаат по реализиран јавен повик за искористување на финансиска помош со која се овозможува адаптација на пристапност, мобилност и функционалност до и во домот на лицата со попреченост или адаптација на инфраструктурата и набавка на неопходна опрема.

Од Секторот за односи со јавност на Општина Битола посочуваат дека корисниците може да вршат поставување или изградба на пристапни рампи, платформи, лифтови, направи за искачување на скали, прилагодување на тоалети, проширување на врати, изградба на пристапни патеки, како и набавка на специјализирана опрема за мобилност и функционалност. Средствата во максимален износ од 61.500 денари се исплаќаат на корисникот.

Општина Битола минатата година на седум лица со попреченост и додели финансиска помош од 400.000 денари. 

 

Остани поврзан