„Здрава котлина“ утре организира протест против аерозагадувањето на Струмица
- Еколошкото здружение „Здрава котлина“ утре напладне на крстосницата пред ТЦ „Глобал“ организира протест против аерозагадувањето
Струмица, 23 јануари 2026 (МИА) - Еколошкото здружение „Здрава котлина“ утре напладне на крстосницата пред ТЦ „Глобал“ организира протест против аерозагадувањето.
Во соопштението објавено на нивната фејсбук страница, се наведува дека повторно дошол денот кога се принудени да излезат на улица и да го искажат заедничкиот револт против аерозагадувањето.
-Властите се менуваат. Функциите се менуваат. Но едно нешто останува исто: ние и понатаму дишеме отров. Со години слушаме ветувања за „чист воздух“, „стратегии“, „мерки“ и „планови“. А што добивме? Ништо. Молк. Институционална негрижа, се наведува во повикот за протестот.
Од „Здрава котлина“ додаваат дека моменталната состојба во јужниот дел на градот е алармантна и изложеноста на граѓаните на ПМ честички е голема.
-Ги повикуваме сите граѓани-родители, млади, пензионери, работници, студенти – да излеземе во што помасовен број и заедно да кажеме: Стоп на аерозагадувањето, стоп на трујачите, стоп на институционалната негрижа, крај на воздушната апокалипса и најгласно „Уааа“ за инспекторите и институциите што со години не си ја вршат работата, стои во повикот за протестот.
Инаку, мотото на утрешниот протест е „Излези. Застани. Зборувај за себе. За своите деца. За здравјето. За иднината“.
„Здрава котлина“ и лани во февруари и јули организираше два протести против аерозагадувањето.рт/вј/
Фото: “Здрава котлина“