Здружението „Рајчица“ прибраните средства од предновогодишниот базар ги донира на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар
- Прибраните средства од предновогодишното хуманитарно празнично дружење, организирано од здружението „Рајчица“, со поддршка на Општина Дебар, донирани се на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар, со набавка на најнеопходниот инвентар.

Дебар, 13 февруари 2025 (МИА) – Прибраните средства од предновогодишното хуманитарно празнично дружење, организирано од здружението „Рајчица“, со поддршка на Општина Дебар, донирани се на Дневниот центар за лица со посебни потреби во Дебар, со набавка на најнеопходниот инвентар.
- Наша заедничка желба беше прибраните средства да ги донираме на Центарот. На средбата со одговорните лица ни беше пренесено дека најпотребно во моментот е обезбедување на инвентар, поконкретно трпезариски маси. Со останатите членови на Здружението се потрудивме да ги набавиме и да ги предадеме на Центарот. Неопислива е доживеаната радост, од подарената можност преку која можете некому да му го олеснете секојдневието, изјави за МИА сестра Ефимија.
Со сигурност можеме да кажеме, додава, дека нашата соработка со Центарот за лица со посебни потреби, со Општина Дебар, со просветните, културните и социјалните работници од Дебар и дебарско ќе продолжи и во иднина.
Ваков настан за првпат се одржа во градот, кој побуди навистина голем интерес кај дебрани, кои можеа да купат разни слатки по поволни цени, подготвени од волонтерската група на Здружението „Рајчица“, а можеа да донираат и средства кои, како што и тогаш беше најавено, насочени беа кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории.
Особено задоволство за настанот кој обедини многу граѓани без оглед на нивната етничка или религиска припадност - и деца и возрасни, и тие што тука живеат, и дојденците кои се специјално во градот по повод празниците, искажаа и претставниците на здружението и градоначалникот Хекуран Дука, кој вети продолжување на вакви и слични активности. вт/дма/
Фото: Здружение „Рајчица“