• среда, 10 декември 2025

Изложбата „Реминисценции“ на Страхил Петровски во Њујорк

Изложбата „Реминисценции“ на Страхил Петровски  во Њујорк

Куманово, 10 декември 2025 (МИА) - Изложбата „Реминисценции“ новата ера на креативните дела од кумановскиот ликовен уметник Страхил Петровски ќе биде отворена на 30 декември во Галерија МЦ Њујорк. Делата се работени на големи индустриски хартии и цртежи со помали димензии работени во комбинирана техника во бои (белата, црвената и црна).

Според Сандра Деспотовиќ, кустос и историчар на уметноста кога се перципираат делата на Петровски се слуша прогресивен рок и се открива одраз на современиот свет закотвен во борбите со идентитетот и значењето. Страхил, преку фрагментација, што само по себе е потрага или нов почеток, деконструкција или игра – на среќа, првенствено се резултат на вештина и иновација. Уметноста на Петровски, која е боја во служба на поетски, недостижен или речиси недостижен, апстрактен и инсталационен карактер, зрачи со духот на конфликтот со можноста за значење во свет по незамислив ужас. Светот по ужасот се појавува како единствениот можен свет што успеваме да го создадеме и да го задржиме. Ние продолжуваме да пишуваме поезија и продолжуваме да сликаме. Во новите светови, во свет без стабилни идентитети, во свет на непостојани идентитети, каде е тоа што го бараме и каде го наоѓаме значењето и дали воопшто го наоѓаме?, пишува Деспотовиќ.

Кураторот наведува дека сегашните и претходните дела на Петровски прикажуваат свест за оваа изгубеност, затоа во фрагментацијата, тој бара единство. Неговите дела ја откриваат неподготвеноста на современиот човек да се справи со современите и вечните проблеми. Димензиите-возвишеност. Уметникот преку делата создава простор за гледачот да стане сведок на сопствената перцептивна криза, го повикуваат да со соочи со модерното јас, огледало испукано од медиумска конфузија, недостиг на критичка мисла и вртлог на идентичностите, но и нуди критички импулс потребата за бунт и преобразба. Делата ја враќаат свеста дека трагедијата, корупцијата, општествените пукнатини и личните сомнежи не се крај, туку почеток на ново читање на стварноста.

Публиката во Њујорк ќе има можност да ги разгледа делата до д 9 јануари 2026 година.

Роден во 1974 година во Куманово, Република Македонија, Страхил Петровски е претставник на средната генерација визуелни и мултимедијални уметници. Тој дипломира сликарство на УКИМ на ФЛУ каде завршува и постдипломски студии. Неговата уметничка практика опфаќа повеќе форми и медиуми на изразување, како што се: сликарство, инсталација, концептуална уметност, фотографија и видеоуметност. Петровски, особено во последните години, користи теми поврзани со егзистенцијализмот и социополитички прашања како постконцептуален дискурс, но и длабоко естетски решенија како формалистички интерес. Голем број негови дела се наоѓаат во јавни и во приватни колекции, вклучувајќи музеи и галерии во земјава и во странство. Самостојно изложувал во Македонија и во странство, САД, Франција, Словачка, Србија, земјите од Балканот. Учествувал на повеќе од 100 групни изложби, ликовни колонии, симпозиуми и семинари. Добитник е на награди.

Член е на ДЛУМ од 1997 година, член на ДЛУБ од 2025 година, на ИКОМОС од 2001 до 2007 година и на ИКОМ од 2011 до денес. До 2023 година, работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Национален конзерваторски центар – Скопје и како Доцент по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје. Од 2024 година, работи како советник конзерватор – реставратор во НУ Музеј на македонската борба за самостојност, каде што е избран за вонреден професор по предметите фотографија и мултимедија на Факултетот за арт и дизајн при Европски Универзитет, Скопје. ам/

Фото: Страхил Петровски Петровски

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан