• сабота, 22 февруари 2025

Израел реагира за нехуман третман кон ослободените заложници

Израел реагира за нехуман третман кон ослободените заложници

Тел Авив, 8 февруари 2025 (МИА) - Израелските власти реагираа за нехуман третман кон тројцата заложници кои беа ослободени денеска од Газа како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Хамас и Израел. Според израелските власти, заложниците изгледале измачени и изнемоштени, а вооружените милитанти ги принудиле да зборуваат за време на церемонијата на ослободување.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху соопшти дека Израел „нема да ги прифати шокантните сцени“ што се случија денеска. Во соопштението не се објавени никакви казнени мерки за ова, но претходните хаотични ослободувања на заложници доведоа до одложување на реципрочното ослободување на Палестинците од израелските затвори.

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека во „циничен и суров спектакл“ Хамас ги искористува заложниците кои „поминале 491 ден пекол, гладувајќи, изнемоштени и мачени“.

Лидерот на израелската опозиција Јаир Лапид, пак, рече дека прекинот на огнот со Хамас сепак треба да се продолжи за да им се овозможи на десетици преостанати заложници да се вратат дома.

Хамас денеска ги ослободи Еи Шараби (52), Охад Бен Ами (56) и Ор Леви (34), киднапирани на 7 октомври 2023 година во нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа околу 1.200 луѓе, што доведе до воена интервенција на Израел во Газа.

Тројцата заложници беа донесени на местото на размена и Хамас парадираше со нив пред стотици луѓе во Газа. Тие беа донесени на бината, а маскиран борец на Хамас држеше микрофон пред секој и ги принуди да зборуваат со толпата. За време на претходните кругови на ослободување, заложниците не зборуваа.

Израел потврди дека тројца заложници кои Хамас денеска ги предаде на претставници на Црвениот крст, веќе се преземени од израелските власти. Тие ќе се вратат кај семејствата по лекарски преглед.

Од почетокот на примирјето во Газа на 19 јануари, ова е петта рунда размена на заложници со Палестинците кои се држат во израелските затвори. Досега се ослободени 18 израелски заложници и повеќе од 550 Палестинци.

Прекинот на огнот стави крај на 15-месечната војна во Појасот Газа, во која, според палетсински извори, загинаа повеќе од 47.000 луѓе.

Фото: ЕПА

Остани поврзан