Едукативна претстава за безбедност во сообраќајот за првооделенците во Кисела Вода
- Превентивно-едукативен настан посветен на безбедноста на најмладите во сообраќајот се одржа денеска во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода, во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Учениците од прво одделение од основните училишта „Круме Кепески“ и „Кирил Пејчиновиќ“ имаа можност преку специјално подготвена куклена претстава да ги учат основните правила за безбедно движење на улиците.
Скопје, 25 февруари 2026 (МИА) - Превентивно-едукативен настан посветен на безбедноста на најмладите во сообраќајот се одржа денеска во Домот на културата „Билјана Беличанец“ во општина Кисела Вода, во рамки на кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“. Учениците од прво одделение од основните училишта „Круме Кепески“ и „Кирил Пејчиновиќ“ имаа можност преку специјално подготвена куклена претстава да ги учат основните правила за безбедно движење на улиците.
Активноста ја организираа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата РСБСП со поддршка од Министерството з авнатрешни работи, Секторот за внатрешни работи -Скопје и Општина Кисела Вода, а присуствуваа министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, градоначалничката на Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, претседателот на РСБСП Горан Ангеловски, како и претставници на МВР и СВР-Скопје.

-Безбедноста на нашите деца е наш врвен приоритет, а едукацијата од најмали нозе е клучот за градење на здрава сообраќајна култура. Затоа, со огромно задоволство денес сме домаќини на овој значаен превентивно-едукативен настан. Ваквите активности се од исклучителна корист бидејќи превенцијата секогаш дава најдобри и трајни резултати. Ми претставува особена чест и задоволство што денес со нас се министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, претседателот на РСБСП Горан Ангеловски, како и претставниците на МВР и СВР-Скопје. Сакам да им изразам голема почит и благодарност за присуството, кое само по себе испраќа силна порака до јавноста. Тесната меѓуинституционална соработка не е само фраза, туку неопходност. Само преку заеднички и координирани напори можеме реално да ја гарантираме сигурноста на нашите граѓани, рече градоначалнилката Стаменкоска Трајкоска.
Таа потенцираше дека Општина Кисела Вода активно и посветено работи на подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот, рамо до рамо со сите надлежни институции. Се работи, како што посочи и на унапредување на сообраќајната инфраструктура низ целата општина.
- Нашата цел е да овозможиме безбедна инфраструктура и едуцирани учесници кои ги почитуваат правилата - истакна градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Општина Кисела Вода инфорира дека кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“ продолжува и во наредниот период. Крајната цел на е континуирано зголемување на безбедноста на патиштата, минимизирање на ризиците во сообраќајот и градење на генерации со висока сообраќајна свест.лв/са/
фото: Општина Кисела Вода.