Зајакнувањето на одбраната и безбедноста, тема на средбата на еврокомесарот Кубилиус со претставниците на НАТО
- Европскиот комесар за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус денеска присуствуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет, каде со претставниците на земјите членки на НАТО разговараше за зајакнувањето на одбранбеното производство и безбедноста во Европа.

Брисел, 20 јануари 2025 (МИА) - Европскиот комесар за одбрана и Вселената, Андриус Кубилиус денеска присуствуваше на состанокот на Северноатлантскиот совет, каде со претставниците на земјите членки на НАТО разговараше за зајакнувањето на одбранбеното производство и безбедноста во Европа.
Според генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, ваквите размени на мислења се важни за поттикнување на транспарентноста и политичкиот дијалог меѓу Алијансата и Европската Унија.
- Тоа им овозможува на лидерите на ЕУ директно да го слушнат мислењето и на сојузниците кои не се членки на Унијата, додаде Руте.
Според него, во овој момент зголемувањето на одбранбеното производство, со цел исполнување не само на обврските кон Украина, туку и за зајакнување на способноста за одвраќање и одбрана на НАТО и ЕУ, е „порелевантно од кога било досега“.
Руте, како што соопшти НАТО, воедно ги поздрави и напорите на ЕУ за зголемување на капацитетите на европската одбрана и за зајакнување на нејзината одбранбена индустриска база.
- Нашата трансатлантска одбранбена индустрија е длабоко испреплетена и постои единствена можност да се постави насоката на нашата соработка, заклучи Руте. сп/
Фото: НАТО