Гроси загрижен поради зголемениот број напади околу нуклеарната централа Запорожје
- Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска изјави дека е загрижен поради зголемениот број напади околу нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, во јужна Украина.

Москва, 7 февруари 2025 (МИА) - Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) денеска изјави дека е загрижен поради зголемениот број напади околу нуклеарната централа Запорожје, окупирана од Русија, во јужна Украина.
„Безбедносната ситуација останува многу тешка. Покрај тоа, бевме сведоци на сè почести напади [на нуклеарната постројка]“, рече шефот на МААЕ.
Гроси ги даде своите коментари по средбата со шефот на руската агенција за атомска енергија Росатом, Алексеј Лихачев, во Москва.
Тој не сакаше да коментира кој е одговорен за нападите врз нуклеарниот објект.
Пред посетата на Москва, Гроси беше и во Украина, каде предупреди на опасност од нуклеарна несреќа поради постојаните напади на Русија врз енергетската мрежа на Украина.
Нуклеарната централа во регионот Запорожје беше окупирана од руски војници непосредно по почетокот на војната пред речиси три години. Неколку обиди на Киев да ја врати централата не успеаја.
Украинските и руските војници постојано се обвинуваат меѓусебно за гранатирање на објектот, кој се наоѓа во непосредна близина на линијата на фронтот. рп/
Фото: МИА архива