Гутереш предупреди дека кризата во Конго може да го зафати целиот регион
- Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека борбите во Демократска Република Конго меѓу бунтовниците и владата може да се прошират во целиот регион, јави ДПА.

Њујорк, 7 февруари 2025 (МИА) - Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предупреди дека борбите во Демократска Република Конго меѓу бунтовниците и владата може да се прошират во целиот регион, јави ДПА.
Кон крајот на минатиот месец, групата М23 го нападна градот Гома во провинцијата Северен Киву и на крајот го освои по неколкудневни борби против војската.
Бунтовниците, за кои експертите велат дека се поддржани од соседна Руанда, со години се активни во источниот дел на ДР Конго и веќе презеле контрола врз големи делови од провинцијата Северен Киву, богата со ресурси.
„Се наоѓаме во клучен момент и време е да се обединиме за мир“, рече Гутереш во Њујорк, повикувајќи на „активна и конструктивна улога на сите играчи“.
„Конфликтот продолжува да беснее во Јужно Киву и може да го зафати целиот регион“, предупреди Гутереш.
Генералниот секретар на ОН додаде дека за кризата во Демократска Република Конго ќе се разговара на самитот на лидерите на Источноафриканската заедница и Јужноафриканската заедница за развој, што ќе се одржи денеска во Танзанија, а ќе биде централна тема на самитот на Советот за мир и безбедност на Африканската унија во Адис Абеба, што ќе се одржи следната недела.
Советот за човекови права на ОН денеска ќе расправа и за насилството во источниот дел на ДР Конго. паг/
Фото: МИА архива