Мицкоски: Коцевски имаше можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата, доблесно би било сам да се повлече
- -Не би го коментирал него повеќе. Јасно кажа Владата, тој имаше доволно можност да се размавне, да покаже бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал, но очигледно дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина, така што мислам дека имаше доволно време да покаже, за жал таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес, денеска бев во Парламентот тој процес започна во Парламентот, во Парламентот и ќе заврши, така што мислам дека чесно и доблесно би било од него самиот да се повлече, да го скратиме овој период да можеме да избереме обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во Македонија, рече Мицкоски по посетата на Кавадарци.

Скопје, 12 февруари 2025 (МИА) - Јавниот обвинител Љупчо Коцевски досега имаше можност да се покаже како бескомпромисен борец за правдата. Чесно и доблесно би било од негова страна сам да се повлече, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски во одговор на новинарски прашања, по вчерашната владина одлука за поведување постапка за разрешување на државниот обвинител Коцевски.
-Не би го коментирал него повеќе. Јасно кажа Владата, тој имаше доволно можност да се размавне, да покаже бескомпромисен борец за правдата и против оние случаи каде што има основано сомневање за сторен криминал, но очигледно дека барањето изговори и купувањето време се нечија карактерна особина, така што мислам дека имаше доволно време да покаже, за жал таа доверба не ја оправда и сега Владата отпочнува еден процес. Денеска бев во Парламентот. Тој процес започна во Парламентот, во Парламентот и ќе заврши, така што мислам дека чесно и доблесно би било од него самиот да се повлече, да го скратиме овој период да можеме да избереме обвинител кој ќе биде бескомпромисен борец против криминалот и корупцијата во Македонија, рече Мицкоски по посетата на Кавадарци.
Владата вчера донесе одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски. Одлуката, вчера на прес-конференција, ја соопшти портпаролката на Владата Марија Митева, појаснувајќи ги аргументите и причините поради кои била донесена ваквата одлука.
- Најпрво се отвори расправата за последниот Индекс на транспарентност кој беше објавен денес од Транспаренси интернешнл Македонија и од каде детално можеше да се види дека конкретно четири точки се однесуваат на состојбите кои се случиле во обинителството и судството. Дополнително, последното именување за вршител на должноста - шеф на Вишото јавно обвинителство во Скопје одлука која е незаконска, односно надвор од одредбите пропишани во Законот за Јавното обвинителство, нагласи Митева.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во писмена изјава дадена по одлуката на Владата да покрене постапка за негово разрешување вчера кажа дека секогаш работел согласно закон.
- Од она што имав прилика да го прочитам по медиумите, причина за одлуката на Владата била тоа што изборот на раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје бил наводно незаконски. Верувам дека Владата ги немала на располагање сите релевантни и точни информации и заради избегнување на недоразбирања, сакам да го појаснам следното: Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје, донесен од обвинителот Хајрулахи, кој во моментов е суспендиран, беше со важност до 31.12.2024 година. Согласно тој распоред лицата определени за негови заменици го имаа статусот на заменик до истекот на распоредот на 31.12.2024 година. Распоредот за работа на Вишото јавно обвинителство Скопје за 2025 година е донесен од обвинителот Цветановски во јануари 2025, во момент кога истиот немал својство ниту на заменик, ниту на шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје, што значи дека ваквиот распоред не е донесен согласно закон и не може да произведува правно дејство. Со потврдување на одлуката за суспензија и на обвинителот Цветановски, се јави потреба да се определи јавен обвинител кој времено ќе раководи со Вишото јавно обвинителство Скопје, посочува Коцевски.
Во писмената изјава Коцевски вели дека не е првпат да се постапува на овој начин и дека приоритет било да се определи раководител на Вишото јавно обвинителство Скопје кој ќе биде гарант за непристрасното, професионално и објективно работење на обвинителството до завршување на дисциплинска постапка за обвинителот Хајрулахи.
- Појаснувам дека не се работи за назначување на вршител на должноста виш јавен обвинител, туку за определување на времен раководител на вишото јавно обвинителство Скопје. Според тоа ве верувам дека моето постапување во овој случај, како и во целокупното мое работење е согласно закон, а со цел овозможување на непречено и законито функционирање на јавното обвинителство и заштита на јавниот интерес, наведе вчера Коцевски.
Претседателката на Советот на јавни обвинители Душица Димитриеска, денеска, во врска со донесената одлука на Владата за поведување на постапка за разрешување на државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, вели дека досега до Советот на јавни обвинители не е доставен таков предлог. – Досега до Советот нема доставено никаков предлог, кога ќе биде доставен предлогот ќе се произнесеме, вели Димитриеска. За назначувањето на обвинителката Наташа Крстевска Цалева за шефица на Вишото јавно обвинителство, додека трае оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи, претседателката на Советот на јавни обвинители вели дека одлуката е донесена едногласно од сите членови на Советот.
Според Законот за јавно обвинителство, републичкиот обвинител го избира и разрешува Собранието, а го предлага Владата од оние кандидати за кои добила позитивно мислење од Советот на јавни обвинители.
Мандатот на републичкиот обвинител трае шест години, а Коцевски беше избран на оваа позиција пред една година. нд/ев/