МВР Билтен
- На 01.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.А.(29), С.Ќ.(29), С.Ц.(30), сите од Скопје, како и Д.Т.(40) од с.Требино, општина Македонски Брод и А.Б.(50) од Италија затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана.
Скопје, 2 јануари 2026 (МИА) - На 01.01.2026 во Скопје, на различни локации, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода Б.А.(29), С.Ќ.(29), С.Ц.(30), сите од Скопје, како и Д.Т.(40) од с.Требино, општина Македонски Брод и А.Б.(50) од Италија затоа што кај нив се пронајдени и одземени прашкаста материја и марихуана.
По целосно документирање на случаите ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 01.01.2026 околу 18:00 часот во ОВР Неготино е пријавено дека во атар на с.Долни Дисан, на место викано „Василева Чешма“, Љ.К.(26) од с.Долно Дисан, неготинско, управувајќи трактор „фергусон“, изгубил контрола и излетал надвор од патот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Општата болница Кавадарци. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Неготино.
СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.Ф.(54) од Тетово, М.Ф.(29) од с.Долно Количани, општина Студеничани, И.А.(54) од с.Шемшево, општина Јегуновце и З.З.(48) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“.
Прво и второпријавениот со лажно прикажување на факти во декември 2024 година измамиле жена на тој начин што и ветиле дека ќе и посредуваат да купи куќа во Тетово, сопственост на нивни роднини за сума од 135.000 евра. Таа во два наврати им платила 8.600 евра, а во март 2025 година откако увидела дека куќата е во сопственост на друго лице и се обидела случајот да го пријави во полиција, била одвратена во намерата од третопријавениот. По ова, третопријавениот за целиот настан го запознал четвртопријавениот и по извесен период тие и вратиле 5.100 евра, а останатите ги задржале за себе и ја блокирале на социјалните мрежи, оневозможувајќи и да стапи во контакт со нив.
На 01.01.2026 oколу 22:05 часот во ОВР Берово е пријавено дека на регионалниот пат Берово–Делчево, кај с.Смојмирово, патничко возило „киа“ со беровски регистарски ознаки, управувано од З.К.(51) од Берово, излетало надвор од коловозот.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен е увид од увидна екипа од ОВР Берово.
Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Гевгелија поднесе кривична пријава против Е.В.(38) од Албанија, со привремен престој во Грција, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
На 30.12.2025 на Граничен премин Стар Дојран, на излез од државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана албанска возачка дозвола.
Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против Е.М.(37) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа“.
На 01.12.2025 на Граничен премин Табановце, на влез во државата, пријавениот на увид приложил фалсификувана германска возачка дозвола.
На 01.01.2026 во 00:58 во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ е пријавено дека кај нив во многу тешка состојба и со стран предмет во глава е донесено двегодишно дете од Скопје.
Полициски службеници излегле на местото и извршиле службен разговор со мајката Г.Д.(21), која појаснила дека на 31.12.2025 пред полноќ излегла пред дворот од куќата на подрачјето на Гази Баба со детето и гледајќи огномет слушнала звук, по што забележала крв од главата на детето. Во полициска станица е извршен службен разговор и со таткото на детето М.А.(26). Во 01:58 часот на 02.01.2026 детето починало, а лекар констатирал смрт. По наредба на јавен обвинител, телото на детето е дадено на обдукција и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 01.01.2026 во 22:40 часот, полициски службеници од СВР Куманово, го лишија од слобода У.З.(33) од Куманово, постапувајќи по претходна пријава од Г.Ш.(20) од с.Виштица, липковско, дека околу 21:30 часот на ул.„Гоце Делчев“ во Куманово со употреба на физичка сила ѝ ја одзел чантата во која ималa пари, банкарска картичка и други предмети.
Тој е приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На 01.01.2026 во 16:20 часот во СВР Тетово, 39-годишна жена од Тетово пријавила дека била измамена за сума од 280 евра од А.К. од Србија.
Според пријавеното, лицето ја контактирало на мобилна апликација и ѝ кажало дека сака да донира одреден износ на пари како помош за нејзиното дете, кое посетува логопед, но претходно требала како гаранција да му испрати 280 евра преку брз трансфер на пари. Како што е пријавено, откако го сторила тоа, лицето побарало уште пари, по што сфатила дека била измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 01.01.2026 во СВР Скопје, од Ургентен центар при Комплекс клиники „Мајка Тереза“ Скопје е пријавено дека кај нив со повреди од пиротехнички средства се донесени 17-годишник од с.Долно Свиларе, скопско и 11-годишник од Скопје. Според пријавеното, тие се здобиле со повредите ноќта на 31.12.2025/01.01.2026 при употребува на пиротехнички средства.
На 01.01.2026 во 17:40 часот во Полициската станица Чаир, полициски службеници од СВР Скопје извршија службен разговор со Ѓ.С.(32) од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на 31.12.2025 околу 23:00 часот во семејниот дом физички ја нападнал неговата 29-годишна сопруга.
По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 01.01.2026 во 14:30 часoт во СВР Скопје, М.С.(67) од Скопје пријави дека околу 13:30 часот на подрачјето на Центар, едно лице со употреба на физичка сила ѝ одзело личен накит.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 01.01.2026 во 10:15 часот во СВР Скопје, З.Т.(40) од Скопје пријави дека околу 06:30 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
На 01.01.2026 во 14:25 часoт во с.Буковиќ, општина Сарај, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода И.И.(27) од с.Раовиќ, скопско.
При преглед на патничко возило „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки, кое истиот го управувал пронајдени се и одземени огревни дрва за кои не поседувал соодветна документација. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.
На 01.01.2026 во 00:20 часот во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги приведоа Е.М.(37), Н.С.(40), А.М.(37), Е.Р.(29) и М.А.(26), сите од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека агресивно се однесувале во здравствена установа на подрачјето на Центар, а потоа и агресивно се однесувале и кон полициски службеници кои извршувале службени дејствија.
По целосно документирање на случајот ќе следуваат соодветни поднесоци.
На 01.01.2026 во 16:49 часот во СВР Скопје, од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ пријавено е дека кај нив со повреда е донесен Б.С.(44) од с.Шемшево, тетовско.
Според пријавеното, Б.С. – вработен во армијата, се здобил со повредата додека извршувал работни задачи во Казнено - поправната установа Затвор Идризово. сст/
Фото МИА архива