• недела, 11 јануари 2026

Ирена Бабамова Стојчева за МИА: Поезијата се уште има јавно значење

Ирена Бабамова Стојчева за МИА: Поезијата се уште има јавно значење

Струмица, 11  јануари 2026 (МИА) -

Ристо ТАСЕВ

Поетесата Ирена Бабамова Стојчева во годината што измина зад себе остави силен белег во македонската поетска ризница. Лани ја доби наградата „Антев златник“, годинава учествуваше на „Струшките вечери на поезијата“, а крајот на годината, на 10 декември, ја заокружи со промоција на нејзиното четврто дело-збирката поезија „Сивка-геометрија на болката“.

Во рецензијата кон книгата, д-р Атина Цветаноска вели дека „Сивка“ е тажна убавица. Лета со скршено крило кое не може да биде исто дури и да зарасне. Во таа геометрија на болката Бабамова Стоічева ја истражува тагата како одговор на неотповикливата промена на околностите, на она што сме го замислувале како деца, со сета детска невиност во размислата. Болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии, создава ехо кое се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави, пукнатини кои, дури и да зараснат, остануваат со траги што потсетуваат на нив.

Промоцијата во Струмица дојде по добивањето на меѓународната награда „Антев златник“ за ракописот и по објавувањето на книгата од издавачката куќа „Макавеј“, со подршка на Министерството за култура и туризам. Какво беше тоа искуство за Вас?

-Промоцијата за мене не беше само книжевен настан, туку чин на јавно соочување. Поезијата, всушност, не се промовира - таа се пушта да оди сама. Чинот на изложеност подразбира и доверба: отворање на зборот кон другиот, напуштање на интимниот простор и навлегување во еден поширок, заеднички простор на читање и препознавање. Тој премин е можеби најделикатниот и највистинскиот момент во животот на една поетска книга. „Сивка“ престана да биде само мој внатрешен простор и започна да живее свој живот.

Болката кај Вас не е крик, туку структура. Од каде потребата таа да се согледа, а не само да се почувствува?

-Болката, кога е свежа, е хаос. Но кога со неа се живее долго, таа почнува да покажува свои обрасци. Се повторува. Се вгнездува. Се распоредува. Се врежува во телото, во јазикот, во односите. „Геометријата на болката“ не е обид за рационализација, туку преобразен начин на постоење, нова архитектура на сопостоење. Кога болката добива форма, таа станува видлива. А она што е видливо може да се носи.

Насловот го спојува симболот на пеперутката со еден речиси математички поим. Што значи „Сивка“ за Вас?

-Сивка не е пеперутка на спектаклот, туку на опстанокот. Сивата боја не ја разбирам како отсуство на боја, туку како нејзина акумулација, како трага, како талог од искуства. Оттаму, пеперутката не е метафора во класична смисла, туку егзистенцијална фигура. Таа постои на маргините, како и многу човечки состојби. Зашто не сè што е суштинско е блескаво. Сивка не ја симболизира победата, туку траењето низ проширувања. Таа не ветува целост во смисла на враќање кон првобитна состојба, туку сведочи за живот што е возможен обид за целина и со оштетено крило. Симболите во книгата не се естетски избор, туку проширувања нагоре - обиди да се допре она што не може директно да се именува. Пеперутката, геометријата, крилото, телото, јазикот - тоа не се слики во класична смисла, туку точки на пресек. Сивка, со својата кревкост и непривлечна боја, стана фигура на постоење што трае. Не лета спектакуларно, но опстојува. Во тој опстанок се препознав.

Во образложението за наградата „Антев златник“ се вели дека книгата лета со скршено крило. Што значи тоа за Вас како поетеса и како човек?

-Прифаќање на неповратноста. Зрелоста не е во надежта дека сè ќе зарасне, туку во сознанието дека нешто никогаш нема да биде исто. Зборот не служи за поправање на крилото, туку отвора нови начини на носење. Живеењето со скршено крило не е трагедија, ами состојба. И токму во таа состојба се случува најдлабокото човечко согледување.

Книгата е поделена во циклуси, но тие не се хронолошки. Како го разбирате времето во поезијата?

-Поезијата не живее во календарско време. Таа живее во внатрешно време. Циклусите во „Сивка“ не се животни фази, туку перспективи - различни начини на гледање: односот со себе, со другиот, со заедницата. Тоа не се чекори, ами места на вкрстување, јазли на искуства. Времето во поезијата не тече. Тоа се преклопува.

Често се вели дека поезијата е „автобиографија на душата“. Каде завршува искуството, а каде започнува симболот?

-Таа граница не е јасна, ниту треба да биде. Поезијата не ги пресликува фактите, туку ги преведува состојбите. Симболите не се украси, туку портали преку кои се допира она што не може директно да се искаже. Како што вели Рене Шар: „Поезијата ја носи светлината на непознатото во јазикот на видливото.“ Јас не тргнувам од идеја, туку од состојба. Симболот доаѓа како чин на откривање. Поетскиот јазик се движи низ кревкоста, болката, љубовта, тишината, припадноста, не како теми, туку како егзистенцијални состојби. Поезијата е неминовно автобиографска, колку и да звучи круто. Но, таа лесно излегува од логичките категории и гради мостови кон мета-простори, во обид човечкото да се именува поинаку.

Во „Сивка“ тишината е подеднакво присутна како и зборот. Што значи тишината во Вашата поетика?

-Тишината не е празнина. Таа е носител на значењето. Зборот понекогаш лечи, понекогаш повредува. Тишината, пак, му овозможува на зборот да одекне. Во таа пауза меѓу стиховите се случува вистинското читање. Ако поезијата остави тишина по себе, тогаш таа допрела нешто суштинско.

Во 2025 година бевте дел од програмата на 64. издание на „Струшките вечери на поезијата“. Како го доживувате тоа учество?

-„Струшките вечери на поезијата“ се простор каде зборот ја надминува индивидуалната биографија и станува дел од поширок дијалог. За мене тоа учество не е кулминација, туку средба - собеседеање со поетските гласови и со идејата дека поезијата сè уште има јавно значење. Не само да се чита, туку и да се слушне. Да се видат различните линии на современите поетски гласови и да се препознаат заедничките и од таму да се продолжи. Тоа е особена одговорност.

Ако „Сивка“ поставува едно централно прашање, кое би било тоа? Како да се живее со скршено крило, без илузија дека повторно ќе биде цело?

-Поезијата не дава одговори. Таа само сведочи дека животот, и таков е можен. Дека кревкоста е легитимна човечка состојба и дека болката не го поништува човечкото, напротив, го обликува. „Сивка“ потајно го предизвикува празниот нихилизам, зашто укажува дека дури и грдото има шанса да се придвижи, да се преобрази. И можеби една тивка, но важна согледба: дека не сме сами во сопствената кршливост.

Ристо ТАСЕВ

Фото: МИА архива и архива на поетесата

Остани поврзан