Исланд ја претстави својата нова влада со лидерката на социјалдемократите Фростадотир како премиер
- Претседателот на Исланд назначи нова влада со лидерката на партијата Социјалдемократски сојуз Криструн Фростадотир за премиер, објавија исландските медиуми.
Рејкјавик, 21 декември 2024 (МИА) - Претседателот на Исланд назначи нова влада со лидерката на партијата Социјалдемократски сојуз Криструн Фростадотир за премиер, објавија исландските медиуми.
Левичарската партија на Фростадотир стана првата политичка сила на предвремените избори на 30 ноември, а во нејзиниот коалициски кабинет ќе бидат вклучени и центристичката Народна партија и левичарската, проевропска Партија за обнова, објави исландската телевизија.
Катрин Гунарсдотир, лидер на Партијата за обнова, ќе биде министерка за надворешни работи.
Ова е прв пат во историјата на Исланд на чело на сите владејачки партии да бидат жени, а првпат во северноатлантската земја во исто време ќе има жена премиер и претседателка - Хала Томасдотир, забележа исландската телевизија.
На снимката од директниот пренос на националната телевизија се гледа како лидерите на трите коалициски партии се прегрнуваат по склучувањето на договорот за заедничко владеење.
Фростадотир, 36 години, ќе биде најмладиот премиер во историјата на Исланд, забележа исландската телевизија.
Новата коалиција ќе ја замени претходната заедничка влада на конзервативната Партија за независност на Бјарни Бенедиктсон, левичарското Движење на зелените и централно-десничарската Прогресивна партија. мс/
фото: МИА архива