Коалиција „Европски фронт“ не е направена само за еден изборен циклус, се прават консултации за заеднички настап на локалните избори, вели Адеми
- Коалиција „Европски фронт“ не е направена само за еден изборен циклус и претставува поголема визија за градење на една заедничка држава, која ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество, вели портпаролот од ДУИ Арбер Адеми, посочувајќи дека веќе се прават консултации за заеднички настап со партиите од Европскиот фронт на претстојните локални избори.

Скопје, 4 февруари 2025 (МИА) – Коалиција „Европски фронт“ не е направена само за еден изборен циклус и претставува поголема визија за градење на една заедничка држава, која ја рефлектира хетерогеноста на нашето општество, вели портпаролот од ДУИ Арбер Адеми, посочувајќи дека веќе се прават консултации за заеднички настап со партиите од Европскиот фронт на претстојните локални избори.
Прашан за коментар на изјавата на претседателот на СДСМ дека нема да коалицираат со ДУИ, Адеми рече дека партијата имала соопштение и остануваат на тој став, нагласувајќи дека тие секогаш имаат партнерство со граѓаните.
-Ние секогаш сме имале партнерство со граѓаните, така што го продолжуваме тоа партнерство со граѓаните и како и секогаш ДУИ и Европскиот фронт ќе бидат најголемите победници на локалните избори, изјави Адеми, одговарајќи на новинарски прашања по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев, по повод одбележувањето на 153-годишнината од неговото раѓање.
За евроинтеграциите на земјава и дали очекува Власта да ги почне контактите со новата бугарска влада, Адеми нагласи дека нашите обврски како држава се јасно дефинирани во преговарачката рамка и требало да се концентрираме на нивно исполнување.
-Не денеска, не утре, туку требаше вчера, завчера да се концентрираме да ги исполнуваме сите наши обврски за да обезбедиме европска перспектива за сите граѓани. Тоа е единствената алтернатива за нашата заедничка татковина, порача Адеми. аа/ац/
Фото: МИА