• петок, 05 декември 2025

Гоцевски: Заеднички ќе работиме со Центарот за развој на Источно-планскиот регион за забрзан и одржлив развој на Делчево

Гоцевски: Заеднички ќе работиме со Центарот за развој на Источно-планскиот регион за забрзан и одржлив развој на Делчево

Делчево, 5 ноември 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Делчево, Иван Гоцевски, денеска оствари конструктивна работна средба со директорот на Центарот за развој на Источно-планскиот регион, Трајче Здравков.

На средбата се разговараше за унапредување на соработката меѓу Општина Делчево и Центарот, за тековните и планираните проекти на Центарот за 2026 година, како и за фондовите кои ќе бидат на располагање на општините во наредниот период.

Градоначалникот Гоцевски ги претстави приоритетите за развој на Општина Делчево што се планираат да се реализираат во следниот период, со цел забрзан и одржлив развој на општината.

– Изразувам благодарност до директорот Здравков за неговата иницијатива да ја посети Општина Делчево, да се запознае со нашите планови и состојби, и заеднички ја потврдивме заложбата за активна и континуирана соработка во интерес на граѓаните и на целиот регион, изјави градоначалникот Гоцевски.

Според директорот Здравков, Центарот за развој на Источно-планскиот регион останува посветен на рамномерниот регионален развој и поддршка на сите 11 општини во регионот. вс/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан