• петок, 05 декември 2025
МИА Општински пул

26 ноември 2025 

Струмица - Инспекторите од Секторот за инспекциски работи при Општина Струмица, од 1 до 24 ноември, извршиле вкупно 43 вонредни инспекциски надзори за превентивно и репресивно делување за спречување или намалување на штетните последици од загадувањето на амбиентниот воздух, животната средина, како и обезбедување на јавната чистота на јавните површини, соопштија од локалната самоуправа на нејзината официјална страница.

-Една од локациите за вонреден инспекциски надзор беше улицата „Антон Панов“, на којашто многу често се фрла отпад од стари моторни возила на земјиште во сопственост на правни и физичка лица и на јавна површина. Од страна на општинските инспектори, а во соработка со СВР Струмица, се обезбедени материјални докази за кривичен прогон, се наведува во соопштението.

Во овој временски период, од страна на општинскиот инспектор за животна средина, се извршени и 12 вонредни инспекциски надзори, а општинските комунални инспектори извршиле 17 вонредни инспекциски надзори и општинските градежни инспектори 14 вонредни инспекциски надзори.

Врз основа на затекнатата состојба, против правните и физичките лица кои не ги почитуваат законите ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Охрид – Екипи на општинското јавно претпријатие „Водовод“ од Охрид вршат замена на дотраената опрема во пумпната станица „Метропол“, односно целосна замена на двете вертикални турбински пумпи што датираат од 1988 година.

Како што соопштуваат од Општина Охрид, се поставуваат нови поекономични и автоматизирани пумпни агрегати, со цел обезбедување непрекинато водоснабдување на градот Охрид и околните населени места.

Проектот исто предвидува и целосна промена на постојното напојување на пумпните агрегати со ново електрично напојување, како и целосна замена на електричната инсталација.

Во рамки за активностите ќе бидат санирани и подните, ѕидните и таванските површини, заедно со замената на столаријата во просторијата на пумпната станица

-Со реализацијата на овој проект ќе се намалат трошоците за електрична енергија на ЈП „Водовод“, кои претставуваат најголем финансиски товар на претпријатието, особено во последните три години по отпочнувањето на енергетската криза, се посочува во соопштението

Кочани - Спортската сала „Сашо Лазаров - Чапо“ и Салата за гимнастички спортови „Партизан“ ќе бидат целосно реконструирани во текот на наредната 2026 година, најавува администрацијата на Општина Кочани.

Ова, како што велат, е резултат на вчерашната средба во Скопје помеѓу претседателот на Општинскиот совет, Александар Андов и секретарот на Општината, Драган Ананиев, со министерот за спорт, Борко Ристовски.

-Министерот изрази силна поддршка и посветеност кон развојот на спортот и унапредување на спортската инфраструктура во Кочани. Овие инвестиции претставуваат значаен чекор напред за развој на спортот и ќе обезбедат современи услови за тренинг и напредок на младите таленти, соопшти Општина Кочани. 

Куманово - Дваесет и четиригодишна жителка на Липково, пријавила во полицијата дека била измамена за 165.000 денари од жител на таа општина за вработување во Швајцарија. Откако му ги дала парите, таа веќе не можела да стапи во контакт со него.

- Вчера во 14:30 часот во СВР Куманово, 24-годишна жена од Куманово пријавила дека била измамена од Р.М. од село во Општина Липково за сума од 165.000 денари. Според пријавеното, во август 2024 година Р.М. се понудил да и помогне за добивање работа во Швајцарија и побарал пари. Откако во декември 2024 оштетената му ги дала парите, повеќе не можела да стапи во контакт со него, соопшти СВР Куманово.

Полицијата презема мерки за расчистување на случајот. 

Тетово - Глобалната Македонска фондација „Вечна“ на 27 ноември 2025 година, четврток организира панел-дискусија насловена „Гласот на Вечноста“ – посветена на духовното наследство на Кирил Пејчиновиќ и неговото влијание врз современиот македонски идентитет. Настанот ќе се одржи во салата на културно-духовниот центар „Кирил Пејчиновиќ“ во манастирскиот комплекс во Лешок со почеток во 18 часот.

-Тројца еминентни говорници ќе се обратат со свои излагања и ќе отворат силен разговор за корените, традицијата и духовниот континуитет кој нè дефинира како народ, информираат од Фондацијата „Вечна“ 

За духовното наследство на Кирил Пејчиновиќ ќе зборуваат доц. д-р Бранислав Светозаревиќ од Државен архив на Македонија со реферат насловен „Историска епоха и влијанието на Кирил Пејчиновиќ“. Потоа доц.д-р Стојанче Костов од Институт за фолклор „Марко Цепенков“ при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со „Културните и фолклорни изрази од духовната традиција“ и проф.д-р Михајло Марковиќ од Универзитет во Тетово со „Јазикот како „Глас на вечноста“.

Скопје - Екипите на јавните претпријатија во Скопје го чистат кејот на реката Вардар, објави на Фејсбук градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

- Континуирано се врши темелно чистење на кејот на реката Вардар, заедно со нејзиното корито. Екипите на јавните претпријатија во координирана и организирана акција, ги расчистуваат пешачките и велосипедските патеки - сè она што со години беше занемарено и што создаваше слика недолична за нашиот град, конечно станува дел од минатото, наведува Ѓорѓиевски.

Ова одржување ќе биде трајна практика. Кејот ќе се чисти секојдневно, бидејќи, како што поосчува, скопјани и сите гости на главниот град заслужуваат убава, уредена и чиста метропола.

- Вардар, скопскиот бисер, повторно ќе го носи својот сјај, онаков каков што му доликува, нагласува градоначалникот Ѓорѓиевски.

Скопје - Од ЈП „Лајка“ информираат дека се забележува континуиран и загрижувачки тренд на кучиња пронајдени на улица со активен микрочип, односно со јасно идентификувани сопственици. Посочуваат дека и покрај тоа, дел од сопствениците одбиваат да ги преземат своите кучиња, оставајќи ги во ЈП „Лајка“ и создавајќи дополнителен притисок врз капацитетите на прифатилиштето.

-Ова се само девет од кучињата заловени во последниот период, кои имаат сопственик што свесно и несоодветно ги напуштил. Секое од овие кучиња е потенцијален производител на нови легла на улица — што води до зголемување на бројот на напуштени миленици, нови генерации кои ќе страдаат и уште поголеми проблеми за заедницата. Напуштањето на кучиња претставува кршење на Законот за заштита и благосостојба на животните, но за ваквите случаи не постојат предвидени прекршочни мерки кои би ги санкционирале сопствениците што свесно ги напуштаат своите миленици. Токму затоа, кучињата со микрочип кои се оставени да талкаат завршуваат кај нас — и тоа е системски проблем што мора да се решава, велат од „Лајка“.

Од ЈП „Лајка“ посочуваат дека и покрај недостатокот на законски механизми, мора да постои минимум етичка обврска кај секој сопственик.

Остани поврзан