• петок, 21 февруари 2025
МИА Општински пул

5 февруари 2025 

Неготино - Општина Неготино го поддржува протестот што ќе се одржи в сабота во чест на Фросина Кулакова, која загина на „Партизанска“ во Скопје, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при неготинската локална самоуправа. Оттаму истакнаа дека се работи за голем протестен марш. 

- Под слоганот „Стоп за сообраќајното насилство“, ќе се одржи протестен марш, ќе се бара правда за прерано згаснатиот живот на нашата сограѓанка Фросина Кулакова, но и за сите други жртви во сообраќајот. Планирано е протестот да започне во 14 часот од центарот на градот, на улицата „Маршал Тито“, кај семафорите. Учесниците на протестот ќе се движат по главната улица со крајна дестинација градските гробишта и вечното почивалиште на Фросина, појаснија од Службата за информирање при Општината. 

Штип - Во општините Штип, Карбинци и Радовиш ќе се гради најголемиот ветерен парк во Западен Балкан кој ќе се простира на 326 хектари. Градежните активности  ќе започнат во втората половина  на оваа година, беше истакнато во Штип на денешната  јавна презентација  на оцена на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти (ОВЖССА).  

Тања Димитрова-Филковска специјалист за животна средина „Алказар Енерџи“ на презентацијата истакна дека според анализите, турбините ќе произведуваат енергија со која може да се опслужат над 150.000домаќинства, притоа избегнувајќи околу 980.000тони емисии на CO2 годишно.

Куманово - Граѓаните да не наседнуваат на измами со лажни сообраќајни незгоди, сомнителните повици веднаш да ги пријават во полицијата на бесплатниот телефонски број 192 или на единствениот број за итни случаи 112, апелираа денеска надлежните од Секторот за внатрешни работи Куманово. Од почетокот на годинава досега на подрачјето на СВР Куманово пријавени се пет измами.

- Според пријавите, сторителите се јавуваат на телефон, при што со лажно прикажување на факти ги доведуваат во заблуда граѓаните дека член од нивното семејство имал сообраќајна незгода и дека е потребна одредена сума на пари за да се изврши операција или да не бидат кривично гонети. Секторот за внатрешни работи Куманово апелира до граѓаните да бидат претпазливи, а особено повозрасните лица кога непознати лица им се јавуваат, да не наседнуваат на измами во кои лажно се нудат услуги и сите сомнителни случаи да ги пријават на бесплатниот телефонски број 192. СВР Куманово презема мерки и активности за пронаоѓање и санкционирање на сторителите за измамите, изјави Ивана Младеновска, портпарол на СВР Куманово.

Карбинци - Во карбинското село Таринци од денеска почнаа градежните активности за реконструкција на сервисна улица. Градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов вели дека станува збор за проект кој се реализира од страна на Општина Карбинци, а е финансисран од Влада со пари од унгарскиот кредит. Ова е меѓу првите проекти во источниот регион кој почнува да се реализира, а оваа улица ќе овозможи полесно движење и подобри услови за жителите од овој дел.

-Мислам дека е еден од првите проекти во регионот или во државата кој што еве започнува коечно да се реализира по подобрување на временките услови. Се работи за сервисна улица пет, во село Таринци, која што изнесува вкупно 12 милиони 300. 000 денари со вклучен ДДВ, од кој што општината кофинансира некаде околу 20 проценти, а остатокот од 9 милион 250 000 е во рамките на договорот со Министерството за транспорт и врски, Владата, од унгарскиот кредит. Се надевам дека со реализација на овој проект, ќе подобриме значителен дел од условите за живот на населението овде во селото, изјави Паунов.

Битола - Општина Битола обезбеди 3,7 милиони денари, средства што ќе бидат вложени за поставување на смирувачи на сообраќајот пред осум основни и едно средно училиште во градот.

