Грчко МНР за изјавата на Мицкоски во Њу Џерси: Македонското прашање е решено дефинитивно и неотповикливо (ДПЛ)
- Во неговата изјава во Њу Џерси, САД, премиерот на Северна Македонија одбра да зборува за „нерешено“ и „постоечко“ македонско прашање. Ова, претставува провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 23 јануари 2025 (МИА) – Во неговата изјава во Њу Џерси, САД, премиерот на Северна Македонија одбра да зборува за „нерешено“ и „постоечко“ македонско прашање. Ова, претставува провокација за Грција, во обид да го врати во преден план прашањето што е решено, како што е познато, дефинитивно и неотповикливо, соопштија од Министерството за надворешни работи на Грција за изјавата на премиерот Христијан Мицкоски, јави дописничката на МИА од Атина.
- Грција потсетува дека за дополнителниот напредок во билатералните односи со Северна Македонија и непреченото продолжување на европскиот пат на соседната земја предуслов е целосното почитување на Договорот од Преспа и секако воздржување од иредентистички декларации и претензии кон соседните земји, пишува во соопштението од грчкото МНР.
Реакцијата од грчкото МНР доаѓа по изјавата на премиерот Мицкоски од САД во која рече дека „треба да победуваме и во Вашингтон, Брисел, Берлин, Лондон, Париз, Рим и други светски метрополи ако сакаме македонското прашање конечно да добие своја разврска бидејќи тоа не е решено, тоа со векови тлее и трае и сè уште постои“.
Изјавата на премиерот ја пренесоа голем дел од грчките медиуми, коментирајќи дека „Мицкоски провоцира“ и говори за „нерешено прашање“.
Со реакција излегоа и од опозициската СИРИЗА во која велат дека „ги осудуваат изјавите на премиерот на Република Северна Македонија“ и ја повикуваат Владата на Мицотакис „динамично да реагира на ова ново провокативно дејствие“, за кое посочуваат дека е „во спротивност со Договорот од Преспа“.
- Ги повикуваме премиерот на Северна Македонија и сестринската партија на Нова демократија во ЕПП, ВМРО, конечно да разберат дека континуираните прекршувања на Договорот од Преспа и националистичките изјави што ги даваат го кршат и меѓународното право и европското законодавство и ќе имаат сериозни последици и во билатералните односи и во европската перспектива на Северна Македонија, пишува во соопштението од СИРИЗА.
Паралелно, упатуваат критики и до актуелната грчка Влада дека „со големо задоцнување на штета на националните интереси, дури и индиректно, ја препознава важноста на Договорот од Преспа“, но и дека треба „да ги препознае и тешките одговорности што ги сноси“ и поради тоа што „сите овие години избегнуваше секаква активна инволвираност со Договорот“.
За реакцијата од официјална Атина, портпаролката на македонската Влада Марија Митева на денешната прес-конференција рече дека „нема што повеќе да додадат од она што веќе премиерот го кажа“. ср/ац/