Делчевскиот Здравствен дом доби донација – ново санитетско возило со комплетна медицинска опрема
- Делчевскиот Здравствен дом доби донација – ново санитетско возило со комплетна медицинска опрема. Донацијата е од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), а лично ја предаде директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, на директорката на Здравствениот дом, Билјана Ѓеоргиевска. Ангелов, нагласи дека донацијата произлегува од одговорен пристап кон расположливите ресурси на институцијата.
Делчево, 13 ноември 2025 (МИА) – Делчевскиот Здравствен дом доби донација – ново санитетско возило со комплетна медицинска опрема. Донацијата е од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), а лично ја предаде директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, на директорката на Здравствениот дом, Билјана Ѓеоргиевска. Ангелов, нагласи дека донацијата произлегува од одговорен пристап кон расположливите ресурси на институцијата.
– Според моето видување, како раководител на Дирекцијата за заштита и спасување, утврдив дека постои одреден број ресурси кои не се целосно или воопшто искористени од страна на Дирекцијата, меѓу нив и ова големо возило, кое нам веќе не ни беше неопходно. Затоа одлучивме да го отстапиме, односно да го предадеме на Здравствениот дом во Делчево, каде што има реална потреба од него. Добро е. Користете го што повеќе. Се надевам дека ќе служи добро и дека ќе им помогне на сите кога ќе има потреба. Нека е честита донацијата! Благодарност и честитки на сите што учествуваа, рече Ангелов.
Директорката на Здравствениот дом во Делчево, Билјана Ѓеоргиевска, изрази благодарност за донацијата и потенцираше дека возилото веднаш ќе биде ставено во функција.
– Благодарна сум на Дирекцијата за заштита и спасување за оваа донација. Ова е теренско возило, комби, кое е опремено и веднаш ќе биде ставено во функција за потребите на итната медицинска помош и за здравствената заштита на граѓаните. Особено ни е важно, бидејќи со ова ќе се подобри пристапноста до пациентите кои живеат на тешко пристапни места во општината. Со ова ќе се подобрат условите за работа и ќе се зголеми квалитетот на пружањето здравствена заштита, истакна Ѓеоргиевска.
Таа додаде дека со ова возило Итната медицинска помош во Делчево сега располага со вкупно пет санитетски возила, што ќе придонесе за подобра покриеност на теренот, побрз транспорт на критичните пациенти и поефикасна здравствена заштита во регионот.
На настанот присуствуваше и градоначалникот Иван Гоцевски, кој истакна дека ова е прва донација што Делчево ја добива од Дирекцијата за заштита и спасување и дека има големо значење за унапредување на здравствените услуги во општината.
– Со цел унапредување на здравствената заштита во нашиот град, како Општина се грижиме од сите аспекти да помогнеме и на здравствените работници, но и на нашите сограѓани. Затоа, вчера и официјално ја предадовме на Здравствениот дом и опремата од проектот поврзан со телемедицината, која носи огромен бенефит за повозрасната категорија граѓани, посебно од руралните средини, рече Гоцевски.
Тој истакна дека на ваков начин секоја институција од свој аспект заедно во интерес на граѓаните може да гради посигурна и похумана заедница. вс/мд/
Фото: МИА