МИА Општински пул
- МИА Општински пул

12 февруари 2025
Гевгелија - Во Малата сала на Народниот театар- Гевгелија, во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“-Гевгелија, вечерва ќе биде промовирана книгата „Гледна точка“ од Јани Бојаџи, познат македонски режисер, продуцент и сценарист.
Како што информираат од гевгелискиот дом на културата, ова книга спојува научна анализа со белетристички елементи и е наменета за сите љубители на филмската уметност, без разлика дали се професионалци или ентузијасти.
-Бојаџи успева да ја прикаже кинематографијата низ призма која ќе инспирира и професионалци и љубители, со што создава дело што е истовремено и учебник и извор на инспирација. Како што истакнува авторот, книгата од научен аспект го обработува проблемот на кинематографијата, на филмот, поточно на режисерот како генератор на сите проблеми во уметноста на филмот, но адаптирана на ниво на белетристика за да може да ја чита не само читател кој е инволвиран во уметноста на филмот, туку и најобичен читател, се наведува во поканата за промоцијата.
Бојаџи ја напишал книгата врз основа на трудови објавувани во научни списанија во последните десет години. Во неа, како што самиот истакнува, се содржани стотици цитати од познати филмски дела и автори, што дополнително ја збогатува и ја прави привлечна за сите кои сакаат да проникнат подлабоко во светот на кинематографијата.
Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека забраната за употреба на мобилни телефони за време на наставата функционира одлично во сите осум основни училишта.
-Забраната за користење мобилни телефони за време на часовите дава резултати. Оваа мерка ја имплементираме две години во основното училиште “Св.Кирил и Методиј” и има бенефит. Учениците, целосно се посветуваат на учењето и се подобрува квалитетот на образовниот процес. Со препораките коишто ги прифатија сите осум основни училишта во Центар обезбедуваме подобри услови во учењето и придонесуваме за развој на позитивна училишна атмосфера. Со редуцирање на употребата на мобилните телефони за време на часовите, учениците ќе се научат на важноста на личната дисциплина и ќе имаат поголема социјализација со своите врсници, истакнува Герасимовски.
Општина Центар, како што велат оттаму, е првата општина во државата што почна со имплементирање на ваква мерка. Препораките за забрана на користење на мобилните телефони, нагласуваат од Општина Центар, се прифатени и во образовниот процес во дел од европските земји.
Скопје - Без електрична енергија денеска ќе останат дел од корисниците во општините Центар и Аеродром.
Центарот за управување со кризи, повикувајќи се на информација од ЕВН Македонија, информира дека од 10 до 12 часот без струја ќе бидат дел од корисниците од улицата „Преспанска“ во населбата Маџармаало во општина Центар, а од 08 до 15:30 часот, дел од корисниците од улицата „Мите Богоевски број 2, 6, 3 и 4 во општина Аеродром. Од 06:30 до 19 часот без електрична енергија ќе бидат и корисниците од улицата 1627, во околина на црквата „Св. Петар и Павле“, Колдакопласт, Биолаб во општина Аеродром.