Здружението „Рајчица" во соработка со Општина Дебар организира празничен хуманитарен базар
- По иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, по вторпат ќе биде одржано хуманитарно празнично дружење во паркот пред Националната установа Центар за култура-Дебар.
Дебар, 22 декември 2025 (МИА) - По иницијатива на Здружението „Рајчица“, во соработка со општина Дебар, по вторпат ќе биде одржано хуманитарно празнично дружење во паркот пред Националната установа Центар за култура-Дебар.
Присутните ќе може да се радуваат и бесплатно да се фотографираат со Дедо Мраз и неговите пријатели. Ќе има разни слатки по поволни цени, како и други изненадувања.
-Целта на овој празничен Базар е многустрана и се фокусира на важноста на социјалната инклузија, како и на поврзувањето на децата и нивните родители во пресрет на празниците. Настанот нуди можности за дружење на најмладите преку различни забавни содржини, а истовремено служи и за собирање средства што ќе бидат насочени кон хуманитарни активности за поддршка на најранливите категории во нашето општество, изјавија за МИА од Здружението.
Здружението „Рајчица" изразува задоволство што целата локална заедница се вклучила на каков било начин да ја поддржи оваа иницијатива.
Но, додаваат дека посебно радува фактот што многу млади луѓе, кои се дел од волонтерската група на Здружението „Рајчица“, се вклучија во изработка на различни производи, кои ќе бидат поставени на штандовите за време на празничниот Базар.
- Со тоа, токму младите се носители на овој проект, преку изразувањето на нивната свест за поддршка, но и подобрување на соработката меѓу сите лица и институции во локалната заедница, насочувајќи ги своите младешки сили кон благородни цели. Ги покануваме сите наши сограѓани, нашите мили дечиња, родители, баби и дедовци, посочија од Здружението.
Петдневното празнично дружење ќе биде од 26 до 30 декември во паркот пред Центар за култура од 16 до 20 часот. вт/бк/