• недела, 11 јануари 2026

Свеста за правилно чување миленик подигната, но дел од бездомната популација е на неодговорни сопственици

Свеста за правилно чување миленик подигната, но дел од бездомната популација е на неодговорни сопственици

Скопје, 11 јануари 2026

Билјана АНАСТАСОВА-КОСТИЌ

Европската унија кон средината на минатата година усвои построги правила за заштита на благосостојбата на кучињата и мачките. Оваа регулатива, прва ваква на ниво на Европската унија, воведува унифицирани стандарди за одгледување, сместување и нега во професионалните објекти како што се одгледувачниците и засолништата на овие миленици.  

Една од клучните и најважни обврски е микрочипирањето и задолжителното регистрирање на домашниот миленик во националната база што треба да го намали бројот на кучиња и мачки кои на овој или оној начин по извесен период стануваат бездомни. Објектите, пак, каде се одгледуваат и чуваат животните мора да имаат чиста вода, соодветна храна, доволен простор и пристап на отворено. Овие објекти мора да имаат обезбедено барем еден негувател со специјализирана обука, а задолжителни се и ветеринарните прегледи. 

Дел од правилата се и проверка на оние кои нудат на продажба кучиња или мачки на онлајн платформите, а инспекциите ќе бидат зајакнати преку EFSA и европската база за патување на миленици. 

Како стоиме ние на овој план?

-Во Македонија има Закон за благосостојба на животни и задолжително е микрочипирањето. Сопствениците имаат обврска да ги микрочипираат своите домашни миленици, а доколку се одлучат за репродукција на домашниот миленик, мора да го пријават леглото кај својот матичен ветеринар и да ги микрочипираат новите миленици пред да се вдомат. 

Но, колку ова се спроведува во пракса, колку сопствениците на кучиња и мачки се навистина сопственици и дали има механизми на контрола? И, покрај законските одредби, секојдневно има случаи на напуштени домашни миленици, а неретки се и случаите на социјалните медиуми во кои се информира за оставени мали кутренца или мачиња пред контејнери. Тие, доколку не бидат згрижени, потенцијално стануваат бездомни, проблем со кој се соочува речиси секоја општина во државата. 

Искра Блажевска, доктор по ветеринарна медицина, вели дека во последните години свеста за правилно чување миленик е на многу повисоко ниво од претходно, но дека сепак добар дел од бездомната популација на кучиња и мачки е на неодговорни сопственици. Она што недостига, според Блажевска, е подобра контрола.

-  Иако сите често ја проценуваме состојбата според ситуацијата со бездомните кучиња, морам да кажам дека добар дел од таа бездомна популација е од неодговорни сопственици, но апсолутно не сите. Од друга страна на истата таа улица се повеќе забележуваме здрави и среќни миленици што дефинитивно укажува дека сме на добар пат. Сепак, алатката која недостига е подобра контрола врз сопствениците од страна на одговорните служби, вели Блажевска во изјава за МИА.

И Илија Петковски, магистер по екологија и животна средина на Сорбона и сопственик на груминг салон, смета дека во земјава нема реален проблем со одговорното сопствеништво, туку со самото сопствеништво. 

-  Мал дел од животните (кучиња и мачки) кои се чуваат како миленици се воопшто заведени, регистрирани и микрочипирани како миленици. Најголемиот проблем со миленичката популација на животни произлегува од самиот факт што повеќето „сопственици“ не се воопшто сопственици, туку луѓе кои чуваат нечипирано животно што правно гледано, самото животно го класира како бездомно. Овие неколку стотици илјади „административни духови“ се тие кои мора веднаш да добијат регулиран правен статус на миленик за статистичката бројка на миленици во Македонија да биде поблиску до вистинската и да може вистински да работиме на одговорното сопствеништво, вели Петковски.

Одговорното сопствеништво подразбира и редовно носење на миленикот на ветеринар, вакцини, терапија против паразити, квалитетна исхрана и редовен груминг....

Доктор Блажевска посочува дека честопати консултацијата и одењето на ветеринар се става на второ место откако претходно сопственикот ќе побара бесплатен совет по социјалните групи за проблемот на својот миленик или ќе го консултира ChatGPT, со што се прават катастрофални грешки и им се дава терапија на своја рака на милениците кои може да завршат со несакан исход. 

-  Апсполутна вистина е дека ветеринарната услуга е приватна и чини, но доколку не можете да си ја дозволите воопшто не треба да чувате миленик – чувањето миленик не е задолжително и претставува луксуз, вели доктор Блажевска.

Порачува - доколку од почеток не сте 100 проценти спремни и се сомневате во своите емотивни, финансиски, временски можности, почекајте подобро време за да станете сопственик на миленик.

Кинолозите и фелинолозите честопати забележуваат дека сопствениците избираат раса врз основа на изгледот на миленикот, без притоа да се запознаат со неговите карактеристики што пак потоа може да се одрази на благосостојбата на миленикот и откажување на сопственикот од него. 

-  Она што е многу, многу важно е сите сопственици навремено да се информираат за конкретните потреби на нивното милениче, кои се разликуваат во голема мера во зависност од изборот на миленик, вели доктор Блажевска, додавајќи дека исклучително важно е да се почитуваат и препораките на ветеринарот во однос на редовните вакцини, прочистувањето од паразити, како и законските мерки како чипирање и вакцинирање против беснило. 

Сопствениците, додава Блажевска, треба да се запознати и со можните заболувања кои може да се пренесат од миленикот на човекот и како истите да бидат навремено превенирани или соодветно третирани. 

Квалитетната исхрана и негувањето на крзното, исто така се посочуваат како клучен елемент за благосостојбата на миленикот. Ветеринарите велат тие се повеќе од половина здравје. Нередовната хигиена и нетретирањето на крзното може да доведат до здравствени проблеми кај миленикот како инфекции и губење на крзното.

-Типичен пример е долговлакнест миленик кој не е соодветно чешлан секојдневно па се формираат чиреви (felting) што ја повредуваат кожата, предизвикувајќи болка, инфекции и губење на крзното. Ова не само што го уништува физичкото здравје преку паразити, дерматитиси и потреба од терапии, туку и ја влошува менталната благосостојба со постојано чешање и непријатност што го прави животното нервозно и агресивно, појаснува Петковски за МИА.  

Фото: фрипик

Остани поврзан