• недела, 11 јануари 2026

Литванија и Малта со рекорден раст на туризмот во Европа во 2025 година

Литванија и Малта со рекорден раст на туризмот во Европа во 2025 година

Брисел, 11 јануари 2026 (МИА) – Литванија и Малта во текот на 2025 година ги надминаа некои од најголемите европски туристички играчи, како Португалија, Грција, Италија и Шпанија, и по стапката на зголемување на бројот на посетители и на генерираните приходи.

Според „Травел анд тур ворлд“ (ТТВ), ваквите исклучителни перформанси на двете земји се резултат на комбинација од фактори, вклучувајќи ги стратешкиот маркетинг, наменските туристички понуди, подобрена поврзаност и силен фокус на одржливоста, со што Литванија и Малта поставија нови стандарди и докажаа дека и помалите земји можат да постигнат извонреден успех на конкурентниот европски туристички пазар.

Остварувањата на Литванија и Малта особено добиваат на важност ако се има предвид дека туристичкиот сектор низ цела Европа забележа извонреден раст во последните години, постигнувајќи значајни пресвртници во однос на бројот на туристи и генерираните приходи.

Туристичкиот сектор во Литванија изминативе години покажа стабилен и импресивен раст, заздравувајќи значително од влијанието на Ковид пандемијата. Така, во 2024 година земјата ја посетија речиси 1,4 милиони странски туристи, што претставуваше раст на годишно ниво од шест отсто и достигна околу 75 проценти од нивото на туристи пред пандемијата.

Оваа постави основа за понатамошни остварувања во 2025 година, при што само во првиот квартал беше регистрирано зголемување на бројот на странски туристи на годишно ниво од 18 отсто, а таквиот тренд продолжи и во следните тримесечја, со што се проценува дека вкупниот број на туристи надмина 1,5 милиони.

Како клучни земји на потекло на странските туристи што го поттикнаа туристичкото закрепнувањето на Литванија и натаму останаа Полска, Германија и Летонија, на кои им се придодаде и Холандија, што значително придонесе за растот. Отворањето нови рути и агресивните маркетиншки кампањи, одиграа клучна улога во привлекувањето повеќе посетители, особено од Централна и Источна Европа, кои забележаа раст за осум проценти.

Туристичката стратегија на Литванија главно се фокусира на културниот, велнес и еко-туризмот, на аранжмани базирани на посета на паркови на природата и на промоција поавтентични туристички дестинации, кои не се пренатрупани со туристи.

Од друга страна, Малта во 2024 година пречека рекордни 3,56 милиони странски туристи што претставуваше зголемување за 19,5 отсто на годишно ниво и ги надмина предпандемиските бројки за 29 проценти. Во исто време, во 2024 година беа регистрирани 23 милиони ноќевања на странци, што е годишен раст од 13 отсто, а приходите од туризмот достигнаа 3,3 милијарди евра, што претставува зголемување од 23,1 проценти во однос на претходната година.

Според податоците за првата половина од 2025 година, туристичките перформанси на Малта ги надминуваат очекувањата, бележејќи зголемување на посетителите за 18,3 проценти на годишно ниво, со што проценките се дека во текот на целата мината година земјата ја посетиле околу 3,7 милиони странски туристи.

Клучот за успехот на туризмот на Малта, според ТТВ, лежи во нејзината способност да одржува рамнотежа помеѓу привлекување голем број посетители и обезбедување одржлив раст. Маркетинг кампањите на земјата во голема мера се фокусирани на нејзиното богато културно наследство, несекојдневното крајбрежје и поволните временски услови преку целата година. Главни туристички пазари беа Велика Британија и Полска, при што речиси половина од странските туристи или околу 17,5 милиони беа Британци.

Со ваквите резултати туристичките сектор на Малта и Литванија ги надминаа главните туристички земји во Европа, како Португалија, Грција, Италија и Шпанија, кои забележаа раст на бројот на странски туристи за по околу четири отсто. Со ова, двете држави докажаа дека и помалите дестинации можат да постигнат извонреден успех со приспособување кон еволуирачките трендови во туризмот и нудењето уникатни искуства.

Клучни фактори што придонесоа за исклучителните перформанси на Литванија и Малта во туристичкиот сектор, според ТТВ, се тоа што двете земји прифатија диверзификација во нивната туристичка понуда и спроведоа ефикасен маркетинг за промоција на своите дестинацијата.

Двете земји се ориентираа кон промоција на културниот, велнес и еко-туризмот, привлекувајќи нов тип на туристи чии приоритет не се сонцето и морето, како обележја на традиционалниот туризам.

Дополнително двете земји инвестираа во дигитални маркетинг кампањи насочени кон специфични демографски групи на туристи. Така, Литванија, во овие маркетиншки спотови го нагласува своето културно наследство и туризмот базиран на природата, позиционирајќи се како порта кон европската историја и центар за авантуристички туризам. Малта, пак, со својот медитерански шарм, ја искористи својата богата историја и уникатни пејзажи за да им се допадне на странските патници.

На растот на туристичкиот сектор влијание имаше и подобрената воздушна поврзаност на двете земји, особено воспоставувањето директните летови до клучните европски градови и отворањето нови рути.

Двете земји, исто така, дадоа приоритет на одржливоста, тренд што е сè популарен кај туристите. Така, Малта прави напорот за промоција на еколошки туризам, а Литванија на зелени иницијативи за привлекување туристи кои се свесни за животната средина. Овие напори не само што го поддржаа растот на туризмот, туку и обезбедија индустријата да остане одржлива и одговорна, заклучува ТТВ.

Проекциите се дека Литванија и Малта ќе го продолжат својот туристички успех и по 2025 година. Се смета дека Литванија ќе се насочи на диверзификација на своите туристички понуди, пред сè со привлекување на поголем број туристи од Централна и Источна Европа, додека Малта ќе настојува да се промовира како туристичка дестинација погодна за посета во текот на целата година, а не само за летниот туризам. сп/ссм/

Фото: Травел Литванија/Визит Малта

Остани поврзан