• сабота, 22 февруари 2025
МИА Општински пул

28 јануари 2025

Битола - Реванш натпреварот од баражот за Светското ракометно првенство меѓу женските репрезентации на Македонија и Полска ќе се одигра во Битола.

Одлуката Битола да биде домаќин на претстојниот важен меѓународен наторевар и за пласман на светското првенство што ќе се одржи во Холандија и Германија е донесена на иницијатива и апликација до Ракометната федерација на Македонија, од женскиот ракометен клуб „Пелистер“ и со поддршка на Општина Битола.

Натпреварот во спортската сала „Боро Чурлевски“ ќе се одигра на 12 април, а претходно двете селекции, на 9 април ќе играат во Полска.

Во Битола последен пат меѓународен натпревар на државна ракометна репрезентација беше одигран на 25 октомври 2018 година, кога машката селекција ја победи против Турција во квалификациите за Европското ракометно првенство што се одржа во 2020 година.

Македонска Каменица - Рудникот САСА со група независни автори издаде книга за најмладите членови на заедницата наменета за нивно запознавање со природните убавини. Автор на книгата е биологот и едукатор Кирил Арсовски-Пржо, а цртежите се на младата илустраторка Софија Ситновска.

Како што беше посочено на настанот од Рудникот САСА, целта на книгата „Јасмина низ Осоговските Планини - приказна за запознавање на природните вредности и како да ги заштитиме“ е да се збогати литературата за деца на македонски јазик посветена на проучување на природата, како и да се даде придонес кон градењето на свесноста за потребата од зачувување на животна средина. 

-Книгата, која првенствено е наменета за деца и ученици до петто одделение, претставува едукативно еколошко четиво, кое преку автентичен стил на раскажување и градење на приказната го води читателот низ природните карактеристики на околината на рудникот Саса и Осоговските планини, нивните природни убавини и биолошка разновидност, информираат од Рудникот Саса.

Книгата содржи и насоки за безбедно движење и правилно однесување во природа, а во неа, на соодветен начин, е опишана и симбиозата помеѓу рударството и природата, која со векови постоела во овој регион, како и активностите што ги презема рудникот Саса за одржување на ваквата рамнотежа. 

Неготино - Неготино ќе формира Младински совет, Локалното собрание на млади за формирање Локален младински совет при Општина Неготино, распишува јавен повик за членство во Локален младински совет, информираа денеска од Службата за односи со јавноста при неготинската локална самоуправа. 

- Повикот е отворен за сите младински организации, организации за млади, политички подмладоци, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување што ќе ги исполнат следните критериуми. Да имаат активности на територијата на Општина Неготино. Да се основани и активни најмалку една година пред отвaрaњето на овој повик. Членот на младинскиот совет да е жител на Општина Неготино и да е на возраст од 15 до 29 години, соопштија од Службата за информирање при Општината. Пријавувањето е до 10 февруари.

Охрид – Беседата насловена „Чувај се себеси“ на авторот пријавен под шифра „1111“ е избрана за најдобра на Конкурсот што во чест на охридскиот поет и преродбеник го распишува Националната установа Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид.

Од пристигнатите осум беседи на конкурсот комисијата ја издвои посочената беседа поради нејзината уметничка, јазична и естетско – етичка вредност.

На Конкурсот што се организира на државно ниво, право на учество имаа сите млади автори на возраст меѓу 15 и 30 годиини.  

Авторот на наградената беседа треба да го докаже својот идентитет и авторство со примерок од творбата испратен на biblioteka_ohrid@yahoo.com

Наградата за најдобра беседа во вредност од  девет илјади денари ќе му биде врачена  на 6 февруари на манифестацијата „Прличеви беседи“ во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид. 

Скопје - Скопје утрово се најде на 37. место по загаденост во светот, според податоците на „iqair“. Во регионот, за споредба, Атина е на 21., а Приштина на 22. место. Од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) пак утрово соопштија дека прекинат е прагот на алармирање за загаден воздух во Битола и Струмица.

- Согласно податоците од ДАМСКВ на ден 27 јануари, среднодневните концентрации на ПМ10 се под дефинираниот праг на алармирање од 150 мg/m3 и епизодата од два последователни денови со надминување на прагот на алармирање за ПМ10 е прекината во Битола и Струмица, се појаснува во соопштението на МЖСПП.

Во неделата ноќта МЖСПП информираше дека според податоците од Државниот автоматски мониторинг систем за квалитет на амбиенталниот воздух и добиената временска прогноза од Управата за хидрометеоролошки работи, прагот на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри - надминување на вредноста од 150 mg /m3 во текот на два последователни денови, бил надминат на мерното место - Струмица.

- Прагот на алармирање е дефиниран во Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиенталниот воздух и прагови на алармирање, рокови за постигнување на граничните вредности, маргини на толеранција за гранична вредност, целни вредности и долгорочни цели - Службен весник на Република Македонија број 183 од 14.12.2017 година, беше наведено во соопштението на МЖСПП.

Скопје - Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, во однос на состојбата со хигиената во градот информира дека сите 10 скопски општини имаат побарано да ги преземат ингеренциите од градот Скопје, да земат дел од опремата, односно машинеријата за да работат. 

- Даваме сѐ од себе да ја подигнеме хигиената на повисоко ниво. Баравме да ги преземеме ингеренциите од градот Скопје, сите десет општини да земеме дел од опремата, машинеријата за да работиме. Од состаноците коишто ги имаше претседателот на ЗЕЛС сега за сега немаме конкретен одговор. За жал, граѓаните не ги знаат ингеренциите и секогаш прстот прво е вперен во првиот човек на општината, рече Герасимовски во емисија на Канал 5 телевизија. 

Герасимовски вели дека најголемите забелешки на сите оние што го посетуваат градот, особено на странците е токму хигиената. 

Остани поврзан