Сообраќајната сигнализација и смирувачите на сообраќајот ќе бидат поставени пред основните училишта „Стив Наумов“, „Гоце Делчев“, „Климент Охридски“, „Тодор Ангелевски“, „Даме Груев“, „Трифун Пановски“, „Ѓорѓи Сугарев“ и кај средното општинско училиште „Таки Даскало“.

Гевгелија - Се апелира до сите граѓани доколку забележат какви било случаи на загаденост навремено да се јават на „Систем 48“, на телефонскиот број 076/211-999 или на Општинскиот инспектор за животна средина на телефонскот број 078/412-460, информираа од Општина Гевгелија преку нивната веб страница.

Во апелот се наведува дека заложбите и напорите како на локалната, така и на централната власт преку конкретни мерки за да се редуцира степенот на загадување, очигледно не допираат до вистинските адреси.

Неготино - Апел до сите угостителски објекти во Неготино, викендов да се воздржат од музика, во чест на 22 - годишната Фросина Кулакова која беше усмртена на улицата ,,Партизанска" во Скопје, е јавно упатен преку фејсбук група посветена на овој град. 

- Ги замолуваме менаџерите и сопствениците на кафулиња, ресторани и кафеани, овој викенд да се воздржат од ангажирање на бендови и гласна музика, во знак на почит кон нашата Фросина, пишува во објавата.

Скопје - Општина Центар остро реагира на соопштението на ЈП „Комунална хигиена“ - Скопје преку кое се изнесуваат неточни информации и се манипулира јавноста за да се затскријат со своето неажурно работење и нечистење на улиците во Центар. 

Позитивно е тоа што ЈП „Комунална хигиена“ и Град Скопје конечно се разбудија и почнуваат да чистат на одредени улици во Центар кадешто се надлежни, но пред да испратат демант во кој се обидуваат да спинуваат и да ја извртат вистината, неопходно е убаво да ги прочитаат сите информации што се однесуваат на акцијата за чистење во Центар. 

Охрид – Свеченостите во рамки на годинeшните „Прличеви беседи“ продолжија денеска со централнот настан, доделувањето на наградата на лауреатот Андреј Ал-Асади, авторот на поемата „Никогаш пред ил' потем" избрана за најдобра на традиционалниот конкурс што се распишува во чест на охридскиот поет и преродбеник Григор Прличев.

- За мене оваа награда значи најпрво афримација на моето сопствено долгогодишно поетско творештво, што кулминираше во поема, но исто така и афирмација на младото македонско поетско творештво, рече лауреатот Ал-Асади.

Скопје - Општина Кисела Вода и оваа година продолжува со успешната пракса на наградување на младите спортски таленти со бесплатно летување како дел од стратегијата за поддршка на спортот и здравиот начин на живот. Победниците во Лигата на училишен спорт, која опфаќа натпревари во кошарка, фудбал, одбојка и ракомет во машка и женска конкуренција, ќе имаат можност да летуваат во Извидничкиот Центар во Охрид, информираат од Општината.

Оваа мерка, која била воведена минатата година, има за цел да ги мотивира младите активно да се вклучат во спортските активности, да го развиваат тимскиот дух и да градат здрави навики преку спортот.

Скопје - Во Општина Ѓорче Петров денес беа доделени 27 решенија за трансформација на работниот однос на наставници од сите шест основни училишта во општината. По седум години, овие наставници конечно добија неопределено работно време, што претставува значаен чекор кон обезбедување стабилност и сигурност во наставниот кадар.

Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, истакна дека ова е значаен момент за наставниците, но и за целиот образовен систем во општината.

Битола - Општина Битола ја заврши реализацијата на проектот „Сончеви училишта“, преку кој беа поставени фотоволтаици на шест основни училишта во градот и населени места.

Проектот „Сончеви училишта“ ги поддржува училиштата, а со тоа и локалната заедница во справување со климатските промени, обезбедувајќи енергетска безбедност и промовирајќи фер зелена транзиција, соопштија од Општина Битола.

Остани поврзан